Топ
Обвинение за српски државјанин за сообраќајката кај Ростуше во која загинаа две лица
Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе обвинение за српски државјанин кој предизвика сообраќајна несреќа со камион кај Ростуше во која загинаа две лица, а уште две се здобија со тешки повреди.
Против него е поднесено обвинение за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Обвинетиот, на 13 април, движејќи се на регионалниот пат П1-202 Маврови Анови-Дебар, со влекач „МАН“ со полуприколка, по десната страна од коловозот, не ја приспособил брзината на движење на возилото кон својствата и состојбите на патот, имајќи ги предвид атмосферските услови, видливоста, прегледноста, густината на собраќајот и состојбата на возилото.
Со влекачот пристигнал на 410 метри пред Ростушки мост со брзина од 60 километри на час, што е поголема од ограничената брзина на таа делница.
На влажниот коловоз изгубил контрола врз полуприколката, која се излизгала и преминала на левата сообраќајна лента, косо аголно удирајќи во патничко моторно возило „Хјундаи“ кое доаѓало од спротивна насока.
Од ударот автомобилот излетал надвор од коловозот. Од повредите здобиени во сообраќајната несреќа на самото место починал Атанас Ѓорѓиевски, возач на автомобилот „Хјундаи“, додека неговиот сопатник Гоце Тековски еден ден подоцна им подлегнал на повредите во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Уште двајца сопатници во патничкиот автомобил се здобиле со тешки телесни повреди.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за 52-годишниот српски државјанин, особено заради опасност од бегство и како нужна мерка за негово обезбедување во текот на кривичната постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Свет
Стармер преговара со европските сојузници за испраќање на воени сили на Гренланд
Британскиот премиер Кир Стармер е во преговори со европските сојузници за распоредување на воени сили на Гренланд, со цел да се ублажат безбедносните стравувања на американскиот претседател Доналд Трамп и да се спротивстават на растечката закана од кинеската и руската војска, пренесуваат странските медиуми повикувајќи се на извор од британската влада.
Воените команданти прават планови за можна мисија на НАТО на островот, кој американскиот претседател се закани дека ќе го окупира од безбедносни причини, а британските претставници се сретнаа со колеги од голем број земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, во последните денови за да започнат подготовки, изјави извор за Телеграф.
Плановите, кои сè уште се во рана фаза, би можеле да вклучуваат распоредување на британски војници, воени бродови и авиони за заштита на Гренланд од Русија и Кина, при што европските земји се надеваат дека значителното зголемување на нивното присуство на Арктикот ќе го убеди Трамп да се откаже од својата амбиција да го анектира стратешки важниот остров.
Извори од британската влада изјавиле дека Стармер ја сфатил „исклучително сериозно“ заканата од Русија и Кина во областа и се согласил дека мора да се преземе акција.
– Го делиме ставот на претседателот Трамп, растечката агресија на Русија на далечниот север мора да се запре, а евроатлантската безбедност мора да се зајакне. Велика Британија работи со сојузниците на НАТО за да започне напори за зајакнување на арктичкото одвраќање и одбрана, изјави еден од изворите.
Свет
Францускиот министер за надворешни ги повика САД да престанат со „уцената“ за Гренланд
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро ги повика САД да „престанат да ја уценуваат“ Данска за да добијат директна контрола врз територијата на Гренланд, која е автономна данска територија.
Баро рече дека „не верува“ во американската воена интервенција за окупирање на Гренланд, што беше најавено како можност од американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека „ништо не може да го оправда тоа“, пренесува БФМ.
Трамп претходно изјави дека Соединетите Американски Држави сакаат да ја анектираат територијата, бидејќи Русија или Кина имаат намера да го „окупираат Гренланд“.
„Не сакаме да бидеме Американци, не сакаме да бидеме Данци, сакаме да бидеме Гренландци“, изјавија во заедничка изјава лидерите на петте гренландски партии претставени во локалниот парламент, додавајќи дека „иднината на Гренланд мора да ја одлучи народот на Гренланд“.

