Црна хроника
„Керозин“: Првообвинетиот Пецов тврди дека неговото семејство не е банда
Не постои човек што формирал семејство за да направи банда од него или злосторничко здружување, тврди првообвинетиот во случајот „Керозин“, Ангел Пецов, во понеделник, на првото рочиште.
Првообвинетиот, сопственикот на „Алма комерц“ Ангел Пецов ги отфрли кривичните дела што му се ставаат на товар, истакнувајќи дека тој и неговата фамилија не се злосторнички здружени, пренесе Академик.
„Не верувам дека постои човек кој би формирал семејство со намера од него да создаде банда и злосторничко здружување. Ние не сме злосторничка група“, истакна тој.
Првообвинетиот неколку часа го објаснуваше работењето на фирмата „Алма – комерц“ ДООЕЛ Неготино, но и фирмата„ ОИЛ Интернејшенел“ која исто така била во негова сопственост, а според обвинителството била формирана да учествува во постапките за јавни набавки. Дециден е дека преку неговата фирма и другите наведени правни субјекти во обвинителниот акт, не биле сторени кривични дела.
„Фирмата која учествуваше на јавниот повик не е отворена со цел да се изиграат правните прописи“, рече Пецов.
Оправдувајќи ја економската исплатливост во однос на ниските цени на нафтата кои биле нудени на тендерите, рече дека за одредени економско-стратешки цели биле спремни „да работат и на нула“.
Според него, не се основани ниту тврдењата дека до јавните институции биле доставувани помали количини нафта од договореното, а како што истакна, тоа го докажувало и вештачењето.
„Ќе се докаже дека ние уредно сме ги извршувале обврските кон нашите клиенти“, порача првообвинетиот.
Обвинението, освен Пецов, неговата сопруга и син, ги опфаќа и испорачателите на нафтата, но и магационерите на оштетените институции, кои биле задолжени да вршат прием или контрола на испорачките.
Обвинетите се товарат за повеќе кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, фалсификување на исправа, перење на пари и други приноси од казниво дело, даночно затајување, и давање и примање поткуп.
Измамата била направена на тој начин што се користеле идентични цистерни на кои им биле заменувани табличките, односно оние со нафтата која требала да биде испорачана се заменувале со други, кои имаат помалку нафта од потребното, се наведува во обвинителниот акт.
Според полицијата, за да го продаде неиспорачаното гориво, „Алма – комерц“ соработувала со фирми од Косово и Бугарија кои им издавале фиктивни фактури за испорака на гориво.
Се калкулира со бројка од 150 оштетени јавни институции, меѓу кои министерства, општини, здравствени установи, градинки. Според наводите на МВР, Буџетот бил оштетен за речиси два и пол милиони евра.
Поради доцнење на спроводот на обвинетиот, рочиштето почна со доцнење од два часа./крај/а/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена пријавила дека партнерот ја нападнал и ѝ го одзел телефонот, оштетено и нејзиното возило во Кисела Вода
Вчера околу 20:50 часот, 31-годишна жена пријавила во полицијата дека била физички нападната од нејзиниот партнер Љ.З. во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал, ѝ упатил закани користејќи остар предмет, а подоцна и го оштетил нејзиното возило со тврд предмет, додека било паркирано во дворот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

