Топ
Притвор за кумановска адвокатка која сакала да побегне со пари украдени од клиент
Кумановското основно јавно обвинителство поведе истражна постапка против адвокатка под сомнение дека сторила кривично дело измама, откако неовластено и без согласност подигнала пари од трансакциска сметка на нејзина клиентка.
Како што информираат од обвинителството, осомничената во својство на адвокат била овластена од една жена да ги застапува нејзините интереси пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, за ретроактивна исплата на семејна пензија.
Адвокатката како правен застапник во еден момент добила информација дека досудените парични средства од спорот во висина од 680.634 денари се исплатени на трансакциската сметка на клиентката.
Со намера за себе да присвои поголема сума од парите, адвокатката ја зела личната карта на нејзината клиентка и заедно со уште една, засега непозната жена, која наликувала на клиентката, се упатила во експозитура на банка во Куманово.
Притоа осомничената адвокатка, заедно со непознатата жена, преку користење на туѓа исправа и идентитет, се обиделе да извршат трансфер на парите од сметката на клиентката на трансакциската сметка на адвокатката.
Во намерата не успеале поради тоа што банкарските службеници се посомневале во идентитетот на жената.
Но, осомничената адвокатка не се откажала од намерата и во втор обид, на ист начин и со иста постапка, во експозитура на банка во Скопје, успеала да изврши трансфер на парите.
Во меѓувреме, службениците од банката во Куманово го пријавиле првиот обид на адвокатката во јавното обвинителство и надлежните служби. По дадени насоки и наредби од кумановското основно јавно обвинителство, полицијата ја пронашла осомничената на граничниот премин Табановце и веднаш ја уапсила.
Со оглед на тежината на стореното дело, како и оправданиот страв дека постои можност адвокатката да се даде во бегство и да го повтори делото, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до Основниот суд во овој град доставил предлог за определување притвор од осум дена за осомничената, кој бил прифатен од страна на судот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Европа
Зеленски се обиде да го назначи поранешниот премиер за министер за енергетика, парламентот го одби
Украинските пратеници го отфрлија назначувањето на министерот за одбрана во заминување Денис Шмихал за министер за енергетика, што е ретка критика кон претседателот Володимир Зеленски додека се обидува да ги реорганизира клучните сектори во критичен момент од војната со Русија.
Шмихал, кој беше премиер пет години пред да биде преместен во Министерството за одбрана минатата година, беше назначен од Зеленски да го води енергетскиот сектор потресен од обвинувања за корупција и руски напади врз инфраструктурата.
Последната постојана министерка за енергетика беше отпуштена минатата година поради корупциски скандал во кој беше вклучен нејзиниот претходник.
За номинацијата на Шмихал беа потребни 226 гласови за да биде одобрена. 210 гласаа „за“, а три опозициски партии беа воздржани.
Шмихал беше номиниран како дел од големата реконструкција на кабинетот, додека Киев се соочува со растечки руски притисок во војната што влегува во својата петта година следниот месец.
Свет
Бројот на жртви варира во голема мера: „Иран Интернешнл“ тврди дека најмалку 12.000 луѓе се убиени во протестите
Се појавуваат извештаи за илјадници жртви во немирите во Иран, што би претставувало најголем број смртни случаи во протестите од Исламската револуција од 1979 година. Информациите објавени од различни агенции и медиуми значително варираат.
Американската новинска агенција „Human Rights Activists News Agency“ (HRANA), која ги следи протестите во Иран повеќе од 20 години, вели дека најмалку 2.000 луѓе се убиени, од кои 1.850 биле демонстранти. Агенцијата вчера соопшти дека досега идентификувала околу 500 жртви и додаде дека повеќе од 16.000 демонстранти се уапсени.
Од друга страна, „Иран Интернешнл“ проценува дека најмалку 12.000 луѓе се убиени само во протестите на 8 и 9 јануари. Тоа е персиски телевизиски канал со седиште во Велика Британија, поврзан со саудиската влада, и ги базира своите бројки на извори во земјата и медицински податоци.
„Врз основа на достапните податоци и вкрстените проверки на информациите добиени од сигурни извори, вклучувајќи го Врховниот совет за национална безбедност и претседателската канцеларија, првичната проценка на безбедносните институции на Исламската Република е дека најмалку 12.000 луѓе се убиени во овој национален масакр“, рекоа тие.

