Црна хроника
Италијанци се обидел да прошверцуваат 12 кг марихуана на Ќафасан
Царинските службеници на граничниот премин Ќафасан спречија обид за влез на 12 кг марихуана од страна на италијански државјани, соопшти во саботата на Царинската управа на Македонија.
Во петокот попладне, за влез во државата се пријави автомобил Алфа Ромео со италијански регистарски таблички, управувано од италијански државјанин со иницијали Р.Н. (45) кој патувал заедно со уште еден италијански државјанин со иницијали В.М. (32). На прашање на царинскиот службеник дали имаат нешто да пријават за царинење, лицата одговориле негативно додавајќи дека одат на одмор во Македонија, а потоа и во Бугарија.Царинскиот службеник одлучил да изврши рутинска контрола и во моментот кога ја отворил задната врата на возилото почувствувал необичен мирис, поради што веднаш одлучил да изврши детален преглед на патниците и на возилото. Притоа, на различни места во возилото (во багажниот простор, под задната шофершајбна, во двете предни поткрила, позади задното седиште, во предната внатрешната конзола помеѓу менувачот и вентилацијата, како и во просторот под хаубата во делот за вентилација под предната шофершајбна пронајдени се вкупно 24 пакувања со растителна тревкаста материја со зелена боја, облепени со алуминиумска фолија, најлон и самолеплива лента за која со тестирање за дрога е утврдено дека станува збор за марихуана, во вкупна количина од околу 12 кг. Сторителите и марихуаната беа предадени на царински инспектори од Одделението за истраги заради превземање на понатамошни предистражни дејстивија. Од спроведената предистражна постапка, собрани се докази кои укажуваат дека осомничените заедно со уште едно лице, албански државјанин, на 08.05.2013 на аеродромот во Тирана се запознале со тројца албански државјани кои им понудиле да им продадат марихуана. Откако ја прифатиле понудата, заедно со новите познаници се упатиле кон некое планинско место оддалечено на половина час од Елбасан каде ја набавиле дрогата и ја сокриле во возилото. Осомничените имале намера преку Македонија, Србија, Хрватска и Словенија повторно да се вратат во Италија и таму да ја продаваат марихуаната, но при обидот биле откриени од страна на царинските службеници.Марихуана со ваков квалитет во големопродажба на нарко пазарите во Европа би достигнала цена во износ од околу 30 илјади евра, но доколку би се продавала на мало и до 100 илјади евра. Против сторителите, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, а сторителите се изведен пред надлежен истражен судија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец осомничен за семејно насилство, предложен притвор
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„Осомничениот 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, при вршење семејно насилство, со умисла телесно ја повредил неговата вонбрачна партнерка.
Додека оштетената ја подготвувала да ја однесе во градинка нивната ќерка, тој најпрво започнал вербална расправија, а потоа со лажица за облекување чевли, во повеќе наврати ја удрил во пределот на главата.
Жртвата се повлекла во спалната соба од станот, каде осомничениот насилно ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, почнал да ја плука по лицето и со неколку удари со бокс во главата и телото и нанел телесни повреди – контузија и хематоми.
Јавниот обвинител го имаше предвид фактот дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но потоа го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, заради обезбедување на присуството на осомничениот во текот на кривичната постапката и особено заради заштита од понатамошни насилни однесувања кон оштетената, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, стои во соопштението на Обвинителството.
Црна хроника
Истрага за полов напад и уцена на девојче во липковско
Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за 2 лица за кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1, а едниот од нив е осомничен и за кривично дело – Уцена согласно став 259 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
„Првоосомничениот, спротивно на јасно изразена волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка во липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.
Потоа жртвата ја уценувал дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати 20.000 евра.
Девојчето било принудено да зема пари од дома без знаење на родителите и да позајмува од други лица, па во повеќе наврати му ги давала парите на првоосомничениот.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени кои се лишени од слобода.
Основното јавно обвинителство Куманово продолжува да презема истражни дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

