Црна хроника
Љубе Бошкоски не даде одбрана зашто се плашел од обезбедувањето на обвинителката
Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски не даде одбрана пред судот за случајот „Ровер“, односно за помагањето во убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година.
Атмосферата во судницата беше тензична и исполнета со расправии меѓу Бошкоски и обвинителката.
Тој објасни дека не можел да даде одбрана бидејќи не го разбирал обвинението, кое го нарече конфузно и фатаморгана, бидејќи не успеал да се консултира со својот адвокат Константин Кратовалиев, не примил дневна терапија и затоа што не се чувствувал безбедно во судницата.
„Обвинителката на Хашкиот трибунал Карла дел Понте нема толку обезбедување колку што гледаме околу обвинителката. Не знам од кого се брани обвинителката, освен судската полиција не треба да има други вооружени лица во судницава. Ако јас ја изнервирам обвинителката може да пукаат, се плашам за мојот живот. Вооружените лица ми сметат и ме возбудуваат“ рече Љубе Бошкоски.
Обвинителката, која ја обезбедуваат две лица, побара од судот да утврди дали стравот на Бошкоски е постојан или моментален и му рече на Бошкоски, дека освен двајцата нејзини обезбедувачи, вооружена била и таа, но со документи.
Во судницата започнаа расправии и меѓусебни обвинувања и Бошкоски побара од судот да утврди дали обвинителката носи пиштол во нејзината чанта.
„Не можам да дадам изјава додека има вооружена обвинителка“ рече Бошкоски.Процесот што се води против него го нарече „полициско-обвинителски монтиран“ и смета дека тој е донесен тука за отстрел, односно да се уништи до крај.
На судот му порача дека го почитува и рече дека во иднина овој ист суд треба да суди за други лица „со божја волја“.
Целиот фокус во овој процес бил ставен на него, а другите обвинети биле само колатерална штета.
Првите четворица обвинети во овој процес, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ се во бегство и се недостапни за органите на прогонот. Првите тројца се обвинети дека се извршители на убиството, додека Вукичевиќ е наведен како организатор.
Бошкоски се товари дека како министер за внатрешни работи во тоа време му дозволил на сега веќе починатиот Орце Коруновски да нарача убиство заТушевски.
Бошкоски, како што пишува во обвинението, бил во добри односи со Коруновски, а тој пак, имал недоразбирања со Тушевски во врска со стриптиз барови и дискотеки.
Поранешниот министер за внатрешни работи се товари дека заедно со свои блиски луѓе, меѓу кои и шефот на обезбедувањето Зоран Трајковски, помогнале да не се откријат сторителите на двојното убиство.
Обвинетиот Сашо Јовановски Тупан кој, според обвинението им кажувал на извршителите каде се наоѓа Тушевски и каде да се движат, рече дека со Орце Коруновски се познавал преку негов школски другар и дека критичната вечер иако бил тазе женет бил со друга девојка во кафулето Панта Реи во Капиштец.
Тој негираше било каква вмешаност во случајот. Шестообвинетиот Ивица Ристиќ, кој се товари дека ги изнел од Македонија извршителите на убиството преку нелегален граничен премин, се бранеше со молчење.
Марјан Тушевски и Кире Јанев беа убиени на 10-ти јули 2001 година. кога излегувале од кафулето „ЗУ“ во скопската населба Капиштец. Прво со 11 куршуми беше убиен Тушевски, а потоа напаѓачите пукале и кон Киро Јанев кој се обидувал да избега. За овој случај одговараат 15 лица, а четворица од нив се во бегство./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Ја претепал сопругата: уапсен охриѓанец
Синоќа во 19:15 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода Д.С.(40) од Охрид.
Полицијата постапила по претходна пријава дека тој во семејниот дом физички ја нападнал неговата сопруга.
По целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсен 25-годишник од Берово: пијан и без возачка управувал противправно одземено возило, а се обидел и да избега од полицијата
Ноќеска во 01:15 часот на улица „Индустриска“ во Берово, полициски службеници од ОВР Берово го лишиле од слобода 25-годишниот Е.Џ. од Берово. Лицето било затекнато при управување на моторно возило кое претходно било противправно одземено на подрачјето на Берово, а по даден знак за запирање се дало во бегство.
По преземени мерки и активности, истото било сопрено и лишено од слобода, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „oдземање на моторно возило“ по член 242 став (1) од КЗ на РСМ.
При лишувањето од слобода извршено е алкотестирање, при што биле измерени 1,96 промили алкохол во крвта. Исто така, било констатирано дека лицето управувало моторно возило без да поседува важечка возачка дозвола, со што постои основано сомнение дека е сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од КЗ на РСМ.
За настанот е известен надлежен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсен Србин, криумчар на мигранти: во неговото возило превезувал пет лица од Египет и едно од Палестина
Ноќеска во 01:40 часот на автопатот Гевгелија – Скопје, на место викано „Авлаќот“ во Гевгелија, полициски службеници го лишија од слобода 30-годишниот М.П. од Република Србија.
Полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „опел астра“ со српки национални ознаки, кое го управувал, при што биле пронајдени шест лица мигранти, од кои пет лица од Египет и едно лице од Палестина.
Тој бил предаден на полициски службеници во ОВР Гевгелија за понатамошна постапка, додека мигрантите биле сместени во Прифатно – транзитен центар „Винојуг“ – Гевгелија.
За настанот бил известен надлежен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

