Црна хроника
Вкупно 22 лице убиени во Македонија во минатата година
Вкупно 20 кривични дела „убиство“, при што се лишени од живот вкупно 22 лица, регистрирани се во текот на 2013 година на територијата на македонија, покажуваат статистичките пдоатоци на МВР, објавени во неделата.
Бројот на убиствата со години наназад е во континуирано намалување, а толку мал број на убиства не се регистрирани ниту еднаш во последниве 25 години, наведуваат од МВР.Во споредба со 2012 година, кога беа регистрирани 28 дела, лани намалувањето изнесува 29 проценти. Инаку, најголем број убиства досега е регистриран во 2003 година – 75. Од минатогодишните кривични дела “убиство“ повеќето се извршени на подрачје на Скопје – осум, потоа по две во Штип, Тетово и Куманово и по едно во Радовиш, Кратово, Велес, Демир Хисар, Гостивар и Кавадарци. По преземени мерки досега се расветлени 15 убиства, а се уште останаа нерасветлени пет убиства, сите извршени на подрачје на Скопје.Според начинот на извршување, најголем број, односно 12 се извршени со пукање од огнено оружје (пиштол-пет, ловна пушка-четири и автоматска пушка-три), потоа, три убиства се извршени со употреба на тврд предмет, две со употреба на нож, по едно со секира и физичка сила, додека едно убиство е извршено со употреба на стап и физичка сила.Жртви на овие кривични дела биле 22 лица, од кои 15 од машки и седум од женски пол. Во два случаи се работи за двојни убиства, односно лишени се од живот по две лица. Според возраста, најгоме број од убиените-шест биле на возраст од 41 до 50 години, потоа по четири на возраст од 18 до 30, 31 до 40 години и над 60 години, две жртви биле на возраст од 51 до 60, едно лице било дете, а за едно лице кое е странски државјанин-мигрант не е утврдена точната возраст. Притоа најмладата жртва годинава било осумгодишно дете, кое е убиено од страна на неговиот татко, додека најстарата жртва е 71-годишна старица усмртена од нејзиниот син.Како сторители на 15-те досега расветлени убиства се јавуваат 18 лица, сите од машки пол, при што 13 од убиствата ги извршиле поединци, едно убиство е извршено од три лица, а при извршување на едно убиство, на сторителот му помагало уште едно лице кое е пријавено за кривично дело „помагање“. Инаку, по извршување на четири убиства, сторителите си го одзеле животот (три од овие убиства се извршени во кругот на семејството од блиски роднини на жртвата). Според возраста, по пет сторители биле од 18 до 30 години и од 41 до 50 години, четворица на возраст од 51 до 60 години, тројца од 31 до 40 години, додека еден е на 73-годишна возраст.Што се однесува до мотивите за извршување на убиствата, најголем број од нив, односно седум се извршени во кругот на семејството, поради нарушени меѓусемејни односи (тројца татковци лишиле од живот два сина и една ќерка, син-мајка, сопруг-сопруга, едно братоубиство, а едно лице, кое било психички растроено си ги убило својата мајка и сестра). Понатаму, две убиства се извршени заради поради претходно настанати расправии, по едно заради нарасчистени имотно-правни односи помеѓу соседи, при извршување на разбојништво и на кражба. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

