Топ
Автомобил прегази пешак кај Виница

Осумдесет и двегодишен маж од виничкото село Грлјани вчера почина кога во него удри автомобил на локалниот пат с. Јакимово, Виница. Несреќата се случила на влезот на просторот за паркирање возила, а возилото го управувал М. Ј. (29) од с. Лаки, Виничко.
Во незгодата М. Ј. добил тешки телесни повреди и бил пренесен во болницата во Кочани, а потоа во Клиничкиот центар Штип, каде што околу 18.50 часот починал.
Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Виница. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сите хоспитализирани од пожарот во Виница се во стабилна здравствена состојба, соопшти МЗ

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Осум лица, вработени во фабриката, биле на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.
Свет
Се урна покрив на супермаркет во Германија, двајца се тешко повредени

Две лица се тешко повредени, а уште двајца се со полесни повреди при делумно уривање на покрив на супермаркет во Лаухринген, Југозападна Германија, во близина на границата со Швајцарија, соопшти полицијата, пренесува ДПА.
Инцидентот се случил вчера околу 17:45 часот по локално време во делот на супермаркетот каде се наоѓала контролната сала, во квартот Валдшут.
Причините за уривањето се уште се истражуваат, а не е познато колку купувачи биле во продавницата во моментот на несреќата.
Свет
Руските сили извршија нов масовен напад врз повеќе региони во Украина, меѓу загинатите е и бебе

Руските сили ноќеска извршија нов масовен напад врз повеќе региони во Украина, меѓу кои и главниот град Киев, каде е погодена главната зграда на украинската влада. Во нападот, како што соопштија утрово украинските власти, убиени се три лица, меѓу кои и едно бебе.
Според извештатите, Киев бил цел на напади со беспилотни летала и ракети истрелани од Русија, а покрај убиените, во нападот се повредени и 18 лица, а десетици згради биле опожарени.
Ова е првпат зграда на украинската влада да биде оштетена во руски напад од почетокот на војната.