Топ
Дете загина во тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Велес

Едно дете загина, а две лица се тешко повредени во сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Велес.
Според информациите од МВР, вчера, пред наплатната станица „Сопот“, автомобил „рено клио“, со неготински регистарски ознаки, управувано од Д. В. (38) од Неготино, излетало од коловозот. Во несреќата тешки телесни повреди добиле возачот и малолетен сопатник (дете) и биле пренесени во Општата болница во Велес, каде што од лекар била констатирана смрт кај малолетникот.
Исто така, тешки телесни повреди добила и сопатничката В. В. (28) од Неготино, констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото извршиле екипа од СВР Скопје и јавен обвинител по чија наредба телото било предадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Згаснаа животите на две девојчиња од Кичевско, се возеле со четирицикл и излетале од патот

Синоќа на локален пат во селото Колибари, Кичевско, се случи трагична несреќа со четирицикл.
15-годишно девојче од Колибари, управувајќи го возилото, изгубило контрола и излетало од коловозот. На местото на несреќата починале таа и нејзината малолетна сопатничка од село Грешница.
Лекар ја констатирал смртта, а по наредба на јавен обвинител телата биле дадени на обдукција. На местото бил извршен увид.
Македонија
Документацијата за Стоматолошката комора стигна во рацете на Обвинителството

Министерството за здравство соопшти дека целокупната документација и наодите од извештаите на комисиите што вршеле надзор над работата на Стоматолошката комора се доставени до Јавното обвинителство за натамошно разгледување и постапување во согласност со законските надлежности.
До Обвинителството се испратени три извештаи за работата на комисијата за надзор над законитоста при вршење на јавното овластување на Комората, изготвени на 25 февруари, 15 мај и на 21 мај годинава. Дополнително, доставено е и известување од 11 март 2025 година до Стоматолошката комора, како и документација од Секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Документацијата, натаму, ќе биде распоредена кај јавен обвинител кој ќе го разгледа предметот и ќе го достави на надлежно постапување на соодветно јавно обвинителство.
Министерството потсетува дека, додека трае постапката и привремено се преземени надлежностите, докторите по стоматологија може да ја достават потребната документација за добивање или продолжување лиценца директно во архивата на Министерството, до Секторот за стоматолошка здравствена заштита.
Поради сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора, Министерството за здравство пред две седмици ги презеде нејзините надлежности. Тогаш министерот за здравство Азир Алиу изјави дека надзорите и документите покажале сериозни пропусти: едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати што неправилно се користеле за продолжување лиценци; договори склучувани ретроактивно, спротивно на законот; одлуки и документи без потпис и со невалидна документација; игнорирање на привремената мерка и на конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на законот. Претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски, на прес-конференција изјави дека повеќекратните контролни надзори не откриле неправилности во работењето на Комората. Тој ги демантира тврдењата дека Комората не постапила по насоките од министерот и најави консултации со поранешни претседатели за да го слушнат и нивното мислење.
Македонија
Поместени границите во ортопедската трансплантација – извршена најсложената трансплантација на коска на Клиниката за ортопедија

На Универзитетската клиника за ортопедија успешно е изведена најсложената трансплантација досега, со што се поместени границите на современата ортопедска хирургија кај нас, соопшти Министерството за здравство.
Пациент, маж на 64-годишна возраст, со втор рецидив на миксоиден липосарком на левата натколеница, беше подложен на ресекција на средишниот дел од бутната коска, реконструкција со графт од кадавер и фиксација со клин.
Операцијата беше во два акта – во вториот имаше пластична реконструкција, која ја изведе тим предводен од д-р Томислав Јовановски. Првиот хируршки тим го предводеше проф. д-р Милан Самарџиски, со учество на спец. д-р Бојан Будиќ, д-р Теодора Тодорова и д-р Гоце Гулески. За анестезија беше одговорна проф. д-р Јасминка Нанчева, со анестетичарката с. Јована Илиева.
Во операционата сала активно придонесоа инструментарките Ерзен Муртезани и Татјана Дукадиновска, болничарот Дардан Синани и рендген-техничарот Силвана Станковска.
„Со овој зафат се поставува нова референтна точка во домашната ортопедија и се потврдува капацитетот на македонските хируршки тимови за изведба на интервенции од највисок степен на сложеност“, велат од Министерството за здравство.