Топ
(Видео) Пресечен меѓународен транспорт на дрога во вредност од 200.000 евра

Пресечен e меѓународен транспорт на дрога во вредност од 200.000 евра, при што приведени се тројца државјани на Албанија.
Според информациите, тие пренесувале марихуана во количина од 65 килограми од Албанија, низ Македонија, а наменета за Грција, како крајна дестинација.
„Вчера во утринските часови, на регионалниот пат од Трпејца кон Стење, преку Националниот парк Галичица, биле сопрени две патнички возила, марка ‘мерцедес’, со албански регистарски ознаки, кои учествувале во вршењето транспорт на дрогата. При извршен преглед на возилата, од кои едното било управувано од К.К., каде како совозач бил М.Ф., а второто од Ф.Б., биле пронајдени и одземени 3 големи торби со марихуана, спакувана во 44 пакувања“, соопшти МВР.
Албанските државјани се приведени, а по насока на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Ресен, дрогата е предадена на вештачење, при што било утврдено дека станува збор за вкупно 65 килограми марихуана, а против трите лица ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во државата се регистрирани 23 пожари, 11 се активни, еден е под контрола, соопшти ЦУК

Центарот за управување со кризи соопшти дека до 19 часот на територија на државата регистрирани се вкупно 23 пожари на отворен простор од кои 11 се активни, а еден е под контрола.
До 19.00 часот регистрирани се вкупно 23 пожари на отворен простор, од кои 11 се активни, 2 се локализирани, 9 се изгаснати и 1 е под контрола.
Според ЦУК активни пожари има во Прилепско с. Бешиште (мешана шума), Македонски Брод – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица и с. Слатина (дабова шума и грмушки), Македонски Брод – с. Самоков (лесно запалив материјал), Дебарца-Струга – с. Волино кон с. Ливада, Охрид (ниска вегетација и жито),
Чашка – под Солунска глава, меѓу Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (чад во карпест терен),
Чучер Сандево – помеѓу с. Блаце и с. Чучер (мешана шума и ниска вегетација), Чучер Сандево – Кучевишка бара (ниска вегетација), Бутел – с. Лубанци (ниска вегетација), Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума), Кавадарци – с. Крушевица (ниска вегетација), Гостивар – автопат Гостивар-Тетово (ниска вегетација).
ЦУК информира и за локализирани пожари: Делчево – градска депонија, Желино – с. Ларце (ниска вегетација и грмушки).
„Под контрола е пожарот во Штип – с. Врсаково (жито).
Изгаснати се пожарите во Чучер Сандево – црква Св. Недела (ниска вегетација), Шуто Оризари – Њу Стар Хотел (депонија), Гази Баба – парк-шума „Гази Баба“ (ниска вегетација),Бутел – с. Лубанци (ниска вегетација), Пробиштип – с. Петршино (ниска вегетација и стрниште), Бутел – с. Визбегово (ѓубре), Велес – поранешна фабрика Порцеланка (ниска вегетација), Росоман – с. Сирково (ниска вегетација), Липково – с. Никуштак (ниска вегетација)“, соопшти ЦУК.
Македонија
Не е безбедна употребата на „БТР 80“ бидејќи се оперира низ стрмни и тесни улици со остри кривини, вели Ангелов по прашањата дали истите се користат за гаснење на пожари

Во текот на вчерашниот и денешниот ден, во гаснењето на пожарот во скопско, учествуваат еден Хермелин со цистерна од 6 тона и еден Пинцгауер од 1,5 тона на ДЗС, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, откако во јавноста беа поставени прашања дали истите се ставени во употреба за гасење на актуелните пожари.
„Бидејки се оперира низ населени места со стрмни и тесни улици со остри кривини сметам дека не е безбедна употребата на БТР 80. Две од овие возила подготвивме за транспорт во фабриката Самоков бидејки со 6 тонски резервоар за вода и моќна пумпа со домет до 100 метри можат значително да помогнат во одбрана на фабриката доколку за тоа се појави потреба. Но, бидејки пожарот беше ставен под контрола на потегот кон фабриката, одлучив истите да не се транспортираат таму“.
Возилата, појаснува Ангелов, се уредно тестирани од соодветни стручни лица и институции, со поминат технички преглед и се регистрирани на име на ДЗС.
„Сепак, како непосредно одговорен за овие специјални возила, дадов наредба да бидат тестирани и во реални услови. Затоа, учеството од овие и следните неколку денови ги сметам за тест возења, за тестирање на реалните можности на возилата, пумпите и посадите.
Откако ќе се увериме дека специјалните возила се доволно ефикасни и безбедни за употреба, во зависност од потребите на терен, нивниот број постепено ќе се зголемува.
Од дводневната употреба, слободно можам да кажам дека сум презадоволен од нивната ефикасност“, нагласува директорот на ДЗС.
Македонија
(Видео) Кризна состојба од 30 дена поради пожарите во државата, прогласи Владата

Портпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција соопшти дека во државата се прогласува 30 дневна кризна состојба поради ситуацијата со пожарите во државата.
Одлуката како што образложи Митева ја донела Владата по денешните состаноци и поради сложеноста на теренот, високите температури, силните ветрови и ризикот за животната средина.
„Ова на терен значи се овозможува интегриран пристап и координирано дејстување на сите надлежни институции, Армијата, полицијата, противпожарната, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресурси, човечки, технички, логистички, со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението“, посочи Митева.
Појасни дека Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја заради спречување поголеми последици.
„Државата ќе биде таму каде што е најпотребно“, додаде таа.
Ги повика граѓаните на максимална внимателност и почитување на забраните поради пожарите.