Црна хроника
Контрадикторни изјави меѓу обвинетите во процесот „Ровер“
Тогашниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски ме извести дека дека ќе треба да се следи лице, но не ми кажа конкретно кој, додека деталите за тоа дека треба да се следи Марјан Тушевски ми ги соопшти Зоран Трајковски, тогашен шеф на обезбедувањето на Љубе Бошкоски.
Ова во четврток во Кривичниот суд го изјави тогашниот началник на Секторот за набљудување и документирање, Никола Нигриевски кој остана на исказот што го дал во истражна постапка.
Оваа негова изјава е контрадикторна со тврдењата на Зоран Трајковски пред судот, кој тврдеше дека тогаш немал никаква врска со секторот за набљудување и документирање, не давал никакви наредби и дека Нигриевски веќе бил запознаен дека токму Тушевски треба да се следи.
Нигриевски во својот исказ рече дека од инспектори слушнал дека Трајковски наредил да не се зборува ништо за убиството на Тушевски, но не знаеше да каже кои инспектори точно зборувале така.
Адвокатот на Нигриевски, Љупчо Веселиновски, пак, тврди дека нема никаква контрадикторност во изјавите меѓу Трајковски и Нигриевски.
„Сметам дека нема контрадикторност меѓу изјавата на Никола Нигриевски и изјавата на Зоран Трајковски во насока на тоа дека Никола Нигриевски како началник бил запознаен од страна на обвинетиот Бошкоски дека треба да се следи некое лице, а сите подробности ќе му ги каже Зоран Трајковски. Сето тоа е истото што го кажа Зоран Трајковски поради тоа што тие подробности се да се следи лицето Марјан Тушевски, објектот е следен два дена, првиот ден е утврдено каде престојува, а доколку зема рекет во Скопје да се извести Нигриевски и тој да ги извести службите, во тоа време ’матките’ да го уапсат за понатамошна обработка. Сметам дека нема никаква контрадикторност“ вели Веселиновски.
Бошкоски се товари дека како министер за внатрешни работи во тоа време му дозволил на сега веќе починатиот Орце Коруновски да нарача убиство за Тушевски. Марјан Тушевски и Кире Јанев беа убиени на 10-ти јули 2001 година кога излегувале од кафулето „ЗУ“ во скопската населба Капиштец.
Прво со 11 куршуми беше убиен Тушевски, а потоа напаѓачите пукале и кон Киро Јанев кој се обидувал да избега. За овој случај одговараат 15 лица, а четворица од нив се во бегство.//крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

