Топ
Две жртви во сообраќајката на патот Радовиш-Штип, уште едно лице повредено
Две лица загинаа на лице место во сообраќајната несреќа што се случи попладнево на магистралниот пат Радовиш-Штип.
Во несреќата е повредена и сопатничката од едното возило, која е пренесена во штипската Болница.
Веста за „Макфакс“ ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека во несреќата учествувале автомобили „пасат“ и „опел“.
„На местото на несреќата починале возачите на двете возила, смртта ја констатирал лекар од „ЈЗУ Здравствен дом Радовиш“ а сопатничка од патничкото возило „опел” била пренесена во Медицински центар Штип“, информира Трајанова.
Увид на местото на несреќата врши јавен обвинител, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.
Од полицијата повеќе детали за несреќата најавуваат за утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Исплатите од ИПАРД програмата привремено прекинати поради проверка на законитоста
Македонија преку структурите и органите за управување на средствата од ИПА/ИПАРД донесе одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД програмата – инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој, соопшти Министерството за финансии.
Оттука објаснија дека одлука следи по актуелните случувања со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
„За ваквата одлука истиот ден е известена Европската комисија и службите во Брисел, кои повратно известија и ја поздравија одлуката на Националните структури. Целта е да се обезбеди уверување дека воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење на ефективни мерки за заштита од измами и корупција“, велат од Министерството.
Во моментот Националните структури за управување на средства од ИПА/ИПАРД инструментот веќе превземаат дополнителни мерки и активности поврзани со актуелните случувања.
Се додава дека Македонија од Европската комисија уште од 2009 година го има добиено од правото за децентрализирано управување со средствата од ИПА/ИПАРД инструментот.
Пратеникот на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски во текот на денот на прес-конференција изјави дека одлуката за суспендирање стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија, како што појасни, опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици. Причината, како што вели, е скандалот со барање и примање на мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, вклучувајќи и блиска соработничка на министерот од Министерството за земјоделство.
Попладнево министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, изјави дека Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата и додаде дека ќе продолжи борбата против корупцијата Тој појасни дека веднаш по акцијата на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, се преземени дополнителни активности за целосна проверка на работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
„Ќе се преземат мерки за унапредување на контролните механизми, особено во делот на исплатата на ИПАРД средствата,“ додаде Трипуновски.
Министерот најави дека набрзо ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.
Македонија
Пендаровски му одговори на Фрчкоски: Никогаш не сум мешетарел, тоа го прават други кои се занимаваат со кафеанско озборување
Поранешниот претседател Стево Пендаровски ја отфрли изјавата на Љубомир Фрчкоски дека мешетари во СДСМ и дека има улога во можни промени во партијата.
Пендаровски во објава на „Фејсбук“ напиша дека никогаш не се занимавал со политичко мешетарење, како што, според него, тоа го прават други чии кариери се „исполнети со заткулисни маневри и кафеанско озборување“.
„Поголем проблем е што изјавата е целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува поради ‘квалитетот’ на изворите со кои некои луѓе се дружат“, додаде Пендаровски.
Фрчкоски, пак, во емисијата на Ефтов, со наслов „Кои лоби групи сакаат да го сменат Венко Филипче“, изјави: „Ме чуди што мешетари Стево Пендаровски. Нема потреба од тоа. А мешетари без врска“.
Топ
Приведена жена од Кавадарци поради напад врз своето 6-месечно бебе
Утрово, околу 6 часот, полицијата во Скопје приведе 23-годишна девојка од Кавадарци, која се сомничи дека ноќеска, околу 00:37 часот, во семејниот дом физички го нападнала своето шестмесечно бебе.
Бебето било итно пренесено во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му е укажана лекарска помош.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

