Црна хроника
Запленети 12 кг марихуана и 7.500 кутии цигари
Дванаесет килограми марихуана и 7.500 кутии цигари заплени полицијата во две одвоени акции во среда на источната и северната граница во делот на Делчево и Танушевци, при што беа приведени вкупно четири лица од кои еден е бугарски и тројца македонски државјани, соопшти во четврток портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски.
Имено вчера по претходни сознанија дека криминална група планира криумчарење на дрога кај месноста викана Локвите на државната граница со Бугарија, била поставена заседа, вклучувајќи и сигнални фото – апарати за детекција и фото-сигнализација на движење на овие патишта.
Околу 04.00 часот, утрината, на еден од поставените фото-апарати бил добиен фото-сигнал при што на фотографијата биле забележани две лица како со ранци се движат во правец кон државната граница. Кратко после тоа, од бугарска територија кон нив започнале да се придвижуваат две лица кои навлегле десетина метри во македонска територија. Тогаш реагирала полицијата, а при приведувањето едното од лицата било совладано, а другото успеало да избега во Бугарија, сокривајќи се во шумските предели.
Очекувајќи ги и македонските државјани кои што претходно биле фатени на фото-апаратот, а се уште не пристигнале на криминалната размена, патролата поставила заседа за нивно апсење. По неколку минути, на местото на заседата, од македонска страна се доближиле две лица со две патни торби. Во еден момен се посомневале дека не е се во ред со размената и започнале да бегаат во правец кон шумските предели кон внатрешноста на Македонија, но полициските службеници веднаш реагирале и со трчање започнале да ги бркаат бегалците.
Набргу лицата биле стигнати, совладани и приведени. За време на бегањето, истите од себе ги фрлиле патните торби што ги носеле. Откако биле пронајдени, полицијата извршила увид во торбите при што биле пронајдени десет пакувања со марихуана односно вкупно 12 килограми дрога со висок квалитет која при продажба на нарко пазар на големо во Бугарија би достигнала цена од околу 50,000 евра.
По извршеното легитимирање на уапсените било утврдено дека се работи за двајца жители на село Град на возраст од 30 и 36 години и бугарски државјанин од Благоевград на возраст од 43 години. Од разговорите е утврдено дека еден од македонските државјани остварил неколку средби со бугарските партнери од кои добил инструкции дека треба да преземе марихуана во близина на Делчево и истата за паричен надомест од 500 евра да ја пренесе до границата и да им ја предаде.
Против нив е поднесена кривична пријава за „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”.
Во вториот реализиран случај, до Основното јавно обвинителство за гонење на Организиран криминал – Скопје, поднесена е кривична пријава против 25 годишно лице од село Брест, Скопје, поради постоење на основано сомнение дека извршило кривично дело „криумчарење”.
Имено по претходно добиени оперативни сознанија за лица и возила со кои се вршат криумчарење цигари од Македонија кон Косово, во координирана акција било сопрено возило со скопски регистарски таблички во кое се пренесувало поголемо количество акцизна стока – цигари. Акцијата бил реализирана на локалниот пат од село Бродец кон село Танушевци, во близина на чешмата над викенд населбата Бродец.
Таму било забележано возило „голф” кое не застанало на даден знак од страна на инспекторите, туку ја зголемило брзината на движење и продолжило кон село Танушевци. Возилото било сопрено на месноста викана Раскрсница на оддалеченост од околу два километри од државната граница со Косово, а при извршениот преглед на задните седишта и во багажниот простор од возилото биле пронајдени 7.500 кутии цигари кои, како што рекол уапсениот, ги набавил од лице во село Арачиново.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

