Црна хроника
Прекинато судењето Метастаза – и се слоши на поротничка
Судскиот процес Метастаза пред половина час беше прекинат. На една од поротничките и се слоши. Судечкиот судија соопшти дека доколку на поротничката и биде подобро процесот ќе продолжи утре
На денешното рочиште беа сослушани двајца обвинети. Прва пред судот зборуваше началничка од Фондот за здравство Љубица Величкова. Таа тврдеше дека најпрофесионално си ја работела работата како раководител на трите комисии кои одлучувале за одобренија за инвалидски пензии. Рече дека како комисии лекарите работеле по веќе дадени дијагнози од матични лекари и лекари специјалисти, а членовите на комисиите само вршеле вештачење на пациентите. Се пожали дека работеле само со апарат за мерење притисок и слушалки. Докторката кажа дека неколку пати открила фалсификувани потписи на наоди на лекари кои ги пријавувала во полиција. Дури открила и фалс потпис на д-р Сашко Кедев за што лично го информирала. Обвинителот пред судот прочита транскрипт на текст односно снимен разговор по телефон меѓу неа и еден од обвинетите кои одговара за посредување. Според разговорот со него се договарала за одредени предмети во која комисија да се стават за одлучување. На тоа обвинетата кажа дека му одговорила на човекот кој и се јавил по телефон кратко само за да го откачи оти имала многу работа. Со него полицијата регистрирала дека обвинетата се слушнала повеќе од сто пати.По неа беше сослушан и Азем Сфорц кој е обвинет дека бил линк меѓу барателите на пензија и членовите на комисијата. Тој кажа дека ги познава лекарите, но само заради лични здравствени проблеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец предизвикал пожар и оштетил топловод и конструкцијата на мостот „Беласица“
СВР Скопје – Единица за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти, денеска до Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против И.Х.(37) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дело „тешки дела против општата сигурност” по член 292, а во врска со кривично дело „предизвикување општа опасност” по член 288 од Кривичниот законик.
Имено, по преземени мерки, подигнати докази, извршени вештачења и разговори со повеќе лица било утврдено дека на 11.05.2023 под мостот „Беласица“, пријавениот предизвикал пожар на т.н. „просторија за компензација на топловод”, кој се проширил на термичката изолација и топловодните цевководи кои се дел од топлификациска мрежа на ЕСМ-Снабдување со топлина, при што се предизвикани топлински оштетувања на наведениот топловод, како и видливи оштетувања на конструктивните елементи на мостот.
Инаку, пријавениот И.Х. од 12.09.2023 се наоѓа на издржување казна затвор во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик.
Црна хроника
Сообраќајна несреќа меѓу три возила во Скопје: повредени четири лица
Вчера во 15.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од бул.„Босна и Херцеговина“ со ул.„Александар Урдаревски“ и ул.„Ќемал Сејфула“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел мерива“, управувано од Ш.С.(38) од с.Брест, скопско, патничко возило „фиат 500“, управувано од М.Ц.(25) од с.Кучевиште, скопско и патничко возило „фолксваген туран“, управувано од З.З.(66) од Скопје, трите со скопски регистарски ознаки.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот од возилото „опел мерива“, Б.М.(31) од Скопје, а со телесни повреди се здобиле тројцата возачи, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ и Градската општа болница „8 Септември“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Со мопед удрил во метален столб на „Партизанска“: две лица тешко повредени
Денеска во 04.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Партизански одреди“ во Скопје, мопед „хамачи“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Д.М.(37) од Скопје, удрил во метален столб.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот и сопатникот Џ.А.(36) од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.