Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Ограбена аптека на Бит-пазар
Вчера во 19:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека во аптека на подрачјето на Бит Пазар, едно лице со закана со огнено оружје од вработената одзело пари.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Од водите на Вардар извлечено тело на машко лице
Вчера во 14:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 11:00 часот во водите на река Вардар, во атар на село Трубарево, скопско, е пронајдено и извлечено тело на машко лице.
По извршена проверка констатирано е дека е П.С.(71) од Скопје за кој на 23.12.2025 беше пријавено дека се оддалечил од домот.
Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.
Црна хроника
Уапсени мажи во Куманово и Прилеп: возеле пијани, а кумановецот предизвикал и сообраќајна незгода
Вчера во 15:45 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Д.М.(37) од с.Клечовце, кумановско. Претходно, тој на ул.„Доне Божинов“ во Куманово, со патничко возило „пежо“ со кумановски регистарски ознаки, кое го управувал, удрил во товарно возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Д.(33) од Скопје, со живеалиште во с.Љубодраг, кумановско. По преземени мерки е констатирано дека Д.М. е под дејство на алкохол, односно измерени му се 2,08 промили алкохол во крвта.
Вчера во 13:50 часот во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Т.Д.(39) од Прилеп. При сообраќајна контрола на ул.„Александар Македонски“ во Прилеп е сопрено патничко возило „фолксваген голф“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,58 промили алкохол во крвта.
Ноќеска во 01:40 часот во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Р.П.(40) од с. Веселчани, прилепско. При сообраќајна контрола на ул.„Пере Тошев“ во Прилеп е сопрено патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,53 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на случаите против нив ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.

