Црна хроника
Седум години затвор за убиството на таксистот во Визбегово од 2004. година
По две ослободителни пресуди, првообвинетиот Имер Риза за убиството на таксистот Зоран Трајковски во Визбегово што се случи во 2004. година е осуден на седум години затвор.
Второобвинетиот Шукри Алија кој се товари за помагање, а се поврзуваше со случајот „Монструм“, односно за масакрот кај Смилковското езеро од минатата година, е осуден на десет години затвор.
Станува збор за повторено судење, откако обвинетите за овој случај Имер Риза, кој се товари за убиство и Шукри Алија кој се товари за помагање, добија ослободителни пресуди во 2005 и во 2006 за истото дело.
На претходните судења беше утврдено дека таксистот го убил Рамадан Шити, убиен во полициската акција „Планинска бура“ во Бродец во 2007 година, кој седел на задното седиште, зад совозачот.
Шукри Алија беше екстрадиран од Косово во Македонија во декември минатата година, а Министерството за внатрешни работи повикувајќи се на оперативни сознанија, дента кога Шукри Алија беше екстрадиран, соопшти дека станува збор за еден од најголемите приврзаници и идеолози на радикалниот ислам во Македонија и во поширокиот регион.
МВР не исклучува дека Шукри имал некое влијание врз сторителите на грозоморното убиство кај Смилковци.
„Досега лицето не фигурира во кривичната пријава, којашто беше поднесена од страна на МВР против осомничените сторители и помагачи во врска со грозоморното убиство на Смилковското езеро. Но, сепак, ќе се проверува неговата евентуална инволвираност и неговата евентуална улога, бидејќи не е исклучено дека имал некакво влијание врз сторителите, имајќи предвид фактот дека според оперативните сознанија фигурира како еден од главните идеолози и ментори на следбениците на радикалниот ислам во Република Македонија”, изјави на 5-ти декември Иво Котевски, портпарол на македонското Министерство за внатрешни работи.
Следниот ден, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска не ги коментираше изјавите кои беа пласирани во јавноста за поврзаноста на Шукри Алија со Монструм.
„За секое лице за кое ќе обезбедиме докази дека сторило кривично дело, без размислување ќе поднесеме кривична пријава. МВР не ги коментира медиумските прилози, односно слободата на уредувачката политика на медиумите, МВР поднесува кривични пријави врз основа на докази за сторено кривично дело. Ние ниту од поднесувањето на кривичната пријава до денес немаме нешто ново што би сметале дека треба да додадеме или да смениме“, изјави Јанкулоска.
Името на Алија Шукри се споменуваше и во 2005 година, како еден од учесниците во внатрешните пресметки во исламската верска заедница, како дел од групата која ги претепа имамите во џамијата во Кондово, обидувајќи се да внесат радикални елементи во исламската религија. За овој случај има правосилна пресуда , но за ова дело ќе има повторно судење бидејќи бил осуден во отсуство./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Бил агресивен кон неговата сестра па нападнал полицајци: кривична пријава за 27-годишен тетовец
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(27) од Тетово.
Тој се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Имено на 05.01.2026 пред угостителски објект, пријавениот агресивно се однесувал кон неговата сестра, а подоцна во угостителскиот објект физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.
Црна хроника
Измамена тетовка: платила за работна виза за Германија, останала без виза и без пари
Синоќа во 20:00 часот во СВР Тетово, 32-годишна жена од Тетово пријавила дека била измамена од едно лице од Тетово за сума од 3.000 евра.
Според пријавеното, во текот на 2024 година, таа се договорила со лицето да ѝ посредува за добивање работна виза за Германија и притоа парите му ги исплатила во неколку наврати.
Како што е пријавено, услугата не била извршена, а кога стапила во контакт со него и си ги побарала парите, започнал расправија, а подоцна бил недостапен.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Црна хроника
Четворица приведени за пожарот на „ланд роверот“ во Струмица, при претреси пронајдена дрога
Полицијата ги приведе Д.Г. (19) од селото Секирник, Р.П. (38) од село Владевци, А.Т. (26) од село Еднокуќево и К.Г. (19) од Струмица, поради сомнение дека се можни сторители на кривично дело поврзано со пожар на паркирано возило „ланд ровер“, пријавен во Струмица, соопшти МВР.
На 22 февруари, врз основа на судски наредби, извршени се претреси во домовите на Р.П., А.Т. и К.Г. При претресот во домот на Р.П. биле пронајдени остатоци од марихуана, во домот на А.Т. била пронајдена кафеава грутчеста материја за која изјавил дека е хашиш, додека кај К.Г. биле пронајдени делови од облека за кои постои сомнение дека ги носел при извршување на делото, сооппти МВР.
За преземените мерки е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

