Топ
Велешанец ја дрогирал сопругата и ја принудувал на проституција

Велешанец ја дрогирал сопругата и ја принудувал на проституција за пари. Ја принудил да има сексуални односи со неколку лица во ист ден за што наплаќал.
Насилството траело цели шест години.
„Во периодот од 2016 до октомври 2022 година 45-годишниот велешанец во повеќе наврати вршел семејно насилство врз својата сопруга, така што со примена на сила, тепајќи ја и давајќи ѝ наркотични дроги, ја наведувал на проституција. Тој се договарал со разни лица и ја носел жената во Кавадарци, каде што ја принудувал да има сексуални односи со неколку лица во ист ден за што им наплаќал парични средства“, соопшти Обвинителството.
Имајќи предвид дека во конкретниот случај постојат околности што упатуваат на можност осомничениот да се даде во бегство, особено со оглед на високата казната предвидена за ова кривично дело во траење од најмалку 10 години, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одбележан 18 Август – Денот на Армијата

Во присуство на највисокото државно и воено раководство, во касарната „Јане Сандански“-Штип, се одржа централната свеченост за воениот празник „18 Август – Денот на Армијата“. На свеченоста беа построени ешалони од сите првопотчинети команди и единици на Генералштабот на Армијата, ешалони составени од новопромовираните офицери и подофицери во Армијата, а беше изложено и вооружување и опрема од Армијата.
На централната свеченост се обратија: претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање наведе: „Повеќе од три децении Армијата ја пишува својата приказна како востински custos patriae, чувар на татковината.“, притоа истакнувајќи: „Нашата Армија е столб на мирот и стабилноста, од придонесот во мировната мисија УНИФИЛ до ангажманот во мисијата КФОР, каде во ноември 2020 година македонските мировници го достигнаа највисокото ниво на НАТО одговорност. Денес, над 180 армиски припадници под македонското знаме се вклучени во мировни мисии и операции.“
Во ова прилика, претседателката се наврати на предизвиците на денешницата потенцирајќи дека живееме во едни од најнестабилните, најнепредвидливите и најнесигурните времиња, а тоа ја нагласува важноста за самоодржливост, зајакната способност за одвраќање, адаптирање на националните капацитети за кризен менаџмент со оние на НАТО за да бидеме компатибилни со европската безбедност.
Министерот Мисајловски пред присутните им се заблагодари на сите жени и мажи во униформа, сите вработени во одбраната кои имаат свој придонес во развојот на Армијата која е „организирана, високо професионална, исклучително почитувана.“ Тој порача дека столбовите на кои се гради македонската Армија и одбранбените сили стојат цврсто.
„Македонската одбрана инвестира во развојот, се опремува и модернизира, и многу важно – таа се подмладува и пополнува. Тоа е гарант дека нашата сила и способност да бидеме темел на државата денес, ќе биде реалност и во иднина“, заклучи Мисајловски пред државно – воениот врв.
Во своето обраќање началникот на Генералштабот на Армијата наведе: „Армијата, отсекогаш била еден од најважните столбови на државата, таа е симбол на извонредност и професионализам“, притоа ја потенцираше довербата што Армијата континуирано ја ужива кај граѓаните.
Генералот истакна дека во минатиот период Армијата напорно работеше, а со јасното поставување на приоритетите значително ги подобри борбените функции и борбената готовност. За идните чекори на Армијата, генералот нагласи: „Периодот кој следи го посветуваме на постојано зголемување на обученоста, подготвеноста и извежбаноста на сите нивоа на командување и контрола, имплементирајќи ги лекциите од современите војувалишта.“ На крајот на своето обраќање генералот Лафчиски повика заеднички да се продолжи со градење на Армијата како модерна и доверлива сила, сила на мирот, стабилноста и достоинството.
Во рамките на свеченоста, претседателката Сиљановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со „Орден за воени заслуги“. Орденот е доделен за извонредни успеси во исполнувањето во основната мисија – организација, подготовка и реализација на обука со питомците и кандидатите за офицери во Армијата, како и за особениот стратешки и долготраен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на Армијата преку вложување во образованието и едукација на питомци и кандидати за офицери, со што се изградени генерации посветени и професионални воени лидери.
На централната свеченост присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено-дипломатскиот кор, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, генералите во Армијата, претставници од локалната самоуправа, претставници на организации со кои соработува Армијата, пријатели и роднини на новопроизведените потпоручници и други гости.
Свет
(Видео) Зеленски објави видео од нападите врз Украина: „Војната мора да заврши. И Москва мора да го чуе зборот: „Стоп“.“

