Топ
Кумановци изнајмиле стан за да продаваат хероин во Охрид
Охридската полиција поднесе кривична пријава против двајца кумановци на возраст од 33 и 41 година поради сомнение дека продавале хероин во изнајмен стан во Охрид.
Како што информираат од МВР, при претрес во станот на булеварот Туристичка, изнајмен од пријавените, биле пронајдени и одземени повеќе пакувања со хероин, подготвени за натамошна продажба на наркозависници.
Двајцата кумановци се товарат за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осигурителни компании склучиле картел и се договориле да ја зголемат цената за автомобилско осигурување
Десет осигурителни компании се казнети со 17.266.930 денари затоа што се договориле да ја зголемат цената за автомобилска одговорност што секој сопственик на моторно возило задолжително мора да ја плати при регистрирање на возилото, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое утврди постоење на усогласено однесување (картел) помеѓу десет осигурителни компании (ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, АД МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ – ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП, САВА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ЕУРОЛИНК АД СКОПЈЕ, ГРАВЕ АД СКОПЈЕ, УНИКА АД СКОПЈЕ, АД ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА СКОПЈЕ, ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ И КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ) на пазарот на осигурување од автомобилска одговорност (АО), кое секој сопственик на моторно возило задолжително мора да го плати при регистрирање на возилото“, се наведува во соопштението.
Во постапката било утврдено дека осигурителните компании во периодот 01.03.2024 – 07.05.2024 година, разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – т.н. режиски додаток.
Таквото однесување, појаснуваат од Комисијата, претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.
„Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането. Врз основа на утврдените факти, Комисијата изрече прекршочни санкции – глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари“, соопшти Комисијата.
Македонија
„РКЕ да ја преземе во целост надлежноста во формирање конечна цена на водата“, порака од тркалезната маса
РКЕ да ја преземе во целост надлежноста во формирање на конечна цена на водата – е пораката од тркалезна маса „Иницијатива за промена на постапката за утврдување на тарифите за водни услуги и влијанието на соодветните тарифи врз најгорливите проблеми со кои се соочуваат комуналните претпријатија“ во организација на Здружение на даватели на комунални услуги – АДКОМ.
Податоците покажуваат дека актуелниот начин на определување на цената е сложен, финансиски неодржлив, а услугата несоодветна поради што загубите на вода на национално ниво се искачија на 64%. Анализите на РКЕ покажуваат дека од 79 претпријатија што обезбедуваат водни услуги, за 20 од нив се донесени регулаторни одлуки, при што за 11 од нив советите на општините не дале согласност, а додека девет Јавни комунални претпријатија воопшто не ни поднеле барање за нова цена.
„Целта на ова иницијатива е преку интервенции во законските решенија да се создаде поедноставен, транспарентен и стабилен систем за утврдување на тарифите за водни услуги. Нудиме јасен и едноставен процес во формирање на конечната цена. Предлагаме кратење на бирократскиот процес, од шест во два чекори, со доставување на барање и утврдување на конечна цена . РКЕ подолго време алармира дека сегашниот начин на утврдување на цена е неефикасен: се доведува во прашање квалитетот на услугата, дефектите се зголемуваат, а јавните комунални претпријатија се борат за ликвидност“, изјави Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Анализите покажуваат дека од година во година трошиме поголеми количини на вода, а наплата се намалува и бројот на вработени се зголемува.
„Актуелните тарифи за вода не ги покриваат реалните трошоци и затоа јавните комунални претпријатија работат со загуба, па општините се приморани да ги субвенционираат. Последиците се мултидимензионални, а она што е најзагрижувачки е дека поради недостаток на средства, инвестиции нема и процентот на загуба на вода од година во година расте и сето тоа е резултат на старата водоводна мрежа. Со реализација на оваа иницијатива – ќе се создадат предуслови РКЕ да спроведе регулаторни одлуки и мерки со што ќе се обезбеди самоодржливост на ЈКП на долг рок. Ние дефинираме конечна цена, но предвидуваме и задолжителни средства за инвестиции и го ограничуваме бројот на вработени“, посочи Фатон Амбари член на РКЕ.
Европа
Поранешна портпаролка на Зеленски: Јермак е многу опасен, се плашам
Јулија Мендел, поранешна портпаролка на украинскиот претседател Володимир Зеленски, го опиша поранешниот шеф на претседателскиот кабинет, Андриј Јермак, како „многу опасна личност“ и рече дека се плаши за својот живот поради него.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отпушти Јермак, кој се сметаше за втора највлијателна личност во земјата, минатиот петок. Јермак остана без работа откако антикорупциските власти извршија рација во неговиот дом под сомнение за проневера во државната компанија „Енергоатом“, случај што ја преокупира украинската јавност со недели.
„Во моментов, додека го кажувам ова, сум исплашена и секој ден се молам и му благодарам на Бога што сум жива, бидејќи Андриј е многу опасна личност. Тој е многу опасна личност. И оние што го познаваат ќе разберат“, изјави Мендел за Радио Слободна Европа.
„Тој има влијание врз спроведувањето на законот“
Кога ја прашаа од што точно се плаши, Мендел одговори дека Јермак има „многу можности“, објави Украинска правда.
„Од основната кампања за клевета со користење на политички средства, фрлање секакви обвинувања против секој што е против него, нарекувајќи ги проруски, предавници и така натаму, до фактот дека тој има одредено влијание врз спроведувањето на законот, каде што кривични случаи се отвораат од никаде“, објасни таа.
„Една службеничка, кога си заминуваше, пушеше цигара и се тресеше. Ме погледна и рече: ‘Јулија, не се третираат луѓето така’. И верувајте ми, многу луѓе си заминале така и многу животи се уништени поради Андриј“, продолжи таа.
Мендел тврди дека во 2019 година, Јермак прашал еден американски политички стратег како би можел да стане претседател.
„Од 2019 година, Андриј гради своја структура на моќ. Знам дека во 2019 година, Андриј Јермак, додека бил во Соединетите Држави, разговарал со политички консултант и го прашал како би можел да стане претседател на својата земја. Значи, амбициите на Јермак се огромни“, тврди таа.
Таа забележала дека Јермак често го мамел претседателот, искривувајќи ги информациите што му ги пренесувал на Зеленски или презентирајќи ги на начин што му бил поволен. Таа нагласила дека тој бил оној што го убедил Зеленски дека нема да се случи целосна инвазија.

