Топ
Малолетник нападнал вработена во обложувачница во скопски Илинден и украл пари

Вчера, во 4.30 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи при ЕВР Гази Баба лишиле од слобода малолетник од с. Мралино, општина Илинден.
Тој се сомничи дека на 30.4.2023 извршил кривично дело разбојништво во спортска обложувачница во с. Петровец.
Малолетникот со закана од вработената одзел пари.
Во службен разговор во полициска станица, во присуство на родител, тој го признал делото, а биле пронајдени и дел од предметите поврзани со делото.
По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Дрисла“ трет ден ги труе скопјани, Мицкоски со механизација од општествено одговорни компании ќе влезе на депонијата

За пожарот и чадот од депонијата „Дрисла“, кои трет ден ги трујат скопјани, премиерот Христијан Мицкоски вели дека има истрага, но за да каже детали, ќе почека работите да добијат свој тек. Во меѓувреме, извести дека со механизација од општествено одговорни компании ќе влезат и на депонијата „Дрисла“ и на „Вардариште“.
„Ние и овој случај нема да го оставиме вака. Веќе работиме со министерот за транспорт на општествено одговорни градежни компании, кои ќе донесат механизација и на ‘Вардариште’ и на ‘Дрисла’ и ќе можеме да дејствуваме и внатре сѐ со цел да не се случува ова континуирано“, рече денес премиерот Мицкоски по посетата на Градската општа болница „8 Септември“.
И денес премиерот зборуваше дека како професор знае оти само едно догорче од цигара може да предизвика пожар на депонијата оти таму се создава метан, кој е лесно запалива материја, а посочи и дека некому му одговара пожар на депонијата во овој предизборен период.
Премиерот Мицкски се надева дека механизацијата ќе наиде на отворени порти во депониите и потсети дека минатата година, кога неколкумина градоначалници сами се организира да го однесат ѓубрето на „Дрисла“, камионите наидоа на затворена капија.
„Се надевам дека ќе имаме простор да влеземе внатре, да не се случи повторно да дојдеме до портата и да не нѐ пуштат внатре. Така беше минатиот пат“, рече премиерот Мицксоки.
Трајно решавање на проблемот со депонијата Мицксоки најави со новиот градоначалник, а на забелешките дека тоа не треба да биде со јавно-приватни партнерство, туку да се прифати стратегијата нула отпад, тој одговори дека ќе ги покани и оние што се „за“ и оние што се „против“ за да се најде најсоодветно решение што може да се примени кај нас. Неговиот став е дека на „Дрисла“ треба да има фабрика за отпад и фабрика што од метанот ќе прави струја, кои треба да бидат дел од трајното решение.
Македонија
Мицкоски се извини за Фетаи: Тој се труди да го учи и зборува македонскиот јазик, не го знае оти се иселил на шест години

Потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, течно зборува четири странски јазици, а македонскиот сѐ уште го учи оти се иселил од државата на шест години. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го оправда Фетаи, кој во вторникот на новинарско прашање поставено на македонски јазик одговори на албански и рече дека „уште не е спремен на македонски“.
„Јас имам исклучително квалитетна комуникација со потпретседателот на Владата на англиски јазик. Зошто? Затоа што тој од својата шеста година е иселен од Македонија и живее во Белгија и говори течно четири јазици – француски, холандски, англиски и така натаму, да не ги редам сега. Нашата комуникација се одвива на англиски јазик. Тој има исклучително квалитетна биографија зад себе. Школуван е на врвни универзитети. Знам дека не му е таа намерата, како што се обидуваат одредени центри поради политичка злоупотреба, да ја дефокусираат јавноста, бидејќи се обидува, се труди да го учи и зборува македонскиот јазик и знам колку енергија вложува во тоа изминатите 15 месеци“, рече премиерот Мицкоски.
Тој денес им се извини на новинарите за постапката на Фетаи и рече дека вицепремиерот згрешил, но не во почитувањето на македонскиот јазик, туку во ангажирањето преведувач.
„Единствената, според мене, грешка во случајот е ако некој одлучи да се обраќа на албански јазик, да си донесе со себе преведувач. Јас во мое име им се извинувам на новинарите и убеден сум, бидејќи веќе разговараме со потпретседателот, дека тој истото тоа ќе го стори и таа грешка нема да случи во иднина“, објасни премиерот Мицкоски.
Тој воопшто не спомена можност за разрешување на Фетаи како што веднаш јавно побара опозицискиот СДСМ поради непочитувањето на македонскиот јазик.
Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски призна, граѓаните се оставени сами, без мерки за високите цени и со најниски плати

„Жалам што вчера премиерот изјави дека нема да се интервенира во цените на производите, вклучувајќи ги и основните прехранбени продукти,“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на брифинг со новинарите.
Филипче потенцираше дека ова е потврда за она што СДСМ го алармира веќе цела година – дека Владата нема никаква намера да ги заштити граѓаните, ниту да балансира меѓу интересите на големите трговски синџири и потребите на обичниот народ.
„Практично, вчера власта им порача на граѓаните – оставени сте сами на себе,“ истакна Филипче.
Според него, станува јасно дека актуелната власт е или премногу занесена од чувството на моќ или сосема ја изгубила врската со реалноста. А реалноста, како што посочи, е дека стандардот на граѓаните е драматично срушен.
„Оставија инфлацијата целосно да ги срози платите. Заштитувајќи ги интересите на блиски бизнисмени, дозволија цените едноставно да дивеат,“ кажа Филипче.
На тврдењата на премиерот Мицкоски дека „инфлацијата значително забавува“, Филипче остро возврати: „Тоа не е вистина. Статистиката не лаже – Македонија има инфлација меѓу највисоките во Европа. Додека просечната инфлација во ЕУ е 2.1%, кај нас во август е 4.4%, двојно повисока.“
Филипче предупреди дека ценовниот раст не запира. Само во август, во споредба со истиот месец лани, цените на храната пораснале за 6.7%, а овошјето и зеленчукот за над 11%.
„Синдикалната потрошувачка кошничка за август е над 65.000 денари. А оваа влада е единствената во регионот која на ваков раст на цени реагира со игнорирање,“ посочи тој.
Додека во Албанија минималната плата од следната година ќе биде 500 евра, а во Србија се планира зголемување на 550 евра, само македонските граѓани остануваат заглавени во сиромаштија поради, како што рече, политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова нема никаква врска со трета или четврта економска сила, како што сака Мицкоски да прикаже. Ова е само доказ за неспособноста и незаинтересираноста на владејачката коалиција да им помогне на граѓаните,“ истакна Филипче.
Тој ја заклучи изјавата со порака дека веќе дури ни пропагандата на Мицкоски не верува во приказните за економски успех.
„Граѓаните се тие што најдобро знаат како живеат. Едноставно, не можат да врзат крај со крај во текот на месецот“.
СДСМ ја повика Владата да престане со игнорантноста и веднаш да донесе сет на конкретни и ефикасни економски мерки за помош на граѓаните.