Топ
МВР со детали за тепачката во „Идризово“: Тројца осуденици повредени, двајца од остар предмет

Вчера во 13.10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10.30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе осудени лица, при што со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет, по што биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дојранското Езеро пак ќе се полни: со соларни панели Владата ќе ги намалува трошоците за струја од 2,5 милиона евра годишно на хидросистемот „Ѓавато“

По неколкугодишен прекин, Дојранското Езеро повторно ќе се полни со свежа вода преку хидросистемот „Ѓавато“. Премиерот Христијан Мицкоски денес од самото место најави дека цевките и пумпите на хидросистемот, кои се нефункционални четврта година по ред, најбргу што може ќе бидат санирани и тој повторно целосно ќе биде ставен во функција, а превисоката сметка за струја ќе се намалува со соларни панели.
„Инженери дојдоа на самото место да го скенираат просторот. Ова земјиште е сопственост на Република Македонија и тука практично во догледно време ќе бидат инсталирани соларни панели бидејќи сметките за електрична енергија сега се на ниво од 200 илјади евра месечно, тоа значи 2,5 милиона евра годишно. Со инсталирање на тие сончеви панели и батериски системи проценивме дека инсталираната можност ќе биде приближно два мегавата и четири мегават-часа батериски системи, сметките драматично ќе се намалат. Заштедата ќе биде огромна и средствата што ќе се заштедуваат ќе се користат за одржување на цевководот и за одржување на хидросистемот ‘Ѓавато’, а со тоа ќе се овозможи поголема достапност на вода за земјоделците за наводнување на земјоделските површини“, рече денес премиерот Мицкоски.
Дел од штетите на хидросистемот ќе ги поправи општествено одговорна компанија, чие име премиерот денес не го откри, но рече дека од вкупно десет пумпи што носат вода до резервоарот на „Ѓавато“, функционални се само две, а регистрирани се и пукнатини во цевководот.
Освен поправка на пумпите што ја носат водата до резервоарот, премиерот Мицкоски, во рамките на системското решение за хидросистемот, најави дека ќе ги обноват и пумпите што ја туркаат водата од резервоарот кон езерото.
„Во насока на ова системско пристапување, покрај овие бунари и санација на овие цевководи и пумпи, и пумпите што се потисни и кои ја туркаат водата кон Дојранското Езеро ќе бидат санирани. На следната седница на Владата ќе донесеме одлука фабриката за опрема и делови во склоп на РЕК ‘Битола’ да демонтира две, да ги санира и потоа да ги монтира. Во комуникација со инженерите од РЕК ‘Битола’ добив информација дека во рамките на десет дена од демонтажата до монтажата и тие ќе бидат целосно санирани“, рече премиерот Мицкоски.
Хидросистемот „Ѓавато“ е нефункционален од февруари 2022 година кога поради енергетската криза, Владата одлучи да ги исклучи пумпите за да се избегнат огромни сметки за струја. Министерството за животна средина тогаш објасни дека сметката за струја од еден милион годишно скокнала на 3,9 милиони, кои не може да си ги дозволат. Откога хидросистемот беше исклучен, жителите на Дојран постојано алармираа за нова еколошка катастрофа оти водостојот на езерото видливо опадна по само неколку месеци, а укажуваа и на кражби на пумпите и уништување на цевководите.
Следуваа цела низа состаноци, одлуки, најави за проекти и на централно и на локално ниво, поминаа парламентарните избори, на кои многу се зборуваше и се ветуваше за езерото и за враќање на хидросистемот, но тој остана нефункционален, а во меѓувреме водостојот беше во постојан пад.
Хидросистемот, кој веќе еднаш го спаси Дојранското Езеро од еколошка катастрофа, е дело на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски. По долготрајното празнење на езерото и екстремно нискиот водостој, во 1999 година владата донесе одлука за прогласување елементарна непогода и поведе иницијатива за спас на Дојранското Езеро, во чии рамки во 2001 почна изградбата на хидросистемот за доведување дополнителни количини вода од „Ѓавато“ кај Богданци, а првите количини беа испумпани во 2003 година.
Топ
Згаснаа животите на две девојчиња од Кичевско, се возеле со четирицикл и излетале од патот

Синоќа на локален пат во селото Колибари, Кичевско, се случи трагична несреќа со четирицикл.
15-годишно девојче од Колибари, управувајќи го возилото, изгубило контрола и излетало од коловозот. На местото на несреќата починале таа и нејзината малолетна сопатничка од село Грешница.
Лекар ја констатирал смртта, а по наредба на јавен обвинител телата биле дадени на обдукција. На местото бил извршен увид.
Топ
МВР трага по возач кој со автомобил удри во девојчиња на тротинет и побегна од местото на несреќата

Вчера во Скопје, на улицата Васил Ѓорѓов, се случи сообраќајна несреќа помеѓу „фолксваген голф“ и електричен тротинет управуван од 13-годишно девојче.
Возачот на автомобилот по несреќата го напуштил местото на настанот. Малолетничката се здобила со тешки повреди, додека нејзината 12-годишна сопатничка добила телесни повреди.
Двете се пренесени во Градска општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. Полицијата изврши увид и презема интензивни мерки за пронаоѓање на возачот и расчистување на случајот.