Топ
Деветнаесетгодишно момче загина откако со БМВ излета од пат

Момче на 19-годишна возраст од село Миравци, загина утрово околу четири часот кога со автомобил БМВ, што го управувало, излетало од коловозот на регионалниот пат меѓу селата Миравци и Давидово, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи – Струмица.
Во соопштението се наведува дека момчето починало на местото на несреќата, а смрт констатирал лекар на Итната медицинска помош.
Бил извршен увид од јавен обвинител и увидна екипа од ОВР – Гевгелија, а по наредба на јавен обвинител, телото на момчето е дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче: Македонија заложник на туѓи агенди – ЕУ алармира на влијание од Србија, Унгарија, Русија и Кина

СДСМ од првиот ден предупредуваше дека Владата на ВМРО ДПМНЕ ја става државата во заложништво на други држави – наместо кон интеграција и напредок, во геополитичка изолација и опасна економска зависност, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој истакна дека ваквите укажувања на СДСМ, ги потврдила и Европската Унија во извештајот.
„Покрај опасното задолжување со директни заеми, политиките се водат под диктат на други земји кои имаат преголемо влијание врз влада. А сега тоа се повеќе се гледа и се потврдува. Во извештајот јасно стои дека Северна Македонија е тешко погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики – особено со потекло од Русија и од Кина“, рече Филипче.
Она што особено загрижува, како што рече Филипче, а што и ЕУ го нотира е задолжувањето од Унгарија, кое укажува на ризик од финансиска зависност од Кина.
„Се говори дека Европската Унија е алармирана за улогите на Унгарија и на Србија во унапредување и ширење на геополитичките цели на Русија и на Кина на Балканот. Во кој контекст, во извештајот се забележува ризик од зависност од Кина преку асиметрични заеми, како што е последниот заем од Унгарија – за кој се чини дека е набавен од Кина, за што ние исто така предупредувавме“, рече Филипче.
Дополнително, Филипче посочи дека додека власта од една страна ја става државата во заложништво на други држави, од друга страна ја изолира на дипломатско ниво.
„Владата исто така ја изолираше Македонија која единствена се воздржа од гласање за европската резолуција за Украина. Тоа е дипломатски срам и дипломатски скандал којшто го нотираат сите стратешки партнери, а сега и извештајот. Јасно укажавме дека за прв пат Македонија гласа надвор од контекстот на заедничка безбедносна и надворешна политика со ЕУ“, рече Филипче.
Тој, исто така, кажа дека извештајот на Европскиот парламент ја има најлошата оценка за Македонија во последната деценија.
„Се чини дека Владата на ВМРО ДПМНЕ веќе подолго време има сознанија дека во овој извештај Европската Унија со длабоко разочарување и на многу директен начин ќе го истакне неочекуваното застранување на македонската Влада од усогласувањето на македонската надворешна политика и онаа на ЕУ. Знаејќи ги сите овие сериозни критики од Европската Унија, ВМРО ДПМНЕ реактуализира националистички теми со цел да ги поклопи овие критики од Европската Унија“, рече Филипче.
Тој рече дека судејќи по досегашната надворешна политика на владата се отвора прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ веќе работи на друга алтернатива или останува патот кон евроинтеграциите.
„Овде дома сите ние треба да го поставиме прашањето – дали со ваквите потези кои се прецизно нотирани во извештајот на Европската Унија – европската интеграција останува само декларативна заложба на Владата на ВМРО-ДПМНЕ или можеби веќе се работи на нова алтернатива, нов правец во кој треба да се движиме?“, рече Филипче.
Македонија
Директор и вработени во Општината и во Министерството пустошеле во Националниот парк Маврово, заработиле над 3 милиони денари

Полицијата поднесе кривична пријава за вработен во Општина Маврово Ростуше, директор во ЈУ Национален парк Маврово, раководител на одделение за одржливо користење во ЈУ Национален парк Маврово и за вработен во Министерството за шумарство и земјоделство за пустошење заштитена шума во Националниот парк Маврово.
На овој начин пријавените стекнале противправна имотна корист од извршената нелегална сеча сѐ до продажба на дрвната маса на претходно договорени купувачи на штета на ЈУ Национален парк Маврово во износ од 3.005.625 денари.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х. И. (40) од Општина Маврово Ростуше, директор во ЈУ Национален парк Маврово, Г. А. (44) од с. Ниќифорово, раководител на одделението за одржливо користење во ЈУ Национален парк Маврово и за А. Б. (54) од Гостивар, вработен во Министерството за шумарство и земјоделство, за сторени две кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластувањето и за несовесно работење во службата на штета на ЈУ Национален парк Маврово.
Во текот на март и април 2025 година првопријавениот ги пречекорил своите службени овластувања, така што со третопријавениот усно договорил вршење нелегална сеча на техничко дрво – ела во ЈУ Национален парк Маврово на местото наречено Брана, а за вонреден инспекциски надзор за наведената сеча бил задолжен второпријавениот. Првопријавениот најпрвин испратил барање до Државен инспекторат за шумарство и ловство, упатено до третопријавениот, во кое побарал да биде извршена сеча на наведената локација за наводно оштетени стебла од дрво – ела, оштетени од атмосферски влијанија. Првопријавениот со повреда на законските прописи и со пропуштање должен надзор врз второпријавениот овозможил да се изврши пустошење на заштитената шума во Националниот парк Маврово, без претходно се објави оглас за сечата за таа да биде јавна и транспарентна.
Од страна на третопријавениот е наведено да се изврши ознака и сеча, а според извршеното мерење, вкупната дрвна маса од сите три оддели требало да изнесува 403 м3 ела и 55 м3 бука, што не соодветствува со реалната и со фактичката состојба подоцна утврдена на самото место.
Второпријавениот со повреда на законските прописи овозможил да се врши пустошење заштитена шума во Националниот парк Маврово и во согласност со спецификација од Шумската полиција Гостивар сечата е извршена само во одделот 67а, каде што исечени се вкупно 858.75 м3 повеќе кубици од предвиденото. Третопријавениот на 10.3.2025 година изготвил записник за извршен инспекциски надзор и решение, во кои внел лажни и невистинити податоци.
Македонија
Пожар на глисер во Охрид

Утрово се запали глисер во Студенчишкиот Канал во Охрид.
Според првичните информации, пламенот се појавил кога сопственикот го стартувал моторот, а глисерот бил зактвен кога почнал да гори.
Огнот е локализиран, а повредени лица нема. Причините за пожарот се истражуваат.