Црна хроника
Жител од Свети Николе обвинет за тешка кражба
Скопското Јавно обвинителство поднесе обвинение против едно лице за продолжено кривично дело тешка кражба.
На 11 февруари обвинетиот 24-годишен жител на Свети Николе извршил две временски поврзани кражби.
На улицата Трифун Хаџи Јанев во населбата Автокоманда тој на дрзок начин одзел туѓи подвижни предмети. Најпрвин ја забележал сега веќе оштетената жена, ѝ пристапил зад грб, ја исплашил и ја вознемирил, па ја повлекол и ѝ ја одзел чантата што ја носела. Во чантата имало паричник и други предмети со вкупна вредност од 4.500 денари, објаснуваат надлежните.
Подоцна лицето се упатило кон Факултетот за земјоделски науки и храна, лоциран на улицата 16. Македонска бригада, ја разбило двојната надворешна врата на амфитеатарот и почнало да пребарува со цел да пронајде предмети што би можело противправно да ги присвои.
Пребарувајќи, скршил уште четири врати од други простории и претурал, но чуварот го затекнал и го спречил во намерата.
По приведувањето, полициски службеници кај него ја пронашле претходно украдената чанта.
„Ценејќи дека сè уште постојат законските основи за кои на обвинетиот во текот на претходна постапка му беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до судот достави предлог за продолжување на мерката притвор“, велат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

