Топ
Спречен обид за шверц на 50 тони дизел гориво, декларирано како базно масло
Царинските службеници на Ќафасан спречија обид за шверц на 50 тони дизел гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две товарни моторни возила – цистерни. Против сторителите се поднесени кривични пријави до Јавно обвинителство.
Имено на влез во државата на граничниот премин Ќафасан пристигнале две товарни возила со цистерни коишто се пријавиле за транзит. Испраќач на стоката е фирма од Албанија, а примач фирма од Република Северна Македонија. Поради сомневање во поднесената документација и видот на декларираната стока товарните моторни возила се задржани за понатамошна контрола. Притоа земени се и мостри за лабораториско испитување, соопшти Царинската управа.
Од добиените резултати од направената лабораториска анализа, како и од извозните документи добиени во соработка со албанската царинска администрација, било констатирано дека во двете товарни моторни возила – цистерни, наместо декларираното базно масло, има дизел гориво за кое увозните давачки во Република Северна Македонија се поголеми, односно дека е направен обид за избегнување на давачки во поголем износ при увоз на акцизна стока.
Вредноста на вкупната количина на дизел горивото во двете цистерни изнесува 3.121.626 денари за што царинските давачки изнесуваат 1.745.327 денари.
„Возилата и горивото се привремено одземени и против сторителите се покренати соодветни судски постапки за кривично дело царинска измама по член 278а од Кривичниот закон“, информираат од Царина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Терористот од Сиднеј обвинет за 59 кривични дела
24-годишниот Навид Акрам, кого полицијата го сомничи дека стои зад масакрот на плажата Бонди во Сиднеј, е обвинет за вкупно 59 кривични дела, вклучувајќи 15 убиства. Акрам се разбуди од кома вчера откако беше тешко ранет во престрелка со полицијата. Неговиот татко Саџид Акрам (50) беше убиен.
Полицијата соопшти дека таткото и синот убиле 15 лица и повредиле уште десетици кога нападнале еврејски фестивал. Полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Мал Ланион, го прогласи масовното пукање за терористички напад во неделата вечерта.
Навид Акрам е обвинет за 15 убиства, едно обвинение за извршување терористички чин и десетици обвиненија за ранување со намера за убиство. Тој е обвинет и за употреба на огнено оружје со намера за предизвикување тешки телесни повреди, јавно прикажување на симбол на забранета терористичка организација и поставување експлозиви во или во близина на зграда со намера за предизвикување штета.
Европа
(Видео) Лукашенко: Неуспехот во потрагата по мир може да ескалира во глобален конфликт
Белорускиот претседател Александар Лукашенко повика на брза акција за прекин на конфликтот во Украина во интервју објавено во вторник, нагласувајќи дека САД мора да останат вклучени во дипломатските напори. Лукашенко е сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и ѝ ја отстапи белоруската територија на Москва за инвазија на Украина во 2022 година.
„Сега многу работи зависат од ставот на Трамп и САД. Најважно е Трамп да не отстапува од овој став“, изјави Лукашенко за американската телевизиска мрежа Newsmax, а делови од интервјуто ги пренесе белоруската државна новинска агенција BelTA.
„Доколку сè зависеше исклучиво од Трамп, војната ќе беше завршена одамна… Но, ова е повеќестран процес и Трамп не може сам да го реши… Конфликтот мора да биде замрзнат од горе до долу. Откако луѓето ќе престанат да се убиваат едни со други, можете да седнете и да се договорите за што сакате“, рече белорускиот претседател.
Лукашенко рече дека неуспехот во потрагата по мир може „да заврши лошо за Европа и целиот свет“ и „да прерасне во некаков вид глобален конфликт“.
Американскиот претседател ги предводи напорите за наоѓање решение за ставање крај на конфликтот. Првичниот американски мировен предлог, критикуван од многумина во Европа како премногу проруски, претрпе измени.
Американските и украинските претставници одржаа консултации за предложениот договор заедно со европските претставници за време на дводневните разговори во Берлин оваа недела.
Трамп изрази фрустрација и од Путин и од украинскиот претседател Володимир Зеленски поради континуираниот неуспех да се стави крај на речиси четиригодишната војна. Руските сили држат околу 19 проценти од украинската територија и се обидуваат да воспостават целосна контрола врз источниот регион Донбас.
Европа
(Видео) Украинците нападнаа уште една рафинерија во Русија
Нафтена рафинерија во рускиот град Славјанск на Кубан во Краснодарската област беше потресена од силни експлозии синоќа. Се верува дека украинските сили ја нападнале со беспилотни летала. Речиси истовремено, непосредно пред полноќ, беше пријавен и напад со беспилотни летала во Саратовската област, објавува „Киев Индепендент“.
Славјанск на Кубан се наоѓа во јужна Русија, недалеку од Азовското и Црното Море, додека Саратовската област во својата најблиска точка е на околу 330 километри од североисточната украинска граница. Киев сè уште не ги коментирал нападите, а информациите сè уште не се независно потврдени.
Украина редовно извршува напади врз руската воена и енергетска инфраструктура со цел да ја ослабне борбената моќ на Москва во тековната војна. Бидејќи рускиот енергетски сектор директно ги финансира воените напори на Кремљ, Киев ги смета енергетските објекти за легитимни воени цели.
Овие напади следат по големиот напад на украинските сили врз руските воени и нафтени објекти на 14 декември, погодувајќи цели низ Русија и на окупираните територии, вклучувајќи го и Крим, како што објави Генералштабот на Украина. Само два дена претходно, на 12 декември, беше потврден и нападот врз рафинеријата „Славнефт-Јанос“ во Јарослављ, една од петте најголеми во Русија.
Во меѓувреме, гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, на 14 декември тврдеше дека украинскиот ракетен напад врз градот Белгород предизвикал „сериозна штета“ на локалната инфраструктура.

