Топ
(Видео) Пари и недозволени предмети пронајдени при претреси во затворот „Идризово“

При претрес во затворот „Идризово“ во 14 ќелии и две соби биле пронајдени поголема сума пари, таблет, телефони и слично, соопшти полицијата.
Од таму информираат дека Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Одделот за специјални полициски операции – ЕБР, под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, денеска спроведе координирана полициска акција во Казнено-поправната установа „Идризово“ во Скопје.
„Во насока на превентивно дејствување, како и спречување вршење кривични дела во казнено-поправните установи, а како резултат на продлабочената меѓуинституционална соработка, извршени се претреси во КПУ ‘Идризово’ сè со цел пронаоѓање недозволиви или забранети предмети кај лица осуденици што се на издржување казна затвор“, истакнуваат од МВР.
Постапувајќи по наредби за претрес, издадени од судија за претходна постапка, како што истакнуваат надлежните, извршени се претреси во вкупно 14 ќелии и две соби во казнено-поправната установа, при што биле пронајдени: поголема сума парични средства од законски дозволените што осудените лица може да ги поседуваат во разни апоени и валути, таблет, 11 мобилни телефони, повеќе парчиња галантерија за мобилни телефони, неколку остри предмети, прашеста материја, која била одземена.
Другите пронајдени предмети за време на претресот, според надлежните, ќе ѝ бидат предадени на затворската служба за понатамошна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Синоќа повторно предизвикан пожар во „Дрисла“

Синоќа пред 23.00 часот повторно беше предизвикан пожар во депонијата Дрисла, на сосем друго место, подалеку од местото кое беше активно претходните денови, соопшти директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
„На лице место веднаш се упатија скопските пожарникари кои започнаа со гаснење но поради спецификата на пожарот беше потребно истовремено затрупување на опожарената површина поради што се активираа градежни машинити кои веќе беа таму со тоа што брзо пристигнаа нивните возачи“.
Еден час подоцна, појаснува Ангелов, пожарот бил изгаснат и затрупан со што како што нагласува, е спречено ширење на огнот во главнината на депонијата.
Свет
Рубио: Трамп е единствениот лидер кој може да разговара со Русија, Украина и Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски следната недела во Њујорк, објави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Според американските медиуми, Рубио нагласил дека Трамп е „единствениот лидер во светот“ кој има капацитет да разговара со Украина и Европа, како и со Русија. Тој додаде дека американскиот претседател ќе продолжи со своите напори за наоѓање решение за украинскиот конфликт.
Во исто време, дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон продолжуваат на различни нивоа.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков претходно изјави дека двете страни ќе се обидат да организираат уште еден состанок до крајот на есента за да разговараат за отворените и спорни прашања во билатералните односи.
Фото: принтскрин
Македонија
„Марш за Ангелите” во Кочани и мирен протест во Скопје: шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“

Денеска се навршуваат шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица. По тој повод, родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.
Маршот ќе почне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
Од иницијативата „Кој е следен“ повикуваат на мирен собир на плоштадот во Скопје. Собирот е најавен за во 20 часот и 16 минути.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно. Таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организираа и во други градови.