Црна хроника
Царината минатата недела заплени златен накит, девизи, цигари, очила, фалсификати…
Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани златен накит, девизи, цигари, рачен и електричен алат, брусна хартија, електроинсталациони материјали, делови од индустриски машини, авто стакла, мобилни телефони, очила со диоптер и фалсификати.
На скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на македонска државјанка која допатувала со лет од Загреб биле откриени 18 парчиња златен накит со вкупна маса од 690 грама (синџири, нараквици со циркони и лири, прстени, ѓердани, обетки и брошеви). Накитот е пронајден во една кутија и еден несесер, сместени во рачната ташна на патничката.
При детален преглед на патничко моторно возило со грчки регистарски таблички, управувано од албански државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Богородица биле откриени 21.200 евра.
Во преградата за лични работи на возилото, царинските службеници откриле 31.200 евра, од кои 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, му се вратени на патникот.
На граничниот премин Блаце, при контрола на патничко возило со косовски регистарски таблички, управувано од косовски државјанин, пријавено за влез во државата биле откриени 7.000 евра. Во внатрешен џеб од јакна, сместена во багажниот простор на возилото, цариниците пронашле плик со 17.000 евра, од кои 10.000 евра му се вратени на патникот.
На скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонски државјанин, кој пристигнал со лет од Швајцарија, биле пронајдени 20.000 швајцарски франци, од кои 12.000 франци – противвредност на 10.000 евра му се вратени./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Угинато куче со пена на уста најдено на улица во Кавадарци, ќе постапува обвинител
Угинато куче било пронајдено доцна синоќа на улица во Кавадарци, по насока на јавен обвинител телото било однесено на обдукција, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи – Велес.
– Синоќа во 22:15 часот во ОВР – Кавадарци, од Здружението за заштита на животни било пријавено дека на улица „Димката Ангелов – Габерот“ во Кавадарци има мртво куче со пена на устата. По насока на јавен обвинител, телото на кучето било подигнато од ветеринарен лекар и однесено во ветеринарна станица за вршење обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопштија од СВР – Велес.
Црна хроника
10-годишно девојче тешко повредено од заталкан куршум во Глумово
Десетгодишно девојче од скопското село Глумово вчера било повредено од заталкан куршум. Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што е пренесено, лекар констатирал тешки телесни повреди во пределот на ногата.
За случајот, кој бил пријавен вчера околу 16 часот во СВР Скопје, денеска информира Министерството за внатрешни работи во дневниот билтен.
-На 31.01.2026 околу 16:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во двор од куќа во с.Глумово, Скопско, од заталкано зрно било повредено 10-годишно девојче, во пределот на ногата, по што било пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде од страна на лекар констатирани му биле тешки телесни повреди, информира МВР.
Министерството за внатрешни работи презема мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Охриѓанец приведен откако со дрвен предмет и нож нападнал сограѓанин
Полициски службеници од СВР Охрид синоќа, на 31 јануари 2026 година во 23:20 часот, го лишиле од слобода Г.А. (49) од Охрид, по пријава за насилен инцидент што се случил на улицата „Марко Нестороски“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осомничениот најпрвин со дрвен предмет го нападнал Р.С. (40) од Охрид, по што извадил нож и замавнал кон него. Со брза интервенција на полицијата, напаѓачот бил приведен, со цел спречување на понатамошна ескалација на насилството.
По целосно документирање на настанот, против Г.А. ќе биде поднесена соодветна пријава, согласно законските прописи.

