Топ
Бебе најдено на улица во Топанско поле

Новороденче вчера било најдено на тротоар во скопската населба Топанско поле. Случаен минувач, кој го видел новороденчето, веднаш пријавил во полиција, по што бебето било пренесено во комплексот клиники.
„На Клиниката за детски болести вчера со возило на Итна медицинска помош е донесено новороденче најдено во една скопска населба. Се работи за машко новороденче, со родилна тежина 2.400 грама, згрижено е на одделот за неонатологија, неговата здравствена состојба е добра, преземени се сите неопходни мерки во вакви случаи“, соопштиј од детска клиника.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Свет
Поради гладување 90.000 жени и деца итно имаат потреба од медицинска интервенција во Газа

Секој трет жител на Појасот Газа со денови не добива храна, предупреди Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации. Во последното соопштение се наведува дека 90.000 жени и деца итно имаат потреба од медицинска интервенција поради тешка неухранетост.
Според Министерството за здравство во Газа, само вчера починале уште девет лица од глад, со што бројот на жртви од неухранетост од почетокот на конфликтот достигна 122.
Израел, кој го контролира влезот на сите залихи во Газа, повторува дека не постои блокада и ја обвинува Хамас за лошата распределба на ресурсите.
Меѓународната заедница, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија, побара итно олеснување на влезот на помошта, а генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш остро ја осуди „рамнодушноста и недостигот на човечност“ во глобалниот одговор на кризата.
Македонија
Големиот пожар кој избувна попладнево во близина на Струмица е под контрола

Големиот пожар кој избувна попладнево во близина на Струмица меѓу Градските гробишта и селото Баница и зафати огромна површина и со голема брзина се ширеше кон месноста Софилар и куќите во тој дел на градот е ставен под контрола, објави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ), Стојанче Ангелов.
Според него, големиот и црн чад излегува од склад во чиј двор од пожарот се зафатени гуми, а пожарникарите не дозволуваат пожарот да се шири кон селото Баница, градот и викендички во овој простор.
-Пожарот се движи во неколку насоки и има големи шанси да биде ставен под целосна контрола. На едно место навлезе делумно во Гробиштата во Струмица, зафати неколку квадратни метри и тука е запрен. Нема потреба од вознимереност и паника. Струмичките пожарникари побараа помош од соседните противпожарни единици, а доаѓаат и два „пинцгауери“ на ДЗС, а во случај на лош развој на настаните ќе упатиме и „ер трактори“. Во овој момент нема таква потреба, иако едниот „ер трактор“ превентивно е упатен кон Струмица, рече Ангелов во изјавата за медиумите објавена од местото на пожарот.
Соред командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, се работи за пожар од големи размери, кој засега го гаснат 30 пожарникари и 10 возила, а побарана е помош од пожарникарите од Валандово и вклучување на хеликоптер.
Од СВР Струмица попладнево упатија апел до граѓаните да не се движат во делот зафатен со пожар, а лицата кои се затекнати таму веднаш да го напуштат подрачјето.