Топ
Се бара притвор и куќен притвор за крадците што ограбиле трафики и аптеки во Скопје
Обвинителствто побара притвор за едниот од двајцата крадци што ограбиле две трафики и четири аптеки во Скопје. Обвинителството за вториот достави предлог за определување мерка куќен притвор.
Според деталите што ги објави Обвинителството, двајцата крадци со употреба на сила и закана дека непосредно ќе нападнат врз животот и телото на една оштетена, одзеле 23.000 денари од киоск во Скопје. Притоа, едниот осомничен чувал стража, а другиот употребил метален пиштол – запалка за да ѝ се закани на вработената. По извршеното разбојништво, и двајцата избегале во непознат правец.
На 30 ноември на истиот начин се обиделе да извршат разбојништво во аптека, но оштетената вработена во аптеката одбила да им ги даде парите по што тие се откажале од намерата и избегале.
На 7 декември осомничените, маскирани и употребувајќи сила и закана дека непосредно ќе нападнат врз животот и телото на една оштетена, одзеле 13.000 денари од киоск и повторно избегале.
На 10 декември двајцата осомничени извршиле разбојништво во аптека и одзеле 8.665 денари во разни апоени.
Два дена подоцна лицата се обиделе да ограбат колонијал, повторно заканувајќи се со металниот пиштол – запалка. Вработената на која ѝ ги побарале парите одбила да ги даде, а под касата извадила дрвена палка по што тие се откажале од намерата и избегале.
На 17 декември извршиле разбојништво во аптека, од каде што одзеле 14.200 денари со намера противправно да ги присвојат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Осум дена притвор за насилникот кој претепа и му се закануваше со нож на дете во Скопје
Судот определи притвор од осум дена за насилникот кој нападна и му се закануваше со нож на 12-годишно дете во Скопје, соопшти МВР.
„СВР Скопје го расчисти случајот пријавен на 11.11.2025 во 20:00 часот од страна на Г.М.(39) од Скопје, кој пријави дека околу 15:50 часот на подрачјето на Центар, неговиот 12-годишен син бил физички нападнат од Б.Љ., кој потоа со остар предмет му нанел расекотина и му го оштетил велосипедот. По преземени соодветни мерки и активности, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.Љ. и од него е одземен ножот со кој го извршил кривичното дело“, соопшти МВР.
Претходно, од обвинителството соопштија дека е поведена постапка против 53-годишен скопјанец за кривично дело – Насилство врз дете.
Додека детето се движело со велосипед по булеварот „Крсте Мисирков”, осомничениот го пресретнал со електричен мотор и без повод и причина агресивно го нападнал со тупаници и клоци во пределот на лицето и телото.
Во еден момент извадил и нож со кој замавнал кон детето, а потоа со дршката го удрил по главата.
Детето успеало да се оттргне и да побара помош од случајни минувачи. Осомничениот го зел велосипедот од оштетеното дете, му ги исекол двете гуми и го фрлил кон булеварот со намера да го оштетат возилата кои поминувале. Потоа со моторот го напуштил местото на настанот, додека пак детето било пренесено во Ургентниот центар.
Македонија
Гаши за барањата за датумот на одржување на изборите: Собранието постапува само врз основа на рокови
Во врска со сите барања и прашања што се однесуваат на одредувањето на датумот за изборите за градоначалник во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуша и Центар Жупа, претседателот на Собранието постапува само врз основа на роковите и процедурите утврдени во Изборниот законик. Затоа датумот на изборите ќе биде објавен во горенаведениот законски рок и јавноста ќе биде известена во наредните денови, соопштија од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Процесот на распишување на изборите не е воден од индивидуални преференции или предлози, туку од два фундаментални принципа: задолжителното почитување на законските рокови од Изборниот законик, вклучувајќи ги и новите одредби од член 132-а, донесени во март 2024 година, и процената и подготвеноста на Државната изборна комисија како надлежна институција за организирање и спроведување на изборниот процес“, се наведува во соопштението.
Во овој контекст, пишува во соопштението, претседателот на Собранието веќе одржа два работни состанока со претставници на ДИК, со кои беа разгледани сите правни и оперативни аспекти поврзани со повторувањето на процесот во овие општини.
„Собранието останува посветено на транспарентен и уреден процес, кој е во целосна согласност со законот“, се наведува во соопштението.
Вчера, Алијансата за Албанците упати апел до Гаши да ги закаже изборите пред Нова година.
Пратеникот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, реагира по објавувањето на конечните изборни резултати од Државната изборна комисија (ДИК) нагласувајќи дека законскиот рок за одржување на повторените избори во четири општини почнува од 29 октомври, а не од денот на последното објавување на резултатите.
Според него, од овој датум почнал да тече рокот од 60 дена за одржување на изборите во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Жупа, па затоа тие треба да се одржат најдоцна до крајот на декември.
Македонија
Коцевски алармира: Недостигаат финансиски средства и кадар, вработените во обвинителствата работат со натчовечки напори
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, денеска, пред пратениците алармира за состојбата во која се наоѓаат обвинителствата. Тој укажа дека недостигаат финансиски средства, но и кадар во овој сектор. Рече дека зголемувањето на буџетот не е потребен за зголемување на платите на јавните обвинители, туку за извршување на нивната работа. Исто така, посочи дека за помалку од две години 40 вработени си заминале, а нивните места не се пополнети со нови вработувања.
