Црна хроника
Случај Монструм: Одбраната ги отфрли обвинувањата и побара ослободителна пресуда
Адвокатите на седуммината осомничени за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12-ти април во 2012 година ги отфрлија обвинувањата и побараа ослободителна пресуда.
Одбраната во судскиот процес за случајот познат како „Монструм”, во кој седум лица се осомничени за тероризам и за соизвршителство, во четврток (5. јуни) во Основниот суд 1 Скопје ги даде завршните зборови. Четворицата адвокати побараа ослободителна пресуда и нагласија дека обвинителниот акт се базира на претпоставки и дека обвинителството нема докази дека осомничените се извршители на петкратното убиство.
Адвокатот Насер Руфи рече дека уште од притворувањето на осомничените во мај, 2012 година тие биле етикетирани како „убијци” и „монструми” со што била нарушена пресумпцијата на невиност, како од страна на одредени медиуми, така и од страна на некои институции.
Во неговите, како и во завршните зборови на останатите тројца адвокати Митко Солаков, Ѓорѓи Настевски и Асми Алиспаѓиќ повеќе пати беше повторен исказот на четворица сведоци кои на денот на убиството виделе луѓе кај Смилковското езеро, а кои категорично отфрлиле дека осомничените биле тие лица. Руфи голем дел од своите завршни зборови посвети на загрозениот сведок Е1, односно неговото сведочење, кој во исказите тврдеше дека на денот на убиството, како и неколку денови пред тоа ги видел осомничените кај местото на злосторството. Руфи рече дека сведокот пет пати давал различни и нелогични контрадикторни изјави.
Исто така, Руфи во опсежните завршни зборови кои ги читаше речиси час и половина, рече дека нема директни очевидци на егзекуцијата, како и вербален доказ за наводниот договор меѓу осомничените за извршување на убиство, со што, рече, целиот обвинителен акт во недостиг на докази се базира на претпоставки.
Во врска со видео материјалите со радикално екстремистичка содржина пронајдени во запленетите компјутери на осомничените, одбраната рече дека тие немаат никаква врска со кривичното дело и дека тие видеа се достапни секому на Интернет.
Осомничените Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Сами Љута, Рами Сејди и Хаки Азири се изјаснија за невини и ги отфрлија обвинувањата. Во Монструм се осомничени и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во притвор во Косово.
На судењето беа присутни членови само од семејствата на обвинетите, но не и на жртвите.
Обвинителството во завршните зборови што ги даде пред судот на 30-ти мај побара најстрога казна за осомничените.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Комбе удри пешак во Скопје, со тешки повреди е пренесен во болница
Вчера околу 14:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на бул.„Борис Трајковски“ во Скопје, товарно возило „фолксваген кеди“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(21) од Скопје, удрило во пешакот З.С.(56) од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Старица паднала од автобус, па била прегазена
Вчера околу 12:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, автобус „мерцедес“, управуван од В.А.(56) од Скопје, ја прегазил преку нога 72-годишната А.Б. од Скопје, откако претходно паднала од автобусот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.Б., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Топ
Во Белград уапсен Саит Саитов, кој прегази жена во Капиштец и избега
Министерството за внатрешни работи извести дека вчера биле информирани од надлежните служви во Србија дека во Белград е лишен од слобода Саит Саитов од Скопје, кој се бара со меѓународна потерница, распишана од македонското МВР, под сомнение за извршени тешки кривични дела „против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување на помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, за кривично-правен настан кој се случи во Скопје на 09.01.2026.
На Саитов му е одреден екстрадициски притвор и следува постапка помеѓу министерствата за правда на двете држави, со цел негово екстрадирање во Македонија и изведување пред лицето на правдата и негово соодветно санкционирање.

