Црна хроника
Масакар во Њу Брунсвик во Канада
Тројца полициски службеници се убиени, а двајца се ранети во вооружен инцидент, редок за Канада, кој се случи во провинцијата Њу Брунсвик, во Монктон, на западниот брег од земјата, изјавиле утрото во четвртокот полициски функционери кои истакнале дека сé уште трагаат по извршителот.
Локалниот полицаец, Дамиен Терио, изјавил дека полицијата стигнала на местото по претходен повик кој го добила во средата околу 19 часот и 30 минути по локално време.
„Сé уште трагаме по човекот кој отвори оган”, истакнал Терио и додал дека извршителот најверојатно сé уште е во Пајнхарст, дел од Монктон, во кој се случил инцидентот.
„Ги повикуваме жителите да останат во своите домови и да се заклучат, а останатите да останат настрана од оваа област”, било наведено од полициската служба.
Терио истакнал дека лично ги познавал тројцата убиени полициски службеници, и се расплакал за време на конференцијата со новинарите.
Осомничен за убиството е 24-годишниот Џастин Бурк од Монктон, каде живеат околу 69 илјади жители и кој се наоѓа на околу 150 километри североисточно од Сент Џон, главниот град на провинцијата Њу Брунсвик.
Полициските служби на „Твитер” објавиле фотографија од осомниченото лице, на која тој носи маскирна униформа, како и два пиштола.
Еден градежен работник просведочил дека го забележал убиецот од далечина, облечен во маскирна униформа, како стои на средина на улица и држи пиштол вперен во полициските возила.
Тогаш работникот мислел дека станува збор за полицаец сé додека човекот со пиштолот не почнал да пука. Работникот потоа брзо се повлекол во својот дом и останал таму со своето семејство, а еден негов комшија потоа напишал на социјалната мрежа дека еден од куршумите залутал во прозорот од неговата куќа.
Според зборовите на градежниот работника, во неговата мирна улица ретко кој во средата спиел. Според него сите чекале информација дека убиецот е уапсен.
Веста дека се убиени повеќе полициски службеници го шокирала ова инаку мирно населено место.
Полицијата блокирала неколку улици,а сообраќајот бил пренасочен.
Полициските служби додаваат дека ваков инцидент на насилство е многу редок во Канада, особено на нејзиниот источен брег.
Најжестокиот напад врз канадската полиција во последните 120 години се случил во 2005 година, во западната провинција Алберта. Во овој инцидент биле убиени четворица полициски службеници./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

