Топ
Стружанец си ја убил сопругата со нож и се обидел да се самоубие

Стружанец ја убил својата 34-годишна жена по расправија. Убиството се случило доцна вечерва. Според првичните информации од увидот на полицијата, жената била бодена со нож.
„Пријавено е дека во Струга, на улцата Ристо Крле, при расправија со својот сопруг, С. Р. (1987) од убод од нож е повредена и им подлегнала на повредите. Смртта ја констатирала Итната медицинска помош“, велат од МВР.
Во тешка состојба е и 39-годишниот Ј. Р., кој ја убил жената. Неофицијално, сопругот по убиството се обидел и да се самоубие. Тој е пренесен во Општата болница во Струга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родители протестираат за бесплатен превоз за средношколците наместо поскапо сместување во дом, МОН смета дека решениeто е во интерес на учениците

Законското решение кое го регулира превозот на учениците е ново, заеднички изработено со сите засегнати чинители и претставува одговор на детектираните предизвици во минатото, велат од Министерството за образование и наука, по протестот на родителите од Демир Хисар, кои бараат бесплатен превоз за учениците од стручните училишта во Битола, и се чувствуваат уценети со престојот во ученичкиот дом.
„До лани реакциите беа дека учениците кои се запишани во средните училишта надвор од нивното место на живеење, губат многу време во патување, а со тоа и губат време за настава и учење. Поради превозот, односно утврдени термини за тргнување и заминување од училиште го пропуштаа почетокот на наставата или последните часови. Сега со новиот закон се надминува овој проблем, им се овозможува на учениците да бидат сместени во ученички домови и да имаат доволно време за тоа што им е основна обврска – учењето и совладувањето на наставната материја“, велат од Министерството во одговор за „Макфакс“, уверувајќи дека основа на решението се најдобрите интереси на учениците.
„Макфакс“ го праша МОН и дали има проценка колку семејства со повеќе деца ќе бидат директно погодени од оваа измена и дали е предвидена финансиска поддршка за нив, како и кои алтернативи им се нудат на учениците кои не сакаат да престојуваат во дом, а мораат да патуваат до училиште во друг град. Засега не се знае дали Министерството ќе ја преиспита оваа одлука, со оглед на тоа што, како што раскажуваат родителите, при уписот поднеле и изјава дека детето е со превоз, без да бидат запознаени со измените на Законот.
За семејствата во овој крај од Македонија почетокот на школската година почна со протести. Порачаа дека со измените се ускратува правото на нивните деца на избор и бесплатен превоз.
Реагираат и на критериумите за прием во ученичкиот дом. Велат дека првично не биле примени ученици од пооддалечени општини, како Росоман, Демир Капија и Неготино, иако токму оддалеченоста би требало да биде најважен услов. „Подоцна, кога некои од нашите деца ќе се откажат од престој, тие по дифолт ги примаат оние што претходно биле одбиени. А нам, кои не сакаме децата да седат во дом, ни го укинуваат правото на бесплатен превоз,“ се пожалија родителите пред почетокот на школкската година во дописот до медиумите.
Според нив, со оваа одлука државата наместо да обезбеди еднаков пристап, наметнува дополнителни трошоци.
На вчерашниот протест најавија дека и во наредните денови ќе продолжат со протести и блокади на патот кон Битола, а ги охрабруваат и родителите од другите градови да им се приклучат за заедно да го изразат револтот и да се изборат за правата на децата.
Според оваа измена, учениците кои се запишани во средните училишта во Битола мора најпрвин да аплицираат за место во ученички дом. Во моментов, околу 100 ученици од Демир Хисар учат во Битола, а родителите предупредуваат дека со измените на Законот им се скратува правото на децата да изберат струка која ја нема во нивниот град – како медицинска, економска или техничка. Во Демир Хисар има само едно средно училиште, и тоа со два смерови општа гимназија и компјутерска автоматика. Измените ги засегаат и учениците од селата и градовите од регионот, меѓу кои Ресен, Крушево, Могила, Новаци и други.
„Макфакс“ претходно денес испрати прашања и до Општина Демир Хисар, меѓу кои и тоа дали дали Општината може да обезбеди привремена поддршка за учениците (субвенција за превоз, посебна линија) додека не се најде трајно решение. Прашања беа испратени и до Општина Битола, но до моментот на објавувањето на овој текст, не е пристигнат одговор.
Македонија
Обвинителство: Детално ќе ги испитаме наводите за нелегално прислушување

Јавното обвинителство нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите, велат од Јавното обвинителство.
Од таму додаваат дека Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд, кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките.
„Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон“, велат од Обвинителството.
Во однос на претходните наводи за следење на премиерот, по насоки на Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, Обвинителството за гонење на организиран и криминал и корупција оформило предмет во кој се преземаат дејствија на проверки.
Воедно, велат од Обвинителството, и наводите во последните известувања од АНБ детално ќе бидат испитани.
Македонија
Напаѓачот на Арсовска доби казна од две години затвор

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која напаѓачот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е осуден на две години затворска казна поради нападот врз неа.
„Основниот кривичен суд Скопје известува дека судот на 2.9.2025 година ја донесе и јавно ја објави пресудата по предметот К.бр.1338/25, со која обвинетиот С. Љ. го огласи за виновен за сторено кривично дело насилство од член 386 став 3 вв со став 1 од Кривичниот законик по што му изрече казна затвор во траење од 2 (две години), а поради тоа што на 11.7.2025 година извршил грубо насилство врз градоначалничката на град Скопје.
Во согласност со член 47 од Кривичниот законик, во изречената казна затвор на обвинетиот С. Љ. му се засметува и времето поминато во куќен притвор, преиначена во мерка притвор.
Против ваквата пресудата странките имаат право на жалба во рок од 8 (осум) дена по приемот на пресудата преку овој суд до Апелациониот суд Скопје“, се истакнува во соопштението.
Во однос на мерката притвор, судот одлучи дека таа да се продолжи до правосилност на пресудата, односно до почнување со издржување на казната затвор, но не подолго од 60 (шеесет) дена.