Топ
Во полициска акција, пронајдена дрога во угостителски објект во Битола

Синоќа во време од 23.30 до 02.30 часот направена е контрола од страна на полициски службеници од Полициска станица Битола и Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола, во координација со Управата за јавни приходи и Државен пазарен инспекторат, во два угостителски објекти во Битола и тоа еден лоциран на ул.Широк сокак во Битола и еден лоциран на ул.Партизанска во Битола.
При контролата, во објектот на ул. Широк сокак пронајдена е марихуана, две пакувања со бела прашкаста материја и три таблетки.
Приведено е едно лице за утврдување на идентитет, а лишени од слобода се и осум лица за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци.
Од страна на Државен пазарен инспекторат констатирани се неправилности односно утврдено е присуство на пет лица без ковид сертификати и за тоа ќе следат соодветни поднесоци.
Во објектот на улица Партизанска констатирани се прекршоци- карање, викање и дрско однесување и нарушување во пијана состојба од Законот за прекршоци против јавен ред и мир при што се приведени три лица.
Лишено од слобода е едно лице за спречување на службено лице при вршење на должност, а од Државен пазарен инспекторат констатирано е присуство на едно лицe без ковид сертификат и едно лице со лажен ковид сертификат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Очекувам победа во првиот круг, не за да добијам политичка круна, туку за да не се пролонгираат сегашната голгота и хаосот, рече Ѓорѓиевски

Кадидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, е убеден во победа, а вели дека искрено очекува тоа да се случи уште во првиот круг. Вели дека победа во првиот круг очекува не за себе, туку поради граѓаните, оти пролонгирање на процесот за три недели ќе значи пролонгирање на голготата која сега се случува.
„Искрено, да, очекувам силна победа во првиот круг. Верувам во народот, верувам во граѓаните. Таа победа јас не ја барам и не ја очекувам поради себе, не ја очекувам за да добијам политичка круна од сето тоа. Де факто, во Скопје на сите им е јасно кој ќе биде победникот на овие избори, но победата во првиот круг би значела многу побрзо влегување во костец со проблемите. Каде и да погледнете околу нас, имаме мини депонии, околу сите микролокации со контејнери. Три недели пролонгирање на целиот процес ќе биде три недели повторно живеење во голгота и во хаос“ вели Ѓорѓиевски.
Победа во првиот круг рече дека бара и оти доаѓаат зимските месеци кога градот треба да се реорганизира и да не дозволи повторно возрасни лица, студенти и средношколци да чекаат со часови и да мрзнат на автобуските станици.
„Знаете дека сум работник и ќе дадам сè од себе многу бргу да ги средиме сите процеси, да ги нормализираме од првиот ден кога ќе влезам во Град Скопје. Пролонгирањето на три недели само ќе значи пролонгирање на целата голгота што се случува. Јас сум апсолутно свесен дека има кандидати како никогаш досега. Математички е изводливо ако народот реши на таков начин да постапи. Јас верувам силно во овој народ. Изминативе четири години покажав дека апсолутно во сите ситуации сум на страната на граѓаните, дека тие ми се приоритет, дека човекот ми е приоритет и така ќе функционирам во наредните четири години“, рече Ѓорѓиевски и ги повика и граѓаните, но и политичките партии, да му дадат поддршка за победа во првиот круг од изборите.
И денес ветуваше дека кога ќе стане градоначалник на Скопје, градот ќе блесне, односно покрај тоа што ќе го исчисти, ќе го реши и сообраќајниот хаос. Во првите шест месеци вети дека ќе се заврши мостот на „Љубљанска“ и поврзувањето од Карпош кон „Скупи“, на крајот од првата година од мандатот ќе заврши изградбата на клучката кај Момин Поток, веднаш по изборите рече дека ќе почне да ја проширува улицата Цветан Димов во Чаир за да има шест коловозни ленти, а истовремено ќе ги почне и кружните текови во центарот неопходни за да почне да функционира подземната сообраќајница под „Лимак“, како и првата фаза од булеварот Хрватска, кој ќе ги поврзе Гази Баба и Бутел и ќе го растовари метежот во Автокоманда.
Македонија
Поради сериозен дефект, МРТВ не емитува три дневника: се проверува дали е намерен упад во системот

Македонската радио-телевизија информира дека поради сериозен технички проблем, вчера не беше во можност да ги емитува телевизиските дневници во 17, во 19 и во 22.30 часот.
Од таму велат дека се врши проверка дали станува збор за намерен упад во мрежниот систем поради постојните сомнежи за пробивање на заштитниот механизам од надворешни напади и влијанија.
Од МРТВ наведуваат дека во расветлувањето на случајот ќе бидат вклучени сите надлежни државни институции.
„Јавниот сервис им се извинува на граѓаните за неможноста да ги следат централните информативни изданија на нашата програма. Македонската радио-телевизија ќе продолжи да известува навремено и објективно, во интерес на јавноста“, се наведува во соопштението.
Македонија
Родителите на жртвите од „Пулс“: Привремено се прекинуваат блокадите, маршевите продолжуваат секоја сабота

Семејствата на трагично починатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани информираа дека по добивањето на датумот за почеток на судскиот процес, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но маршевите ќе продолжат секоја сабота – како симбол на нивната упорност и борба за вистината.
Претходно, беше соопштено дека главната расправа за предметот е закажана за 19 ноември 2025 година.
„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество“, се наведува во соопштението.
Родителите очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе.
„Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија“, додаваат тие.
Во изјавата се упатува и повик до јавноста, медиумите и до институциите да го следат процесот со должно внимание бидејќи, како што се наведува, „ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста“.