Црна хроника
МВР го расчисти инцидентот кај Бит Пазар, дел од напаѓачите во притвор
Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи во соработка со Јавното обвинителство спроведе полициска акција за апсења на лица кои биле инволвирани во предновогодишните инциденти на Бит Пазар кога група граѓани ги нападнаа полициските службеници во обид да ги спречат во намерата да запленат поголема количина пиротехнички материјали и петарди, соопштуваат од МВР.
Кривична пријава заработија лицата Н.А.(28), С.С.(32), А.Е.(37), С.А.(37), С.А.(32), Е.С.(37), М.Ш.(40) и Џ.Ф.(37), сите од Скопје, поради основано сомневање дека на 29. 12. 2013 во непосредна близина на пешачкиот мост на Бит Пазар, Н.А. со нож прободел полициски службеник, а другите седуммина пријавени спречувале полициски службеници на Единицата за прв одговор и интервенција-АЛФА во вршење на службени дејствија, стои во соопштението на МВР.
Од страна на Судија на Н.А. му е изречена мерка притвор за сторено кривичното дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, а лицата С.С., А.Е., С.А. и С.А. се товарат за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ за што и нив им е одредена мерка притвор.
За истото кривично дело на Е.С., М.Ш. и Џ.Ф. им се изречена мерка внимателност.
Во предновогодишната акција на полицијата за запленување на пиротехнички материјали и петарди со цел спречување продажба на истите полициски службеници на Единицата за прв одговор и интервенција АЛФА привеле две лица кои биле затекнати како на улица нелегално продаваат пиротехнички средства, а во моментот кога лицата биле ставени во едно службено возило, за кратко време се собрала толпа од 500 до 700 луѓе, кои ја блокирале улицата во непосредна близина на аптеката „Зегин“, со што го оневозможиле движењето на полициските службеници.
Во толпата биле сите пријавени, при што А.Н. со физичка сила прво почнал да турка еден полициски службеник, а потоа извадил метална палка и го удрил во пределот на коленото, а другите седуммина пријавени спречувајќи ги полициските службеници во вршењето на нивната должност, овозможиле на толпата да ја земе запленетата пиротехника и да ги ослободи двете лица, кои претходно биле лишени од слобода.
Полицискиот службеник кој бил влечен и туркан од толпата испукал два проектила во воздух за предупредување. Тогаш, А.Н. се повлекол и извадил нож, со кој на полицискиот службеник му нанел убодна рана во задниот дел од бутот, по што службеникот испукал уште два куршума во воздух за да го одбие од себе напаѓачот и масата.
По предупредувачкото пукање од полициските службеници, како и со доаѓањето на седум тимови на Единицата АЛФА на местото на настанот, ситуацијата била ставена под контрола, а толпата почнала да се повлекува низ пазарот и околните улици на Старата скопска чаршија.
Сите пријавени и до сега и биле познати на полицијата како сторители на деликти проследени со насилство, недозволена трговија со оружје, фалсификување пари и имотни деликти за што од надлежен Суд им се изречени затворски казни, а на С.С. и С.А. им се изречени условни казни затвор за недозволена трговија со пиротехнички средства, информираат од МВР./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