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, остро реагираше на ноќните руски напади низ Украина, велејќи дека тие јасно ги демонстрираат намерите и пристапот на Москва кон војната.
Во своето обраќање, Зеленски рече дека руските сили ги таргетирале станбените згради и клучната цивилна инфраструктура во неколку региони.
„Дури и во овој момент, Русите ги напаѓаат Харков, Запорожје, Сумскиот регион и Одеса, уништувајќи станбени згради и нашата цивилна инфраструктура. Русите намерно убиваат луѓе, особено деца. Досега, седум лица се убиени во напад со беспилотно летало во Харков, најмладото е девојче на возраст од само една и пол година, а десетици се повредени, вклучувајќи деца“, рече Зеленски.
„Во Запорожје, ракетните напади повредија 20 лица, а убија три. Мое сочувство до семејствата и најблиските на сите жртви.“
Тој особено го истакна нападот врз енергетскиот објект во Одеса, подвлекувајќи ги неговите пошироки импликации. „Исто така, имаше намерен руски напад врз енергетски објект во Одеса, во сопственост на азербејџанска компанија, што имплицира дека тоа бил напад не само врз нас, туку и врз нашите односи и енергетска безбедност“, објасни тој.
Пред состанокот во Вашингтон, Зеленски ги поврза нападите со денешниот важен дипломатски состанок во Вашингтон, чија главна тема е токму завршувањето на војната.
„Тие се свесни дека денес во Вашингтон се одржува состанок на кој ќе се разговара за завршувањето на војната. Ќе разговараме со претседателот Трамп за клучните прашања. Покрај Украина, во разговорот ќе учествуваат и лидерите на Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија, Финска, Европската Унија и НАТО. Сите бараат достоинствен мир и вистинска безбедност“, рече украинскиот претседател.
Тој предупреди дека „руската воена машина продолжува да уништува животи и покрај сè“ и дека „Путин ќе изврши демонстративни убиства за да го одржи притисокот врз Украина и Европа, како и да ги понижи дипломатските напори“.
Затоа тој упати јасен апел за помош и безбедносни гаранции.
„Токму затоа бараме помош за да се спречи убивањето. Затоа се потребни сигурни безбедносни гаранции. Затоа Русија не треба да биде наградена за нејзиното учество во оваа војна“, нагласи Зеленски, завршувајќи со порака упатена директно до Москва:
„Војната мора да заврши. И Москва мора да го чуе зборот: „Стоп“.“
фото: принтскрин
Македонија
(Видео) Манасиевски: 205 илјади евра од Еразмус + со СДС завршија кај брат на нивен пратеник за дресирање магариња

205 илјади евра од Еразмус + со СДС завршија кај брат на нивен пратеник за дресирање магариња и правење сирење. СДС си ја користеше Еразмус + како своја приватна фондација. Да ја потсетиме јавноста и за скандалот во кој Димова и Заев доделија два проекти на братот на пратеникот Диме Велковски во висина од над 200 илјади евра, обвини Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, СДС и Заев преку Димова и Еразмус + доделиле неверојатни 83 илјади евра за дресура на магариња.
„Нешто невидено и невообичаено, но сепак за СДС и нивното владеење, ништо ново. Проектот беше доделен на брат на пратеникот на СДС, Диме Велковски. СДС тука не запреа, покрај дресурата на магариња, доделија и дополнителни 125 илјади евра од Агенцијата Еразмус +, токму на братот на пратеникот Диме Велковски за проектот „Избери сирење’’. Заев и СДС преку Димова се изживуваа и го цедеа Буџетот на Агенцијата Еразмус +. Проекти се делеа на ним блиски луѓе, на судии, професори, браќа на пратеници. Ниту еден проект не помина незабележителен од страна на Европската заедница и од јавноста. Тоа говори дека СДС, Димова и Заев, не си ја вршеле чесно работата. Затоа е тука и обвинителството кое воедно повторно го повикуваме наместо да ги штити нивните платеници, да ја донесе конечно правдата во државата’, рече Манасиевски.