Црна хроника
Кажувал дека работи во владата и барал пари
Педесет и три годишниот В.С. од Свети Николе, викан Спикер, заработи кривична пријава за измама и за лажно претставување поради тоа што од 30 лица барал пари за наводно лекување претставувајќи се лажно.
Лицето, претставувајќи се како Владо Радевски – вработен во Кабинетот на Премиерот на Владата на Република Македонија и како Димче – вработен во Министерството за правда, од 20 правни и физички лица од повеќе градови земал 144.550 денари на име донација за лекување на болно лице од Свети Николе.
Паричните средства осомничениот ги подигнал во готово и ги искористил за свои лични потреби. Во периодот од јануари до мај годинава во најголем број на случаи остварувал телефонски контакт со физички лица или одговорни лица во фирми, а во помал број на случаи одел лично и претставувајќи се лажно од оштетените барал парични средства – донација. Притоа истиот им презентирал различни верзии поврзани со лекување на болно лица и тоа: донација за лекување на дете во странство, донација за лекување на дете на негов пријател, донација за негова лична операција во странство, помош за негов роднина за лекување во странство, помош за операција на болен човек, помош за болен човек за итна операција, а во други случаи пак, за лекување на неговата сопруга, помош за операција, хуманитарна помош за болни лица од Свети Николе и слично.
Во случаите кога со телефонско јавување и усно презентирање не можел да обезбеди пари, на оштетените им ја презентирал или на факс им ја доставувал документацијата од историјата на болеста на неговата сопруга која се лекувала во ЈЗУ „Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија“.
Од оштетените се уплаќани различни износи, односно едно правно лице извршило уплата од 20.000 денари, две правни лица по 10.000 денари, единаесет од оштетените правни и физички лица извршиле уплата на износи помеѓу 5.000 и 7.000 денари, а шеснаесет уплатиле износи помеѓу 1.200 и 4.000 денари.
Пријавениот и претходно е познат на полицијата како сторител на кривични дела во периодот од 1975 до 2012 година, односно тој бил пријавуван за кривични дела – “кражба“, „измама“ и други дела, на подрачјето на Струмица, Велес, Кочани, Скопје, Свети Николе, Неготино и Кавадарци, а на истиот од страна на судовите му се изрекувани и затворски казни. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена пријавила дека партнерот ја нападнал и ѝ го одзел телефонот, оштетено и нејзиното возило во Кисела Вода
Вчера околу 20:50 часот, 31-годишна жена пријавила во полицијата дека била физички нападната од нејзиниот партнер Љ.З. во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал, ѝ упатил закани користејќи остар предмет, а подоцна и го оштетил нејзиното возило со тврд предмет, додека било паркирано во дворот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

