Црна хроника
Случај „Фаланга“: Обвинетите тврдат дека чувале евтини сувенири
На продолжението на судскиот процес за продавање антички предмети, беа сослушани обвинети кои во целост го негираат обвинителниот акт и тврдат дека се наместени
Им се суди на 29 -мина за нелегална трговија со артефакти и антички предмети.Обвинетиот Никола Димовски пред судот во детали раскажуваше од каде му биле пронајдените и запленетите артефакти. Tврди дека биле евтини сувенири кои тој ги префарбувал и ги продавал како скапи реплики. Поради сиромашен живот се одлучил на таков бизнис. Тврдеше дека коњот пегаз кој му бил запленет бил реплика која тој лично ја офарбал, а за менадата дека ја купил за 250 денари. Го оспори вештачењето на Обвинителството според кое Менадата била од непроценлива вредност. Кажа дека лично ја фарбал и додека уште се сушела бојата ја фатил и така оставил отисок на десната нога. Кажа дека монетите кои му биле најдени дома ги купил од маркетот „Веро“. Судијата кажа дека во интерес на предметот и самиот отишол да побара такви монети во маркетот, но не нашол, на што обвинетиот му одговори дека монетите се продавале во маркетот во Тафталиџе. Димовски кажа и дека купувал монети од улични продавачи на книги и тоа две за сто денари. Потврди дека имал контакти со заштитениот сведок кој го носел во источниот дел од државата за да му покажува локалитети. Вели дека тоа го правел за да му продаде реплики и да го убеди дека му продава вредни предмети. Обвинетиот пред судот се пожали дека имал тешка здравствена состојба.Иако млад човек имал хематом во мозокот и епилепсија. Неколкупати му се слошило во притвор и добил епилептичен напад. Благодарение на притворениците преживеал. Судењето продолжува со сослушување на обвинетите, а судот најави откако ќе заврши нивниот распит ќе одлучува дали некого ќе пушти од притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

