Топ
Малолетник со нож го нападнал обвинителот од Чегране, други двајца го удирале, тој пукал во воздухот за да се спаси
Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против три лица – двајца полнолетни и еден малолетник, кои се осомничени за кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 8, во врска со член 19 (во обид) и со член 22 (соизвршителство) од Кривичниот законик.
Против двајцата полнолетни соизвршители донесена е наредба за спроведување истражна постапка, а до Основниот суд во Тетово поднесен е предлог за определување мерка притвор. За малолетникот, пак, постапката ќе се води според Законот за правда на децата.
Тетовското Обвинителство ја презеде постапката за да се обезбеди непристрасност на истрагата, со оглед на тоа што оштетениот е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Гостивар.
Во раните утрински часови на 21 ноември осомничените соизвршители, заедно со малолетник на возраст од 17 години, се обиделе со умисла да го лишат од живот јавниот обвинител. Оштетениот со својот автомобил и негов роднина се движел по патот низ селото Чегране, а еден од осомничените бил застанат со автомобилот среде пат пред куќата на другиот осомничен. Во тој момент јавниот обвинител им блиндирал со светлата за да го ослободат патот. Кога оштетениот поминал со возилото, осомничените со автомобилот продолжиле да го следат, па кога застанал, почнале да го навредуваат и агресивно да се однесуваат затоа што им блиндирал. Оштетениот им се претставил дека е јавен обвинител и дека доколку има потреба, ќе повикаат полиција за да го расчисти настанот. Сите тројца осомничени почнале да го удираат, а малолетникот од џебот извадил нож, со кој му задал убодна рана во задната десна страна од градниот кош. Потоа се обидел да го прободе уште еднаш. Гледајќи дека осомничените имаат намера да го довршат делото и да го лишат од живот, оштетениот извадил пиштол, кој го поседувал со дозвола, и испукал предупредувачки куршум во воздух, со што ги запрел.
Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово го прифати предлогот на јавниот обвинител и на двајцата полнолетни осомничени им определи притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.

