Топ
Сопатник загина, возачот тешко повреден – со автомобил удриле во бетонски столб

Вчера во 15.44 часот во СВР Битола било пријавено дека на ул.„Довлеџик“ во Битола, патничко возило „сузуки“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Б.К.(54) од Битола, удрило во бетонски столб.
Од здобиените повреди на местото починал сопатникот М.К.(80) од Битола, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Битола.
Додека, возачот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Битола.
Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел и Хамас се согласија за прекин на огнот во Газа

Израел и Хамас се согласија за првата фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, договор за прекин на огнот, што би можело да го отвори патот за крај на крвавата двегодишна војна на Блискиот Исток.
Само еден ден по втората годишнина од нападот на милитантите на Хамас што го предизвика разорниот напад на Израел врз Газа, индиректните разговори во Египет резултираа со договор за почетната фаза од рамката од 20 точки на Трамп за мир во палестинската енклава.
Изворите велат дека договорот би можел да биде потпишан во Египет уште денес.
Палестинската група Хамас утрово објави дека ја прифатила првата фаза од планот за прекин на огнот во Газа изразувајќи благодарност за напорите на Трамп, како и за напорите на Турција, Катар и Египет, објави Анадолу.
„Хамас објавува дека е постигнат договор што предвидува крај на војната во Газа, повлекување на окупаторските сили, испорака на хуманитарна помош и размена на затвореници“, се вели во соопштение објавено на Телеграм.
Во соопштението се додава: „Ги цениме многу напорите на нашите браќа посредници од Катар, Египет и Турција. Исто така, ги поздравуваме напорите на американскиот претседател Доналд Трамп, чија цел е конечно да се стави крај на војната и целосно да се повлечат израелските окупациски сили од Појасот Газа.“
Соопштението на Хамас дојде кратко откако Трамп потврди дека Израел и Хамас ја потпишале првата фаза од договорот за Газа, предложен од САД.
Македонија
Филипче до Димитриевски: Со предавници на социјадемократската идеја не дебатирам

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината „Се бориме за нашиот дом“ од Прилеп, му одговори на Максим Димитриевски.
„Слушам Максим Димитриевски, пиунот на Мицкоски, барал дуел со мене. Јас со предавници на социјалдемократската идеја и подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ не дебатирам“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ подвлече дека „секој кој решил да ги предаде идеалите за функција не опстанал“, додавајќи дека граѓаните во Куманово веќе ги препознаваат измамите.
„Дали Максим се плаши дека е пуштен низ вода откако еднократно го искористија, тоа ли е стравот? Или пак стравот е затоа што е разоткриен од граѓаните кои ги излажа на претходните избори? И треба да му биде страв затоа што секој кој решил да ги предаде идеалите за функција не опстанал. Сфати Максим дека луѓето полека се враќаат во СДСМ и бегаат од него па лаже дека некој им прави притисок. Сфатија сите дека човекот кој ветуваше правда и вистинска социјалдемократска политика лажел. Се сместија тој и неколкумина околу него удобно во Влада и заборавија на ветувањата. Шуруваат со ДУИ, прават криминал во Куманово, а ветувањата за правда испарија. Затоа граѓаните ќе ги казнат на овие избори“, рече Филипче.
Тој посочи дека Димитриевски „после сите афери и сомнежи за станови, за парцели, ќе треба да се спреми за дуел со правдата, обвинителството и судството.“
Македонија
Мицкоски: Венко и Стевчо тајно во седиштето на СДСМ премерувале како да обезбедат 2.000 гласа за Јакимовски од СДСМ

