Црна хроника
Кратко по стартот, се одложи судењето за Монструм
Главниот претрес за случајот Монструм се одложи за почетокот на јануари, откако судот го прифати барањето на адвокатите на обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро да направат увид во списите на предметот.
Обвинителката Гордана Гешковска рече дека адвокатите и обвинетите досега имале можност да направат увид во доказниот материјал, но од нивна страна немало никаква иницијатива и барањето на адвокатите го оцени како одолговлекување на постапката.
Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи изјави дека не е точно дека одбраната не дала никава иницијатива обвинетите да ги разгледаат списите на предметот и рече дека за време на истражната постапка му било огранично правото за увид во доказите, дека истражната постапка се водела без него.
Сепак, судијата Ивица Стефановски, го прифати предлогот на адвокатите на обвинетите и судењето го одложи за на 9-ти јануари догодина.
Рауфи тврди дека обвинителството нема докази за случајот.
„Оваа одлука на судот е резултат на нашиот предлог, на предлог на одбраната бидејќи сметаме дека увид во доказите е неопходен во случајот бидејќи во истражната постапка не ни беше овозможен. Не само што увидот не беше овозможен јас не бев запознаен кој докази се изведуваат и воопшто не присуствував на доказната постапка. Потребно е обвинетите да направат увид на доказите. Јас и понатаму тврдам дека нема докази“ рече Рауфи.
Тој е бранител и на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство, но не сакаше да коментира дали досега стапил во контакт со нив.
Законскиот застапник на семејствата на убиените, Дафинка Иванова, побара јавноста да има разбирање за неизмерната болка на семејствата на жртвите.
Се очекува на следниот претрес исказ да даде обвинетиот Агим Исмаиловиќ.
Инаку, четворица од обвинетите, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири во четвртокот претпладне со полициско обезбедување беа донесени во Кривичниот суд. Судењето се снима визуелно и тонски со две камери. Судот одлучи на двајцата обвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство, да им се суди во отсуство.
Адвокат на тројца од обвинетите е Насер Рауфи, освен на обвинетиот Рами Сејди, кого ќе го брани адвокатот Митко Солаков.
Обвинителската Гордана Гешковска го прочита обвинителниот акт, според кој сите шестмина обвинети се товарат за тероризам, освен Хаки Азири, кој се товари за помагање. Според обвинението, обвинетите имале намера со загрозување на животот и телото да создадат чувство на несигурност и страв кај граѓаните, па на свиреп и подмолен начин лишиле од живот пет лица од македонска националност. Во обвинението, освен обвинетите, се споменуваат и други непознати лица кои биле заедно со обвинетите. Како извршители на убиството се товарат Африм и Агим Исмаиловиќ и Алил Демири.
Во убиството коешто се случи на 12-ти април без причина беа убиени матурантите Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
Алил Демири, според обвинението, испукал осум куршуми од пиштол кон четирите момчиња, додека Агим и Африм Исмаиловиќ со автоматски пушки кон момчињата испукале вкупно 13 проектили. Потоа, со уште пет проектили го убиле рибарот кој сакал да избега со своето возило./крај/фф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа: кривична пријава за охриѓанка
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Р.(40) од охридското село Велгошти.
Таа се сомничи за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.
Имено на катастарска парцела во државна сопственост во атар на истото село, таа без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа. Врз основа на констатираната состојба, овластен градежен инспектор изготвил решение за нивно отстранување.

