Топ
Полицајци извлекле тетовец затрупан со возило во снежните наноси на Галичица
Синоќа во 20:30 часот полициски службеници од СВР Битола преку 192 добиле повик за помош од страна на П.Х.(57) од Тетово.
Според пријавеното, поради големи снежни наноси на планината Галичица, П.Х. заглавил со патничко возило „џип“, со албански национални ознаки, на регионалниот пат Отешево – Свети Наум, на кој има активна забрана за движење со возила во зима.
Полициски службеници од Граничен премин Стење веднаш излегле на терен, при што во 21:00 часот во близина на место викано Ски-центар Галичица било пронајдено заглавеното во снег возило.
На П.Х. му била укажана помош и безбедно бил извлечен со возилото и спуштен на безбедно место на главниот пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од половина метар снег на Попова Шапка и Маврово, минусни температури во речиси цела држава
Утрово најстудено било на Попова Шапка каде што се измерени -10 степени целзиусови, -8 било во Маврови Анови и Крушево, -5 во Берово, -4 во Крива Паланка, Битола, Прилеп, Охрид и Претор, -3 во Тетово, Дебар и Виница, -2 во Скопје-Зајчев Рид, Куманово и Штип, -1 во Велес, Кавадарци, Скопје-Петровец, Струмица, Демир Капија, 0 во Гевгелија.
Висината на снежната покривка во 7 часот утрово била 64 сантиметри Попова Шапка, 57 во Маврови Анови, 36 во Крушево 34 во Дебар, 32 во Штип, 31 во Демир Капија, 30 во Тетово, 27 во Берово, 20 во Прилеп, 17 во Охрид, 15 во Струмица и Претор, 11 во Крива Паланка, 10 во Скопје-Петровец, 6 во Куманово.
Времето во текот на ноќта и изутринава
Облачно со повремени врнежи од снег. Дуваше слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Утринава снег врне во Крива Паланка, Тетово, Штип, Берово, Куманово и Дебар.
Времето денеска
Претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3 степени.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 2 степени.
Европа
(Видео) Зеленски објави снимка од заробени Севернокорејци, му постави услов на Ким Џонг-ун
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев е подготвен да ги предаде севернокорејските војници на нивниот лидер Ким Џонг-ун доколку тој може да обезбеди нивна размена за украинските војници заробени во Русија.
„Покрај првите заробени севернокорејски војници, сигурно ќе има уште. Прашање на време е кога нашите војници ќе успеат да заробат други“, напиша Зеленски на Икс. Зеленски претходно изјави дека Украина заробила двајца севернокорејски војници во рускиот регион Курск.
Според украинските и западните проценки, околу 11.000 севернокорејски војници се во регионот Курск за да им помогнат на руските сили. Русија ниту го потврди ниту го демантираше нивното присуство. Зеленски вели дека руските и севернокорејските сили претрпеле големи загуби.
„Украина е подготвена да му предаде војници на Ким Џонг-ун доколку тој може да организира нивна размена со нашите војници заробени во Русија“, рече Зеленски.
In addition to the first captured soldiers from North Korea, there will undoubtedly be more. It’s only a matter of time before our troops manage to capture others. There should be no doubt left in the world that the Russian army is dependent on military assistance from North… pic.twitter.com/4RyCfUoHoC
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) January 12, 2025
Тој објави кратко видео на кое се гледа сослушувањето на двајца мажи кои се претставуваат како севернокорејски војници.
Зеленски рече дека може да има други опции за севернокорејските војници кои не сакаат да се вратат дома, „и дека таа можност ќе им се даде на оние кои изразуваат желба да го доближат мирот со ширење на вистината за оваа војна на корејски јазик“. Тој не ги појасни деталите.
Свет
(Видео) Зголемен бројот на загинати во Лос Анџелес: „Многу делови од градот изгледаат како да се бомбардирани“
Бројот на загинати во пожарите што беснеат низ Лос Анџелес се искачи на 24, соопштија утрово властите. Канцеларијата на судски вештак во округот Лос Анџелес објави список на жртви, вклучувајќи осум лица загинати во пожарот во Пацифик Палисадес и 16 лица загинати во пожарот во Итон.
И покрај предупредувањата дека секој обид за навлегување во областа на пожарот е од висок ризик, многу луѓе кои беа принудени да ги напуштат своите домови се собираат на контролните пунктови управувани од полиција, надевајќи се дека ќе добијат шанса да видат во каква состојба се нивните домови и дали се уништени.
„Не можат да одат дома, едноставно затоа што е опасно“, рече шефот на пожарникарите во Лос Анџелес, Ентони Мароне. „Наш заеднички приоритет е… да ги вратиме луѓето дома што е можно поскоро“, рече тој на прес-конференција, додавајќи дека тоа нема да биде можно до среда, поради предвиденото засилување на ветровите.
„Бидете уверени, во четврток, разговорот за враќање на луѓето во нивните домови ќе биде приоритет за нас“, рече Мароне. Некои жители чекаа во ред 11 часа за брза обиколка со придружба на нивните домови во евакуираната област.
На некои не им беше дозволено ниту да ги обиколат своите домови со придружба, бидејќи пожарникарите стравуваа дека силниот ветер може да ја влоши ситуацијата во областите зафатени од пожарот. Шефот на противпожарната служба рече дека ќе се постави систем кој ќе им овозможи на жителите да проверат на интернет дали нивните домови се уништени или оштетени.
„Знам дека многу луѓе во мојата област се разочарани и фрустрирани, но безбедноста е наш приоритет број еден“, рече градскиот советник на Лос Анџелес, Трејси Парк.
Бројот на евакуирани лица во моментов е околу 100.000, што е значително помалку во споредба со околу 180.000 во претходните денови. „Многу области сè уште изгледаат како да се бомбардирани“, рече шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, истакнувајќи ја опасноста од соборените далноводи и гасоводи.