Топ
Приведен дилер од Скопје кој бил во бегство 17 години

Шеесет и тригодишен скопјанец е приведен за издржување затворска казна од 12 години. Според информациите од МВР, тој бил во бегство 17 години.
Полициски службеници од отсекот за потраги при Единицата за внатрешни работи Кисела Вода и при Единицата за внатрешни работи Чаир, во содејство со Единицата за интервентна полиција Скопје на Љуботенски Пат, атар на с. Радишани, во непосредна близина на клучката кај Радишани, вчера попладне го привеле А. Р. (63) од Скопје.
За него била распишана централна потерница за издржување казна затвор од 12 години за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, казниво по чл. 215 од Кривичниот законик. Тој е предаден во полициска станица за понатамошна постапка по што ќе биде спроведен во казнено-поправна установа за издржување на затворската казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
САД и Кина постигнаа договор

САД И Кина се согласија за значително намалување на царините за стоките меѓусебно за период од 90 дена, по разговорите што се одржаа викендов.
Зборувајќи во Женева, американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изјави дека двете страни ќе ги намалат своите царини за 115%, откако се согласија за 90-дневна пауза.
Тоа е значителна деескалација на трговската војна што ескалираше минатиот месец. Пред денешниот договор, САД ги зголемија царините за кинеските стоки на 145% (вклучувајќи дополнителни 20% наметнати за ограничување на увозот на фентанил во САД), додека Пекинг возврати со царини од 125% за американскиот увоз.
Бесент им рече на новинарите дека двете страни покажале големо почитување за време на разговорите и дека двете страни сакаат избалансирана трговија.
Македонија
Независниот синдикат на полицијата најави протест: Основната плата на полицијата не може да биде под минималната плата во државата

Независниот синдикат на полицијата денеска со почеток од 12.00 часот на раскрсницата Мавровка кај судовите ќе одржи полициски протест.
„Полициската плата е составена од основна плата и зголемување од 30%. Основната плата на полицијата не може да биде под минималната плата во државата. Бараме воедначување на судската пракса на апелациониот суд Скопје со Апелационите судови од Битола и Гостивар кој го потврдуваат нашето барање. Протестот ќе започне пред судовите, ќе се одржат кратки говори и ќе се упатиме пеш кон судскиот совет“, велат од Независниот синдикат на полицијата.
Од таму најавија и прес-конференција исто така на раскрсницата кај Мавровка во 12.15 часот.
Европа
Захарова: Русија и Кина се борат да го зачуваат историското сеќавање на Втората светска војна

Русија и Кина се борат да го зачуваат историското сеќавање на херојските дела на своите народи во Втората светска војна, додека Западот се стреми да ја преработи историјата за целосно да го промени светот.
Ова го изјави официјалната претставничка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во интервју за руско-кинескиот културен центар.
Дипломатот истакна дека од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, само Руската Федерација и Кина се борат за зачувување на историската вистина за Втората светска војна, додека другите земји, дури и оние што беа дел од антихитлеровската коалиција, „или самите заборавиле сè или сакаат Русија и Кина да заборават сè“.
„Кој од овие петмина воопшто се бори за историско сеќавање? Само две од нашите земји – Русија и Кина. Тоа е вистина. Бидејќи три земји – САД, Франција и Велика Британија – се борат за токму спротивното, за препишување на оваа историја“, забележа Захарова.
Таа истакна дека секоја година има сè помалку ветерани, преживеани од опсадата и сведоци на ужасните настани од Втората светска војна, па затоа „западот сака да го искористат овој момент“ за да ги предадат резултатите од војната на заборав.
„И после ова, кога нема да остане ниту еден жив сведок, ниту еден, тие имаат намера целосно да ја преработат историјата, целосно да ги урнат спомениците на територијата на своите земји, целосно да го преработат светот“, нагласи Захарова.
Според неа, резултатот од ваквите акции ќе биде враќање „во времето на империјализмот, колонијализмот, но едноставно на ново ниво“.
„И ова, за жал, не е нов врв, туку ново дно“, заклучи Захарова.