На денешниот митинг во Карпош во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што кажа дека Венко Филипче и градоначалникот Стевчо Јакимовски се дел од системот кој ќе го променат, а Сотир Лукровски убедливо води на анкетите во Карпош.
Мицкоски се осврна на политичките пазарења од страна на актуелниот градоначалник на Карпош и претседателот на СДСМ и им порача дека со гласовите на народот не може да се пазарат и дека тие тајни дилови нема да им поминат.
„Тука сме во Карпош, каде граѓаните се соочуваат со еден феномен на киднапирање на општината за лични интереси и криење зад функцијата зашто без функцијата тој човек е ништо. Но внимавајте има една замка голема која што се обидуваат да ја подготват, а пред неколку дена тајно во седиштето на СДСМ овој кандидатот и актуелен градоначалник во Карпош заедно со претседателот на СДСМ мислеле, премерувале како да обезбедат 2000 гласа за него од СДСМ да ја пуштат нивната кандидатка низ вода, а тој да влезел во вториот круг. Но тука има непознати во оваа равенка. А јас знаете дека сум по равенките и математички прецизно ќе им порачам. Прв проблем, народот не е квантум на гласови, не е тоа вреќа, па ќе купите и ќе претурите, тоа се луѓе со судбини, со иднина, со предизвици, со животи. Тоа се семејства со мечти и амбиции, кои знаат, кои критично гледаат на работите, и оценуваат. Посебно затоа што анкетите се така јасни што дури и од Горни Милановац да донесете гласачи, каде еден познат македонски политичар имал кариера во минатото, повторно нема да им успее.“ истакна Мицкоски
Мицкоски кажа дека над 65 проценти од граѓаните во Карпош се против реизбор на Стевчо Јакимовски, а според последната анкета Сотир Лукровски убедливо победува во првиот круг на овие избори.
„Преку 65 проценти на карпошани велат дека актуелниот градоначалник не заслужува реизбор. А според последната анкета убедлив фаворит за иден градоначалник на општина Карпош е токму Сотир Лукровски и тоа уште во првиот круг. Јас го познавам тој човек многу добро. Сотир е човек чиј живот поминал во борба и низ предизвици полни со егзистенцијални аспекти, и со срце ко планина. Памтете ми го зборот. И ќе видите во периодот кој следи. На него може да се ослоните кога имате проблем, со него може да разговарате и да ве разбере и да ви помогне, за него суетата е туѓа, тој сослушува, знае да одбере одличен тим, и што е најважно знае да испорача резултати, на него може да сметате кога Карпош ќе е во опасност од лоши намери на разни бизнис интереси, но и да знаете дека тој е спремен да оди и против блиски ако неговите принципи се доведени под прашање или ако Карпош и граѓаните не се согласуваат со нешто. Тоа е Сотир Лукровски, чиј најголем проблем оваа кампања му е што бил мој другар. И за кого не може да кажат ништо лошо освен да измислуваат“ кажа Мицкоски.
Мицкоски упати пораки и до кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, Сотир Лукровски.
„Почитуван Сотир, оваа кампања како кандидат за првпат вака одблиску ја гледаш и прљавата страна на политиката. Јас тоа го искусив многу одамна низ еден тежок пат на проблеми и предизвици, во кои и ти беше покрај мене, кога ме нарекуваа со најлоши зборови, кога ми ја саботираа партијата и иднината, кога ми лепеа разни глупости и етикети те хидро, те анти-ЕУ. Го преживеавме тоа и ги победивме. Но сега ти директно го гледаш тоа. Знам дека твоја желба е да ја исчистиш политиката од калта и бахатоста, и во тоа секогаш ќе ја имаш мојата поддршка. Ја знам твојата волја и ја знам твојата мотивација и знам дека ќе успееш. Знам дека заедно ќе успееме. Рамо до рамо, сите како еден со граѓаните на Карпош, каде новата енергија ќе се чувствува од првиот ден, а промените ќе ја вратат надежта и оптимизмот и вербата дека може подобро. Тоа се оние верба и надеж кои се губат низ политичките препирки, но повторно оживуваат низ делата и проектите за добро на граѓаните. Дела кои мора да ги создадеме за граѓаните, и иднина која мора да ја изградиме за сите семејства“ заклучи Мицкоски.