Топ
Сопартијците од ДУИ застанаа во одбрана на Артан Груби
Крешник Бектеши во објава на својот Фејсбук профил изрази жалење за, како што вели, обидот за напад врз првиот вицепремиер Артан Груби, а во врска со палењето на автомобил на негов сосед за кој медиуми шпекулираат дека всушност е на Груби.
-Сите заедно како општество мораме да ја осудиме оваа неприфатлива постапка која го нарушува имиџот на државата и создава неизвесност кај нашите граѓани. Ќе стоиме обединети, силни пред секој предизвик што не очекува, вели Бектеши.
Тој изрази надеж дека надлежните органи ќе го истражат овој случај и што поскоро ќе ги изведат сторителите на оваа акција пред лицето на правдата.
Се огласи и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој исто така преку Фејсбук статус вели дека е „револтиран од веста за одвратниот чин – палењето на возилото на вицепремиерот Груби“.
-Овој грозоморен чин на насилство не е само напад на почитуван колега, туку и навреда за нашите демократски вредности и структурата на нашето општество. Ова го кажувам, не само како министер, туку и како загрижен граѓанин, за најостро да го осудам овој чин на подметнување пожар. Насилството нема место во цивилизирано општество и таквите постапки никогаш не можат да се оправдаат. Ги повикувам властите да спроведат темелна истрага за да се открие вистината зад овој инцидент и веднаш да се изведат одговорните пред лицето на правдата. Мора да има одговорност за таквите постапки кои ја загрозуваат безбедноста и интегритетот на нашите демократски институции. Ние сме општество изградено врз принципите на мир, толеранција и почитување еден кон друг. Нашата сила лежи во нашето единство и заедно можеме да го надминеме секој предизвик што ќе ни се појави, вели Османи кој во објавата автомобилот го припишува на Груби иако Груби попладнево излезе со објава на Фејсбук каде вели дека запалениот автомобил е на неговиот сосед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Фото) Фудбалер на македонскиот клуб „Рокдејл Илинден“ меѓу жртвите во нападот на плажата Бонди во Австралија
Меѓу убиените во вчерашниот терористички напад на плажата Бонди е и фудбалер на Рокдејл Илинден – клуб на македонската дијаспора во Австралија.
„Со голема тага дознавме дека нашиот играч Ден Елкајам беше трагично и бесмислено убиен во масакрот на плажата Бонди. Ден – 27-годишен Французин од еврејска вероисповед – живееше со својата девојка во источните предградија. Го обожаваше австралискиот начин на живот.
Фудбалот му беше страст – заедно со поминувањето време на плажа и дружењето со пријателите. Неговото насмеано лице и почитувачката природа многу ќе им недостигаат на неговите соиграчи и на сите што го познавале. Се молиме за него и за неговото семејство“, објави клубот.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Македонија
Вечерва почнува зимска бајка на Плоштад Македонија: Елката ќе светне во 18 часот, Дедо Мраз ќе стигне на 27 декември
Елката на Плоштад Македонија вечерва во 18 часот ќе биде осветлена со свечена церемонија, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. До 31 декември секоја вечер со почеток во 18 часот ќе има празнична програма, а за дочекот, на барање на градоначалникот ќе пеат македонски музички ѕвезди.
„За првпат по неколку години стагнација во главниот град свечено ја почнуваме новогодишната приказна со церемонија за осветлување на градот поставувајќи темели на новата празнична традиција по примерот на најразвиените европски метрополи. Денес во 18 часот, во срцето на градот, на Плоштадот Македонија свечено ќе биде осветлена новогодишната елка и официјално ќе биде отворен новогодишниот маркет со што симболично го обележуваме почетокот на празничните случувања во нашиот главен град“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски кој смета дека со оваа церемонија Скопје прави значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања.
Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.

