Црна хроника
Непознат човек запалил полициско возило и пукал кон полицајци во Куманово
Полициски службеници при СВР Куманово синоќа на улицата Трета македонска бригада во Куманово забележале човек што предизвикал пожар на полициско возило „шевролет спарк“, кое било паркирано пред поранешниот Дом на АРМ.
Како што наведува МВР, лицето се дало во бегство, а по кусо време од страна на полициски службеници било забележано на улицата Боро Прцан, но не ја почитувало дадената наредба за застанување, туку вперило огнено оружје и испукало неколку проектили кон нив по што побегнало. Во инцидентот нема повредени.
Опожареното возило е изгаснато по интервенција од страна на Противпожарната единица Куманово. Во координација со јавен обвинител извршен е увид на местото на настанот од страна на екипа од СВР Куманово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Државјанин на Турција нападнат на Бит Пазар, му било оштетено и возилото
Полицијата во Скопје постапува по пријава на државјанин на Турција со престој во главниот град, кој пријавил дека бил пресретнат и физички нападнат на подрачјето на Бит Пазар.
Како што соопшти СВР Скопје, според пријавеното, на 5 јануари околу 17:50 часот, бил пресретнат од лице со иницијали В.Ф. и уште едно лице, по што В.Ф. почнал да удира по неговото возило.
Според пријавата, подоцна повторно бил пресретнат од В.Ф. и уште едно лице, кои физички го нападнале и му го оштетиле возилото.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Скопјанец ја нападнал партнерката во возило во центарот на градот
Полицијата во Скопје го приведе 36-годишниот Д.Л. од овој град, по пријава за физички напад врз неговата партнерка.
Како што соопшти МВР, вчера околу 13:30 часот, мажот бил приведен по пријава дека на 4 јануари 2025 година, додека се движеле со неговото патничко возило на подрачјето на Центар, физички ја нападнал неговата 36-годишна партнерка.
По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
На автопатот кај Гостивар: Платиле гориво со сомнителни 50 евра, па биле приведени
Двајца мажи биле приведени поради сомнеж за фалсификување на пари, откако на бензинска пумпа кај селото Жеровјане платиле со банкнота за која имало сомнеж дека е лажна.
Се работи за С.С. (31) од Гостивар и Ч.Ј.Б. (24) од Турција кои биле уапсени вчера на автопатот Гостивар–Тетово.
Двајцата околу пладне со „цитроен“ дошле пред бензиската пумпа. Ставиле гориво и на вработениот му дале банкнота од 50 евра, за која се посомневал дека е фалсификувана.
Лицата биле задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе им биде изготвен соодветен поднесок.

