Топ
(Видео) Пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога во вредност од речиси 200.000 евра, приведени шест лица
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, РЦ „Југ“ и Единицата за брзо распоредување во рамките на Одделот за специјални полициски операции, во полициска акција уапсија шест лица и запленија 67,5 кг марихуана, вредна речиси 200.000 евра.
„На 12.10.2021, во попладевните часови, од страна на полициските службеници во непосредна близина на граничниот премин Богородица, при обид нелегално да пренесат две торби со марихуана во количина од 67,5 кг, биле лишени од слобода Л. М. (44) и А. М. (36), двајцата албански државјани. Во рамките на истрагата беа обезбедени докази за инволвираност на уште 4 лица, од кои уште двајца албански државјани и двајца државјани на Република Северна Македонија.

Набргу потоа, во близина на с. Стојаково, лишен е од слобода Т. Х. (38) од Р. Албанија, а по извршен претрес во домот на В. Д. (41) од с. Стојаково, каде што бил затекнат и Е .Б. (29) од с. Попчево, Струмичко, од слобода биле лишени и овие две лица. Шестиот член на криминалната група А. К. (37), албански државјанин, кој беше во бегство, е лишен од слобода денеска околу 13.30 часот на подрачјето на Кичево“, соопшти МВР.

Од страна на МВР во текот на денешниот ден до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против шесте лица ќе биде поднесена пријава за сторено кривично дело по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Несреќата кај Плетвар во која загинаа две лица се случила при претекнување, соопшти Обвинителството
Во врска со тешката сообраќајна несреќа што попладнево се случи на патот Прилеп – Росоман, во близина на Плетвар, дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп вечерва изврши увид на лице место.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло при претекнување и судар помеѓу два автомобили што се движеле во иста насока. Од ударот две лица го загубиле животот, меѓу кои и возачот на едното возило, додека петмина се здобиле со повреди и биле пренесени во болниците во Прилеп и Кавадарци.
Јавниот обвинител издал наредби за прибирање на траги од местото на настанот, како и за сообраќајно и машинско вештачење на двата автомобили со цел утврдување на причините за несреќата. Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, а кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол или други супстанции.
Надлежните институции продолжуваат со активности за целосно расветлување на околностите под кои се случила трагедијата.
Топ
Двajца загинаа во сообраќајка кај Плетвар, петмина повредени
Денеска околу 17 часот на патниот правец Прилеп-Росоман, во близина на селото Радобил, се случила тешка сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Во незгодата повредени се пет лица, од кои три се пренесени во болницата во Прилеп, а две во болницата во Кавадарци. Лекар констатирал смрт кај две лица, соопшти МВР.
Од 18 часот сообраќајот на овој потег се одвива по една коловозна лента со наизменично пропуштање на возилата.
Полицијата врши увид, по чие завршување јавноста ќе биде дополнително информирана за деталите од несреќата.
Топ
Очув и мајка осомничени за обљуба на малолетно девојче
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца сопружници за обљуба со злоупотреба на положбат.
Осомничениот очув на жртвата подолг временски период ја злоупотребувал својата положба и го наведувал на обљуба и други полови дејствија девојчето родено 2009 година кое му било доверено на чување и воспитување.
Кон дејствијата придонела и мајката на девојчето, која иако знаела, ниту го пријавила, ниту го спречила осомничениот во дејствијата. Со тоа не го заштитила детето од злоупотребите, иако девојчето во повеќе наврати барало помош од неа.
Предметниот јавен обвинител предложи на осомничениот очув да му биде определена мерка притвор, додека за осомничената мајка се предложени мерки на претпазливост. Јавниот обвинител ќе се координира со Центарот за социјални работи за да се преземат дејствија за згрижување на трите малолетни деца во семејството, вклучувајќи ја и жртвата.

