Топ
Бебето на 19-годишната струмичанка која се породи дома е пронајдено мртво

Бебето на 19-годишната струмичанка која завчера се породила дома е пронајдено мртво, соопшти Министерството за внатрешни работи. Вчера од таму соопштија дека во неделата во болница во Струмица била хоспитализирана девојка која се породила, но немаше информации за бебето.
„Во неделата околу 23:30 часот во СВР Струмица лекар од болницата во Струмица пријавил дека кај нив била хоспитализирана 19-годишна девојка од Струмичко и по извршениот преглед, било констатирано дека претходно се породила, а при преглед на домот на повеќе места биле пронајдени докази кои укажуваат дека имало породување. Ве известуваме дека е направен увид од страна на полициски службеници и јавен обвинител и пронајдено е починато тело на новороденче“, велат од МВР.
По наредба на Јавен обвинител, телото на бебето е предадено на обдукција. Земени се примероци од крв за анализа од мајката, членови на семејството и мажот со кој девојката била во љубовна врска. По насоки на Јавниот обвинител, се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Македонија добива современ и сеопфатен план за дигитален развој

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ја претстави новата Национална стратегија за информатичко-комуникациски технологии – „СМАРТ/МК 2030“, со што, како што кажа, Македонија, по осум години, конечно добива современ и сеопфатен план за дигитален развој.
„Овој документ претставува патоказ за тоа како нашата држава ќе ја оствари својата дигитална иднина – усогласена со европските вредности и стандарди за Дигитална декада 2030, но и македонската визија и потреби“, истакна министерот Андоновски.
„СМАРТ/МК 2030“ е национален документ, дел од поширока европска дигитална агенда за развој. Како земја кандидат, Македонија ја прифаќа рамката на Европската дигитална декада, која предвидува четири цели до 2030 година: дигитално обучени граѓани и квалификувани ИКТ експерти, безбедна и поврзана инфраструктура, дигитализирани јавни услуги и дигитално интегрирани бизниси.
„Нашата стратегија директно ги следи овие европски приоритети. Таа ја зајакнува институционалната конвергенција со земјите членки, создава можности за учество во европските дигитални програми, и овозможува пристап до финансиски инструменти и техничка помош од Европската Унија. Со неа, стануваме активен дел од Европската дигитална заедница – како партнер што придонесува со сопствени знаења, решенија и иновации“, рече министерот Андоновски.
Додаде дека оваа стратегија е резултат на широк и инклузивен процес. Се одржаа десетици јавни расправи и online консултации. Во нејзината подготовка беа вклучени над 300 експерти, институции, стопански комори, невладини организации, универзитети и претставници од ИКТ индустријата.
„Секоја препорака, секоја мерка и секој приоритет произлегува од заеднички консензус – како да изградиме дигитална Македонија што ги обединува сите општествени сектори“, рече Андоновски.
Свет
Нема моќно оружје за Украина: Трамп ја менува приказната по разговорите со Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп денес ќе го угости украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, но има сè повеќе знаци дека тој сè уште не е подготвен да се согласи за продажба на ракетниот систем со долг дострел „Томахавк“, кој Украина очајно го бара, објавува „Вашингтон пост“.
Зеленски се среќава со Трамп еден ден откога американскиот претседател имаше двочасовен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина.
Во последните денови Трамп изрази подготвеност да ѝ продаде на Украина крстосувачки ракети со долг дострел „томахавк“, иако Путин предупреди дека таков потег дополнително ќе ги влоши односите меѓу Вашингтон и Москва.
Но, по вчерашниот разговор со Путин, Трамп ја намали можноста Украина набргу да го добие оружјето, кое има дострел од приближно 1.600 километри. „И на Соединетите Американски Држави им се потребни ракетите ‘томахавк’“, рече Трамп. „Имаме многу од нив, но и нам ни се потребни. Не можеме да ја исцрпиме сопствената земја“.
Trump said he told Putin: “You wouldn’t mind if I gave a couple thousand Tomahawk missiles to your opposition?” — adding that the Russian leader didn’t like the idea. pic.twitter.com/hYainBXRW9
— KyivPost (@KyivPost) October 16, 2025
Тој исто така рече дека му ја споменал на Путин можноста Украина да ги добие овие ракети. „Го прашав: Дали би ви пречело ако им дадам неколку илјади ‘томахавки’ на вашите противници?“, им раскажа Трамп на новинарите. Тој додаде дека Путин „не бил задоволен што ја слушнал оваа идеја“.
Зеленски со месеци бара оружје што ќе им овозможи на украинските сили да напаѓаат длабоко на руска територија и да погодат клучни воени, енергетски и инфраструктурни цели. Украинскиот претседател вели дека ваквите напади ќе го принудат Путин посериозно да ги сфати повиците на Трамп за директни разговори за завршување на војната.
Но, Путин, според неговиот советник за надворешна политика, Јуриј Ушаков, го предупредил Трамп за време на разговорот дека снабдувањето на Киев со овие ракети „не само што нема да ја промени ситуацијата на бојното поле туку ќе предизвика и сериозна штета на односите меѓу нашите земји“.
Денешната средба ќе биде четврта меѓу Трамп и Зеленски откога републиканскиот претседател се врати во Белата куќа во јануари, а втора за помалку од еден месец.
Трамп, по разговорите со Путин, објави дека набргу ќе се сретне со рускиот претседател во Будимпешта за да разговараат за начините за завршување на војната. Двајцата лидери исто така се согласија да одржат состанок следната недела со нивните врвни советници, вклучувајќи го и американскиот државен секретар, Марко Рубио.
По посредувањето за прекин на огнот и размена на заложници меѓу Израел и Хамас минатата недела, Трамп рече дека наоѓањето решение за војната во Украина сега е негов врвен приоритет во надворешната политика и изрази нова доверба дека е можен договор.
Пред разговорите со Путин, Трамп беше сè повеќе фрустриран од рускиот лидер. Минатиот месец тој рече дека верува оти Украина може да ја врати целата територија изгубена во војната – значително отстапување од неговите претходни повици до Киев да направи отстапки за да го заврши конфликтот. Но, по разговорите со Путин, Киев сигурно ќе биде оладен од сознанието дека Трамп не е подготвен да го испрати моќното оружје.
фото: принтскрин
Македонија
(Фото) Министерот за здравство се вакцинира против грип: Апелирам граѓаните навреме да се заштитат

Министерот за здравство Азир Алиу денеска го посети одделението за епидемиологија во Гостивар, каде и тој прими вакцина против сезонскиот грип.
„Денес сум во мојот роден Гостивар, каде што се вакцинирав и преку личен пример сакам да ја истакнам важноста од навремената вакцинација како најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето. Апелирам граѓаните навреме да се заштитат од сезонскиот грип, особено ги повикувам лицата што спаѓаат во ризични групи да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или кај својот матичен лекар“, истакна при посетата министерот Азир Алиу.
На ниво на држава досега се пријавени речиси 49.000 граѓани за вакцинација против сезонскиот грип. Првиот ден се вакцинирани над две илјади лица.
„Ова е навистина голем интерес, што покажува зголемена свесност за значењето за заштита од грип и уште еднаш ги потврдува важноста и потребата од оваа превентивна мерка. Министерството годинава набави најголем број вакцини против сезонскиот грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија“, истакна Алиу.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, како што се повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.