Топ
Возачот кој ја усмрти Фросина на „Партизанска“ возел под дејство на алкохол, без возачка и поминал на црвено светло

Дваесетгодишникот кој синоќа усмрти 22-годишна девојка на Партизанска, управувал возило на неговиот татко, без возачка дозвола, а бил и под дејство на алкохол.
Скопското Обвинителство донесе наредба за истражна постапка.
„Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фон дер Лајен со порака до Зеленски: Европа секогаш ќе ја поддржува Украина во нејзината потрага по мир

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Европа секогаш ќе ја поддржува Украина во нејзината потрага по мир.
„Можете да сметате на нашата поддршка на преговарачката маса за да постигнете праведен и траен мир“, напиша таа на официјалните социјални мрежи по средбата со Зеленски во Рим, каде што двајцата присуствуваа на погребот на папата Франциско.
Претседателката на ЕК додаде дека со украинскиот претседател разговарала и за чекорите што ги презема Киев за да го заслужи своето место во европското семејство.
Македонија
УХМР предупредува на пороен дожд, грмежи и можна појава на град

Попладневниот развој на нестабилна облачност донесе пороен дожд, грмежи и засилен ветер во западните планински предели, Охридско-Преспанскиот регион и Пелагонија. Локално имаше и услови за појава на град, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
До крајот на денот, нестабилното време ќе продолжи со променлива облачност, пороен дожд и грмежи на повеќе места низ државата, а ќе дува и засилен ветер.
Според прогнозите на УХМР, и утре времето ќе биде слично – променливо облачно со повремени врнежи од дожд и грмежи. На одредени места се очекуваат и поинтензивни процеси во форма на невреме, со обилен дожд, силен ветер и можност за изолирана појава на град. Минималните утрински температури ќе се движат меѓу 4 и 10 степени, а максималните дневни ќе достигнат од 15 до 23 степени.
Во Скопје, попладнето ќе донесе нестабилност со локални поројни врнежи и грмежи, проследени со засилен ветер и услови за појава на град. Температурите во главниот град ќе се движат од 9 до 23 степени.
Од УХМР најавуваат дека променливото и посвежо време ќе продолжи и во следните денови, со повремен локален дожд. Сепак, од вторник се очекува стабилизирање на временските услови, претежно сончево време со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст.
Свет
Позитивна средба меѓу Трамп, Зеленски, Макрон и Стармер – Доналд си заминал од Рим

На маргините од испраќањето на папата Франциск во Рим, претседателите на САД, Доналд Трамп, Украина, Володимир Зеленски, Франција, Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер остварија „позитивна“ размена на мислења за ситуацијата во Украина, соопшти Елисејската палата.
„Потврдувам дека имаше размена на мислења меѓу претседателот и Трамп, Зеленски и Стармер, што беше позитивно“, изјави советник од Елисејската палата.
Иако постоеше можност за нова средба помеѓу Трамп и Зеленски по церемонијата, американскиот претседател го напушти Рим без дополнителна средба, јавуваат агенциите.
Претходно, Зеленски и Трамп накратко се сретнале во базиликата „Свети Петар“, седејќи на две столчиња без советници околу нив. Белата куќа соопшти дека разговорот бил „многу продуктивен“, особено во контекст на обидите за ставање крај на конфликтот меѓу Украина и Русија.
Трамп, кој интензивно врши притисок врз двете страни да постигнат прекин на огнот, во петокот изјави дека неговиот претставник остварил „продуктивни“ разговори со руското раководство. Тој повика на итен состанок на високо ниво меѓу Киев и Москва за финализирање на мировен договор.
Трамп веќе ги предупреди страните дека неговата администрација ќе се повлече од напорите за постигнување мир ако не се постигне договор наскоро. Средбата во Рим е прва лична средба меѓу Трамп и Зеленски откако во февруари имаа жестока расправија во Овалната соба.