Коцевски рече дека многу размислувал дали да се обрати пред пратениците затоа што барањата биле исти како лани.
„Лично многу размислував дали воопшто треба да се обраќам повторно од оваа говорница пред вас со истите барања како и лани. Уште повеќе што истите наши барања, кои секоја година ги истакнуваме, пред само неколку дена ги потврди и Европската Унија во последниот извештај – за ефикасна борба против криминалот и корупцијата, мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на Обвинителството и на правосудството воопшто. Сепак, избрав да зборувам. Прво, затоа што навистина верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите што ни се неопходни за да можеме да работиме. Второ, затоа што имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за в година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4 % од вкупниот буџет, се предлагаат едвај 0,2 % за потребите на Обвинителството. Во вкупен обем на средства износот е дури и помал отколку во тековната година. Тоа е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат“, рече Коцевски.
Тој рече дека не станува збор за покачување на платите и истакна дека се намалуваат средствата за договорни услуги од каде се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејства и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат.
„Сакам да е јасно за целата јавност дека тука не станува збор за средства за некакво покачување плати, ниту на јавните обвинители ниту на јавнообвинителските службеници. Во предлог-буџетот планираните издвојувања за плати се до денар исти како и годинава, а не се предвидени средства ниту за додатоци, кои законски им следуваат на вработените. Но, што е уште поважно, најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги, од каде што се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејства и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат. Во исто време, нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Сè ова паѓа на товар на буџетот на Обвинителството“, рече Коцевски.
Јавниот обвинител исто така рече дека и состојбата со кадар е тешка и дека за помалку од две години има одлив од над 10 отсто вработени.
„Кога сме кај кадровските ресурси, морам да укажам на крајно тешката состојба во која сме доведени како институција. Многупати сум кажал и мислам дека веќе сите знаат дека работиме со едвај една третина од потребниот број вработени во јавнообвинителската служба. Меѓутоа, има еден податок што уште повеќе загрижува. Oд почетокот на 2024 до денес, значи за помалку од 2 години, имаме одлив од над 10 % вработени што си заминуваат по разни основи (40-ина вработени). Во истиот период не ни е одобрено ниедно ново вработување, па дури ни пополнување на овие испразнети места. Ниедно ново вработување во службата не ни е одобрено ни за 2026 година, па очекувано е бројот на вработени дополнително да се намали. Иако недостигаат речиси 30 % и од потребниот број јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниеден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа, кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива“, рече Коцевски.
Тој рече дека станува невозможно да се споредиме дури и со земјите во најблиското опкружување. Истакна дека сите обвинителства во регионот се дигитализирани, опремени и со фукционални системи за управување со предметите.
Коцевски се осврна и на резултатите што ги постигнале обвинителствата.
„Бидејќи често се споменува дека финансиите треба да бидат поврзани со резултатите во работата, подготвен сум да зборувам и за резултатите. Истрагата за пожарот во кочанската дискотека ‘Пулс’, Обвинителството ја заврши за помалку од 2,5 месеца и ги обезбеди сите потребни докази. Овој предмет е вистинска потврда зошто е толку важно да се негуваат и да се инвестира во ресурсите на Обвинителството, но и на правосудството во целина. Ваквите трагични настани никој не може да ги предвиди, а ние мора да имаме услови за да овозможиме ефикасна правда. Освен ова, по целосно спроведени истраги, во судска постапка влегоа многу сложени предмети, како што е ‘Онкологија’, злоупотребите откриени во предметот ‘Адитив’, повеќе злосторнички групи, кои се обвинети за трговија со дрога и убиства“, рече Коцевски.
Тој со пример илустрира колку финансиски средства се потребни за решавање на некој предмет.
„Годинава се соочивме со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал, кривични дела што предизвикаа и огромни последици врз нашата животна средина, но и ги вознемирија граѓаните. Само еден пример сакам да истакнам тука за да илустрирам за какви трошоци за докажување зборуваме. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција работи на предмет поврзан со квалитетот на набавките на мазут и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. За вештачење на само еден примерок, кое мора да се врши во странство, потребни се 1.500 евра, а треба да се вештачат можеби 300 или повеќе примероци“, објасни Коцевски.
Тој рече дека минатата година обвинителствата решиле приближно 20 илјади предмети, а дополнително се постапува и во предистрага и во судска постапка. Во вакви услови, додаде тој, секој вработен во Јавното обвинителство во моментот извршува работни задачи за најмалку 4-5 предвидени работни позиции.
„Ваквите резултати, во услови кога немаме доволна материјална и кадровска поддршка од државата, се можни само со натчовечки напори на луѓето во јавните обвинителства. Со оглед на недостигот на кадар, секој вработен во Јавното обвинителство во моментот извршува работни задачи за најмалку 4-5 предвидени работни позиции. Оттаму, извештајот на Европската комисија за нас не е изненадување. Сметав дека е потребно да апелирам до вас уште еднаш да го разгледате предлог-буџетот за 2026 и да ги зголемите финансиите за Јавното обвинителство. Средствата што ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа“, рече Коцевски.

