Топ
Тепачка меѓу две сестри во Тетовско: поголемата ја истепала и со остар предмет ја повредила малолетната сестра
Вчеравечер, во 21.50 часот, во СВР Тетово е пријавено дека во тетовската Клиничка болница била донесена малолетничка од тетовско село со повреди од остар предмет и со други повреди на телото.
По преземените мерки, било утврдено дека повредите ѝ ги нанела нејзината повозрасна сестра, исто така малолетничка.
Тие, според полицијата, претходно се скарале, а следувала и физичка пресметка.
По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски: Не сум најдобриот татко поради војната, мојот избор е должност
Украинскиот претседател Володимир Зеленски проговори за личните предизвици со кои се соочува по годините војна, признавајќи дека неговите должности го направиле „не најдобар татко“. Тој, исто така, ги пофали цивилите и работниците што ја поправаат енергетската инфраструктура уништена од руските напади за време на, како што рече, најсуровата зима во последните децении, објави Скај њуз.
Во разговор со меѓународниот дописник Алекс Роси во Киев, Зеленски рече дека „извонредни луѓе“ работат на враќање на снабдувањето со електрична енергија во услови на „многу тешка“ зима. Тој рече дека Русија само во четврток лансирала 420 дронови и 39 ракети, повредувајќи десетици луѓе и оштетувајќи згради.
„Ова беше, мислам, најсуровата зима во последните децении… температурите паѓаа на минус 20 степени Целзиусови, а ноќе на минус 30 степени Целзиусови“, рече тој. „Но, не е важно дали е ден или ноќ, бидејќи ако немате греење, тешко е дење и ноќе… минус 30 е огромен предизвик за нашиот народ“, додаде Зеленски.
Зборувајќи за жртвите што ги прават цивилите за да го одржат системот во функција, претседателот рече: „Имавме навистина херојски тимови кои го обновија снабдувањето со електрична енергија, енергетскиот систем, а имавме и загуби затоа што ги правеа овие поправки под ракетен оган“.
Зеленски призна дека неговата улога и одговорности како претседател за време на војната влијаеле врз неговото семејство. „За време на војната, јас не сум најдобриот татко… затоа што немам многу време за моите деца“, рече тој. „Јас сум претседател на Украина. Мојот избор е должност. Мојот избор е Украина. Затоа реков дека не сум добар татко за време на војната“, објасни тој.
Во меѓувреме, украинските и американските претставници се состанаа во Женева во четврток за да разговараат за повоената обнова, и покрај застојот во мировните преговори со Русија. Зеленски потврди дека следната рунда мировни преговори со посредство на САД веројатно ќе се одржи во Абу Даби на почетокот на март.
Украинскиот преговарач Рустем Умеров рече дека преговарачите работат на финализирање на економските и безбедносните прашања за да „осигураат дека следната трилатерална средба со САД и Русија е што е можно посуштинска“.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.

