Црна хроника
Инспектори го следеле Тушевски за време на убиството, но не ги виделе сторителите
Марјан Тушевски и Киро Јанев биле убиени додека инспекторите од Секторот за набљудување и документирање го следеле нивното движење, но никој од инспекторите не ги видел сторителите, рече во својата одбрана Милан Спасов, кој бил раководител во трета смена во Секторот за набљудување и документирање.
Toj заедно со своите колеги биле распоредени на местото каде се случило убиството.
Кога Спасов ја презел смената, неговиот колега кој ја водел втората смена, Љупчо Велиновски му пренел дека има наредба за следење на Марјан Тушевски. Спасов ги распоредил инспекторите кои биле на смена околу „Млечен ресторан“ во скопската населба Капиштец, каде што се случи убиството.
„По 30 минути Тушевски беше забележан како со уште едно лице излегува од кафетеријата. Веднаш им јавив на колегите да се движат во нивен правец и да ги прифатат“, објаснуваше Спасов.
Кога инспекторите јавиле дека го следат движењето на лицата кои се упатувале кон автомобил, се слушнало пукање. Но никој од инспекторите не ги видел сторителите.
На лице место дошле и колегите од јавна безбедност, кога инспекторите од секторот за набљудување и документирање се повлекле во својата база. Таму дошле инспектори од крвни деликти кои на лице место им зеле изјава на инспекторите од секторот за следење.
Спасов не се сеќава дека инспекторите подготвиле извештај за тоа што се случило, но за Спасов е доволна изјавата што им ја дал на инспекторите од крвни деликти.
За време на својата работа во Секторот, пред убиството на Тушевски, Спасов никогаш не добил наредба да го следи Тушевски, освен вечерта кога се случи убиството. „Не се чувствувам виновен за ниту еден елемент во обвинението за коешто се товарам“, рече Спасов.
Во исказот даден пред истражен судија, Спасов изјавил дека Зоран Трајковски, шефот на личното обезбедување на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски бил „бог и батина“, иако Трајковски бил началник на Секторот по убиството.
Во среда пред судот исказ требаше да даде и тогашниот началник на Секторот за набљудување и документирање, Никола Нигиревски, но поради труење со храна не беше способен да зборува.
Судијата Илија Трпков го смени редоследот на обвинетите кои требаше да дадат исказ. Обвинителката Раичевиќ реагираше бидејќи според неа додека Спасов давал исказ и одговарал на прашањата, неговиот адвокат му суфлирал.
Трпков ја внесе оваа забелешка на записник, на што реагираше Љупчо Веселиновски, адвокатот на Зоран Трајковски: „Се чувствувам, како обвинителката да е судија, а не вие“, му се обрати Веселиновски на судијата.
Судијата го опомена адвокатот и му рече дека таква констатација да не смее да му се повтори. Од место дофрли и Бошкоски„Треба да го прекинете овој циркус.“.
Бошкоски се товари дека како министер за внатрешни работи во тоа време му дозволил на сега веќе починатиот Орце Коруновски да нарача убиство за Тушевски. Марјан Тушевски и Кире Јанев беа убиени на 10-ти јули 2001 година кога излегувале од кафулето „ЗУ“ во скопската населба Капиштец.
Прво со 11 куршуми беше убиен Тушевски, а потоа напаѓачите пукале и кон Киро Јанев кој се обидувал да избега. За овој случај одговараат 15 лица, а четворица од нив се во бегство.//крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа: кривична пријава за охриѓанка
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Р.(40) од охридското село Велгошти.
Таа се сомничи за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.
Имено на катастарска парцела во државна сопственост во атар на истото село, таа без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа. Врз основа на констатираната состојба, овластен градежен инспектор изготвил решение за нивно отстранување.

