Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Младо момче од Делчево пронајдено мртво во када

Дваесет и шестгодишно момче утринава било пронајдено мртво во када во делчевското село Стамер.
Од СВР Штип информираа дека по насока на обвинител неговото тело е предадено на обдукција.
Кај момчето немало траги на насилство.
Црна хроника
При контрола во камион и магацин пронајдена поголема количина прехранбени артикли со изминат рок на траење

Полициски службеници од СВР Куманово вчера го лишиле од слобода А. Б. (43) од село Арачиново, Скопско, затоа што при контрола во возилото „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени околу 200 килограми прехранбени артикли со изминат рок на траење.
Исто така, подоцна била извршена контрола и во магацин на улицата Индустриска во Куманово, сопственост на Б. М. (45) од с. Романовце, Кумановско, од каде што ја зел стоката, при што сопственикот признал дека е негова.
Во магацинот биле пронајдени дополнителни речиси 600 килограми прехранбени артикли со изминат рок на траење и празна амбалажа за пакување на производите.
Пронајдената стока од Агенцијата за храна и ветеринарство е прогласена за небезбеден производ. Со сопственикот на магацинот бил извршен службен разговор во полициска станица, а по целосно расчистување на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
240 казни за брзо возење

Во текот на вчерашниот ден (1.2.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање возила што се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 240 возачи.
Од нив, девет возила се движеле со над 50 километри на час повеќе од дозволената брзина, а две се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 115 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 125 надвор од населено место.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.