Црна хроника
Тројца повредени во вооружен грабеж на златара во Струга
Три лица се повредени при вооружен грабеж што во средата попладне се случил во центарот на струшката чаршија, во златарата „Циркон“, јави охридското „Супер радио“.
Очевидците кои во моментот биле во близина на местото на настанот велат дека сликата и целиот настан бил како во некој криминалистички филм. Се слушале истрели од огнено оружје насекаде околу златарата.Дежурниот лекар од струшката општа болница во хируршкото одделение вели дека биле донесени три повредени лица, кои се надвор од животна опасност.„Околу 18 часот и 40 минути во хируршката амбуланта при Општата болница Струга беа донесени три повредени лица. Едниот беше повреден од огнено оружје во пределот на скочниот зглоб во левата нога, а има и една перфорантна рана над тендинус акили, која има влезна и излезна рана и неколку проектили кои се приметуваат на рендген снимката. Другите двајца се повредени со кундакот од пиштолот. Еден е повреден во пределот на челото на паријаталниот дел од десната страна, а другиот е во процесус мастуидиус на темпоралната коска. Се жалат на болки и вртоглавица, по што им е дадена соодветната помош и се вон животна опасност“, изјави Берат Лени – хирург во Општата болница во Струга.Потешко повредениот со прострелна рана е префрлен во Специјалната болница на ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид.Како што првично потврдуваат од СВР- Охрид во инцидентот учествувале три вооружени лица со фантомки на глава.„Во златарницата влегле најмалку три лица, сите маскирани со капи фантомки, а едно од нив носело и огнено оружје. Тие одзеле поголемо количество злато, но и пари, а потоа се вдале во бегство. Потешко е повредено едно лице“, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.Настанот се случил во период кога струшката чаршија е преполна со граѓани, се наведува во извештајот на „Супер радио“. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.
Црна хроника
Возач на комбе не забележал човек зад возилото, го удрил и тешко го повредил
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 30 јануари 2026 година, околу 16:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на објект во изградба на подрачјето на Ѓорче Петров се случила несреќа со тешки последици.
Според пријавата, М.Д., управувајќи товарно возило – комбе, при движење наназад не го забележал Д.З. (51) од Скопје, кој се наоѓал покрај ограда зад возилото, при што го удрил. Повредениот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

