Топ
Скопјанецот кој со тупаници ја удираше поранешната сопруга веќе бил осудуван за насилство, не му било првпат да ја нападне

Скопјанецот кој брутално ја нападна поранешната сопруга во скопско село е зад решетки. Обвинителството бара од судот продолжување на претходно определената мерка притвор со цел негово обезбедување во текот на постапката, бидејќи и претходно бил насилен, а ова не било првпат сопругата да биде негова цел.
Од Обвинителството информираа дека доказите обезбедени во текот на претходната постапка ја потврдуваат основаноста на сомненијата дека обвинетиот на 1 декември во попладневните часови, во семејната куќа во Љубанци, вршел семејно насилство, при што телесно ја повредил поранешната сопруга со која по разводот на бракот продолжиле да живеат во заедничко домаќинство.
„Тој и пришол од зад грб, со рацете ја зграпчил за вратот и ја стегал, па ја удирал со тупаници и ја кубел за косата“, велат од Обвинителството.
Имајќи предвид дека обвинетиот е претходно осудуван, му се води и друга постапка за истородно дело, а оштетената повеќепати ја напаѓал, јавниот обвинител оцени дека постои реална опасност тој да се обидува да го избегне кривичниот прогон ако биде пуштен на слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повредените со изгореници да не веруваат на мевлеми на социјалните мрежи, преврските се прават во болница, апелира директорката на Пластична хирургија

Тим од Пластична хирургија и од Министерството за здравство вчера констатирал дека во болницата во Кочани има услови за лекување на повредените пациенти, особено на оние со изгореници од прв и втор степен, но недостига кадар, па затоа тим од Скопје ќе биде на располагање во Кочани. Директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, повика повредените пациенти на преврски да одат во кочанската болница.
„Нашата цел е пациентите со помал степен на изгореници да ги префрлиме, да не доаѓаат на два-три дена во Скопје, туку да може таму да одат на преврски. Во моментот пациентите од првиот и вториот пик се релативно стабилни и добри, без некои големи инфекции. На оние што се кај нас можам да кажам дека веќе и целосно им се зараснати раните, зборувам за оние што имаа изгореници од втор степен“, рече директорката Ѓоргиевска-Павловска.
Таа апелира повредените да не веруваат на сѐ што ќе им излезе на социјалните мрежи во врска со лекувањето на изгорениците.
„Вчера, некој ми потспомна дека има некои мевлеми што се продаваат на социјалните мрежи. Не знаеме од какво потекло се, дали се стерилни или не. Апелирам, преврските да ги прават со тимот лекари што ќе дојдат во Кочани во стерилни услови за да можеме инфекциите да ги сведеме на минимум“, апелира директорката Ѓоргиевска-Павловска.
Во лекувањето изгореници директорката предупреди дека инфекции може да се појават во секоја фаза од зараснувањето поради што мора да се внимава и на стерилни лекови и стерилни услови за преврски.
Македонија
Деветмина пациенти денес излегуваат од нашите болници, а осуммина се враќаат од странство, во Скопје ќе останат 15, а во странство 100

Од денес на домашно лекување одат деветмина пациенти, кои се лекуваа на скопските клиники по пожарот во Кочани, а дома се враќаат осуммина, кои беа на лекување во странство. Министерот за здравство Арбен Таравари денес рече дека утрово во нашите болници имало вкупно 24 пациенти повредени во пожарот, а со денешните исписи на лекување ќе останат само 15 и оние што се на лекување во странство.
„Надвор од државата во моментот се лекуваат 108 пациенти. За денес се најавени осуммина пациенти кои се враќаат, од кои двајца се во Белгија, двајца во Австрија, двајца во Турција и двајца во Хрватска. Практично, утре ќе останеме со бројка од 100 пациенти и еден пациент во Шведска веќе е сместен во хотел, значи продолжува со дневна болница и само повремено ќе оди додека дефинитивно не го испишаат и него и да се врати“, рече министерот Таравари.
Сите пациенти се во добра и стабилна состојба, освен четворица, кои беа критични и остануваат во критична состојба.
„Кога велам критични, денес се малку подобри вестите, оние што беа во критична состојба денес се малку подобро отколку што беа вчера, но сѐ уште се во релативно тешка здравствена состојба“, рече министерот Таравари.
Секојдневно здравствените власти добиваат известувања од странство дека сѐ повеќе пациенти се екстубираат, се пренесуваат на одделенија за лекување, а има и такви што се оперираат, главно од пластични хирурзи.
Македонија
Ќе се испитува дали постои основа за задржување на насилникот од Радовиш, кој сподели видео на „Тик-ток“ додека ја тепаше сопругата

За лицето од Радовиш, кое целата јавност го виде на видео на „Тик-ток“ додека ја тепа својата сопруга, ќе се испитува дали постои основа за задржување откога вчера беше приведено.
Од Обвинителството соопштија дека постапката за него е во тек.
„Постапката за лицето е во тек врз основа на поднесената кривична пријава. Меѓу другото, ќе се испита дали во конкретниот случај постои основ за негово задржување. Јавното обвинителство и истражните органи имаат обврска да постапуваат единствено врз основа на доказите во предметите“, велат од Јавното обвинителство.
Од она што засега е официјално, сопругата не сака да го гони и во разговор со полицијата тврдела дека видеото било старо. Случајот го пријавила мајка ѝ, но сопругата тврди таа тоа го прави за да ги раздели, а мајката од своја страна вели дека е загрижена за ќерка си.