Топ
Починат маж во Штипско: бил пронајден со прострелна рана од огнено оружје
Вчера во 16.11 часот во СВР Штип било пријавено дека во атарот на с.Пиперово, штипско, со прострелна рана од огнено оружје бил пронајден починат И.К.(31) од с.Дедино, општина Конче.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид на местото извршиле екипа на СВР Штип и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Жената во Гостиварско била застрелана пред да биде закопана во дупка, покажа обдукцијата
Завршена е обдукцијата на 53-годишната жена која беше пронајдена почината во атарот на гостиварското село Неготино. Според првичниот наод, таа била убиена со огнено оружје, соопшти Јавното обвинителство.
По наредба на јавен обвинител, во тек е вештачење на трагите подигнати од неколку локации, а паралелно се вршат претреси и се преземаат други истражни дејствија поврзани со случајот.
Краткотрајниот притвор за осомничениот е продолжен за уште 48 часа, додека јавниот обвинител до надлежниот суд предложил определување 48-часовен притвор и за неговата сопруга, којашто вчера беше задржана во полициска станица.
Од Јавното обвинителство наведуваат дека истрагата продолжува со цел целосно расветлување на настанот.
Вчера, во атарот на гостиварското село Неготино, беше пронајдено телото на 53-годишната Х. А., закопано во дупка. За убиството е осомничен 53-годишниот С.М. од истото село, кој, според Министерството за внатрешни работи, претходно дал лажен исказ во полициска станица. Неговата сопруга признала дека тој го извршил убиството и на полицијата ѝ го посочила местото каде што телото било закопано.
Хронолошки, жртвата, на 9 декември била пријавена за исчезната од страна на нејзиниот син. Подоцна на безбедносните камери тој забележал дека два претходно, односно на 7 декември, таа влегла во патничко возило марка „фиат“, по што станала недостапна на нејзиниот телефон. Синот во полиција пријавил и дека на безбедносните камери забележал оти ноќта помеѓу 6 и 7 декември сега осомничениот С. М. влегол во неговата куќа и дека одзел пари од неговата соба. Пред два дена, рано утрото, во 2:15 часот, С. М. бил приведен поради сомнение дека ја принудил убиената Х. А. да замине од домот со него. Тогаш, во полицијата дал лажен исказ, а од добиениот листинг на повици било утврдено дека Х. А. последен пат имала контакт со него на 7 декември. Завчера приведена била и неговата сопруга, која во полициска станица, како што соопшти МВР, признала дека нејзиниот сопруг С. М. со пиштол ја убил Х. А., а го посочила и местото каде потоа била закопана.
Македонија
Македонија воздржана за резолуцијата на ОН за обврските на Израел
Македонија гласаше воздржано на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации за резолуцијата што се однесува на обврските на Израел согласно меѓународното право, вклучително и обезбедувањето хуманитарна помош и основни услуги за палестинското цивилно население.
Резолуцијата беше усвоена со 139 гласа „за“, 12 „против“ и 19 „воздржани“.

Со документот се бара од Израел целосно да ги исполни обврските што произлегуваат од меѓународното право, меѓу кои се почитување на одлуките на Меѓународниот суд на правдата, управување со територијата во интерес на локалното население и соработка со Обединетите нации во добра намера.
Посебен акцент во резолуцијата е ставен на повикот Израел веднаш да овозможи и олесни испорака на хуманитарна помош и основни услуги неопходни за спасување животи на палестинските цивили, вклучително и помошта што ја обезбедуваат Обединетите нации, нивните агенции, други меѓународни организации и држави.
За време на дебатата, израелскиот претставник остро ја критикуваше нацрт-резолуцијата, оценувајќи ја како еднострана и погрешна. Тој изјави дека ваквиот пристап не придонесува за мир, ниту, како што рече, ја одразува реалната состојба на терен, додавајќи дека Израел не може да продолжи соработка со организации што ги смета за пристрасни.
Германија и Русија беа меѓу земјите што гласаа „за“ резолуцијата. Покрај Македонија, воздржани беа и Хрватска, Бугарија, Чешка, Словачка, Албанија, Грузија, Србија и Украина, додека Унгарија гласаше „против“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче се претставува како противник на мигрантите, а во 2018 туркал камп во Бардовци
ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека јавно настапува како противник на мигрантите, додека за време на владеењето на СДСM, заедно со поранешниот премиер Зоран Заев, водел политика за населување мигранти во Македонија.
Во соопштението се наведува дека во периодот на владеење на Сoцијалдемократскиот сојуз постоела, како што тврдат, партиска и државна политика за носење мигранти, при што се посочува дека во 2018 година бил усвоен План за изградба на мигрантски камп во населбата Бардовци.
Според ВМРО-ДПМНЕ, одлуката за изградба на кампот е објавена во Службен весник во 2018 година и се однесува на имот со Имотен лист број 2140 за катастарската општина Бардовци.
Од партијата тврдат дека СДСМ и Филипче, и покрај, како што наведуваат, јавно изнесените деманти дека во Македонија ќе се носат мигранти од Велика Британија, продолжуваат да конструираат приказни и да шират паника меѓу граѓаните.
Во соопштението се поставуваат прашања до Венко Филипче и Зоран Заев за тоа колку мигранти биле подготвени да примат и каков профит би оствариле од таков чекор, како и зошто, според ВМРО-ДПМНЕ, континуирано ја актуелизираат темата со мигрантите.
На крајот, од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат СДСМ и Филипче да престанат со, како што наведуваат, ширење паника и да се посветат на внатрешни партиски реформи, додавајќи дека „единствени мигранти во Македонија се партиските мигранти на СДС кои заминуваат во други партии“.

