Топ
Автомобил удри во 10-годишно девојче на патот Мелнички Мост-Центар Жупа

Десетгодишно девојче е тешко повредено кога вчера во неа удрил автомобил на регионалниот пат Мелнички Мост-Центар Жупа. Во несреќата девојчето добило сериозни повреди по што било пренесено во комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициската станица Дебар. Се работи на расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Жена спасена по 60 часа под урнатините, најмалку 1.700 загинати во земјотресот во Мјанмар

Три дена по силниот земјотрес што го погоди Мјанмар, властите проценуваат дека загинале најмалку 1.700 луѓе.
Спасувачките тимови се обидуваат да пронајдат уште преживеани под урнатините на зградите во Мјанмар и Тајланд, а во заедничка петчасовна спасувачка операција спроведена од кинески, руски и локални тимови, една жена е спасена по 60 часа под урнатините на хотелот Great Wall во градот Мандалеј, јавува Ројтерс.
Во објава на Фејсбук од кинеската амбасада во Мјанмар утринава се вели дека спасената жена е во стабилна состојба.
Во шест региони на Мјанмар е прогласена вонредна состојба по разорниот земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала.
Во исто време, спасувачките тимови во главниот град на Тајланд, Бангкок, продолжуваат со фанатична потрага по луѓе кои се уште се водат како исчезнати во урнатините на урнатата кула од 30 ката, јавува Франс 24.
Во Бангкок, според денешните официјални податоци на градската власт, загинале најмалку 18 лица, 33 се повредени, а 78 се водат како исчезнати.
Светската здравствена организација (СЗО) е на терен во двете земји, обезбедува итна помош и ги координира операциите за спасување, изјави во Женева портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ.
Македонија
Христијан Стојанов е уште едно младо момче што влезе во „Пулс“ за да спасува луѓе: „Обезбедувањето ни помогна многу“

Осумнаесетгодишниот Христијан Стојанов е уште еден херој од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој не размислувајќи за сопствениот живот влегол во оган за да спасува луѓе.
Тој е ученик во средното текстилно училиште во Штип, и за штипската телевизија „Тв Стар“ зборуваше за сето она што го доживеал ноќта на 16 март – за спасувањето животи, помошта од обезбедувачите, деновите поминати во болница и траумата со која се соочува.
Тој бил надвор од дискотеката кога го здогледал огнот. Во моментот се сетил дека неговиот братучед е внатре.
„Кога ја видовме глетката пред дискотеката, се погледнавме со мојот близок другар Давид Симонов и знаевме дека треба да влеземе внатре. Не се сеќавам како успеав да ја натопам маицата, но ја ставив на устата и влегов внатре. Се обидувавме да извадиме што повеќе луѓе. Оние кои беа живи не можеа да излезат од чадот што им ги печеше очите. Им подававме рака и ги влечевме надвор. Оние кои беа онесвестени ги носевме пред дискотеката. Имаше надвор луѓе кои што немаа храброст да влезат внатре во диското, но ги преземаа повредените пред влезот, па ги носеа на страна да пробааат да ги освестат или да ги однесат в болница“, раскажа младиот Стојанов.
Рече дека внатре имало повеќе негови познаници, но во тој момент не размислувал дали да спасува некој што го познава или не, само се трудел да спаси што повеќе луѓе.
Вели дека бројот на загинатите ќе бил уште поголем без обезбедувањето кои им помагало за сето тоа време.
„Ни кажуваа од каде да одиме да ги извлекуваме луѓето и сето тоа се правеше со нивна помош“, раскажа Стојанов.
Кога стигнал пред дискотеката, вратата повеќе не била блокирана, тоа се случувало пред да стигне.
Стојанов вели и дека му починале блиски другари кои биле при свест, но не издржале. Денови по пожарот не можел да заспие од глетките.
Тој поминал десет дена во болница во Скопје. По враќањето од „Пулс“ дома снемал воздух, а во главниот град секојдневно примал терапија, инфузии, бил постојано на кислородна поддршка. Во Скопје имало и психолог и психијатар со кои разговарале.
Стојанов по се’ е горд на себе што успеал да извади некои луѓе кои останале живи и не очекува ништо за возврат, оти, како што вели, во прашање се човечки животи.
Претходно беше споделено сведочење и од 19-годишниот Јован Костадинов, кој зборуваше за спасувачките напори, кобната ноќ во која 59 луѓе го загубија животот.
Македонија
Подобрена е состојбата кај двајца пациенти кои се лекуваат во Солун, од интензивна нега преместени се на пластика

Министерството за здравство информира дека нема промени во бројот на хоспитализирани пациенти од вчера, во Скопје вкупно се лекуваат 16 пациенти и се во добра општа состојба. Од нив по 6 се во стара градска и ГОБ 8 Септември и 4 во клинички центар.
На Клиника за токсикологија во последните 24 часа се примени 4 пациенти од странство и по направените токсиколошки анализи се пуштени на домашно лекување. Сите се во добра општа состојба.
Во текот на вчерашниот ден кај двајца пациенти од Солун има одредено подобрување и се екстубирани, од интензивна нега се преместени на оддел за пластична хирургија. Кај останатите пациенти состојбата е непроменета од вчера.
За денес нема најава за враќање други пациенти од странство.
Министерството за здравство и понатаму внимателно ја следи состојбата на повредените пациенти и останува во комуникација со медицинските тимови во земјата и странство и остануваме посветени на обезбедување најдобра можна нега за повредените од несреќата во Кочани.